Вториот #EduTalks ја обработува темата колку е значајна поддршката од возрасните кај децата. Зборувавме со ЕДУИНО-амбасадорката Елена Тодоровска, професорка по предучилишно воспитание и образование во детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје.

Со неа заклучивме дека на тригодишна возраст децата сè почесто влегуваат во вербални конфликтни ситуации со своите врсници. Затоа, Елена ни раскажа како според неа родителите можат да им помогнат на децата во решавањето на овие ситуации.

„Како родители треба будно да ги следиме промените кај децата и да разговараме за секојдневните ситуации. Да им објасниме на децата дека секој од нас е посебен, но и различен, користејќи вистински примери и набљудувајќи неколку деца од околината. На оваа возраст децата не се учат на социјална компетиција преку директни инструкции, туку преку интеракција со другите и со поддршка од родителите. Децата на оваа возраст се егоцентрични и често влегуваат во меѓусебни конфликти, не со цел намерно да им наштетат на другите, туку да го добијат она што го сакаат – да ја постигнат својата цел. Затоа е важно да ги користат своите когнитивни и јазични способности и родителите да интервенираат и да постават насоки и правила како би се решила дадената ситуација. Да не се заборави дека децата учат по пат на обиди и грешки.“

Честопати во градинките и во училиштата децата влегуваат во конфликтни ситуации со цел да го добијат тоа што го сакаат – кавга за играчка, исмејување на надворешниот изглед и сл., па Елена ни раскажа како треба да се справиме со овие ситуации:

„Децата имаат потреба да следат правила, затоа што тоа им дава чувство на безбедност и сигурност. Способноста правилата да се воспоставуваат, да се следат и да се почитуваат започнува од раното детство и продолжува да се развива понатаму во адолесценцијата. За да добиеме одговор од децата за нивната кавга, треба да бидеме смирени и ние и децата. Потоа ќе поразговараме за настанот слушајќи ги децата внимателно. Убаво е да дадеме некој пример, може и кратка приказна во која ќе имаме стратегија за решавање на таа ситуација. Потоа заеднички да донесеме заклучок, да размислиме и да ги совладаме чувствата од непријатни во пријатни.“

Во разговорот Елена го искажа и својот став за тоа колку е значајно родителите правилно да го разберат однесувањето на децата во нивниот ран детски развој.

„Родителите се најважниот модел, двигател, модератор, идол за децата. Преку нивното однесување децата учат, осознаваат, дејствуваат, манифестираат. Треба да се посвети големо внимание на растот и на развојот на детето. Однесувањето на детето не е случајно, треба да бидеме свесни и навремено да ги подобруваме нашите врски и да градиме искрен однос и добри навики во воспитниот аспект.“

Следниот, трет по ред, Edu Talks ќе го посветиме на темата прифаќање на различностите кај децата на возраст од 3 до 10 години. Пишете ни на eduino@innovationlab.mk или во порака на нашите профили на Фејсбук или Инстаграм кои други теми би сакале да ги обработиме во рубриката Edu-разговори. Посочете некоја личност на која би сакале да ѝ поставиме прашања или пријавете се вие со кратки информации за вашата специјалност

 

До следното читање,

Тимот на #EduTalks