Третиот Edu Talks го започнуваме со нашиот ЕДУИНО-амбасадор Рамиз Иљази. Подготвувајќи се за приказната посветена на наставната мисија на Рамиз, договоривме состанок на платформата ZOOM.

Рамиз Иљази е роден во 1969 година на падините на Шар Планина, во живописното село Шипковица. Носталгично ни раскажа дека многу рано, на шестгодишна возраст, го изгубил татка си, кој иако бил сточар, имал голема желба неговите деца да се образоваат. Сакајќи да го оствари татковиот аманет и покрај тешките материјални услови, средното училиште го завршил во Тетово, а Вишата педагошка школа во Приштина. Математиката отсекогаш била негова пасија, воедно ја сакал и работата со деца, така што во 1992 година се вработува како наставник во соседното село Вешала, кое е оддалечено седум километри од неговата родна Шипковица. Во ОУ „Беса“, денес, со истиот елан со кој успеал да образова дури 29 генерации, предава Математика и Информатика.

Тогаш, на само 23-годишна возраст, со голем ентузијазам започнал да работи како наставник, со ученици на кои дотогаш математика им предавале наставници што имале завршено само средно образование. Наставникот Иљази во тоа време, со неговата професионална наобразба, но, пред сѐ, со инспирацијата и мотивираноста кон работата, успева да ја издигне наставата на повисоко ниво. Негова цел била учениците да ја совладаат наставната материја и да постигнат што поголеми резултати, но, пред сѐ, да ја засакаат математиката.

Речиси три децении подоцна, иако сега со многу помал број ученици поради масовното иселување, еланот да постигне што поголем резултат е голем, пред сѐ поради предизвиците со кои се соочија учениците, родителите и наставниците поради наметнатото префрлање на наставата со физичко присуство во настава од далечина. Сепак, тој вели: „Ја преферирам наставата што се одвива во училницата, бидејќи децата на тој начин многу подобро разбираат“.

Во ОУ „Беса“, со почетокот на пандемијата, неколку недели имале онлајн настава и поради тоа што во тој период не беше изработена официјална заедничка платформа, со цел на кој било начин учениците да продолжат со часовите, тој како комуникациски платформи ги користел EDMODO, VIBER и WHATS APP. Но, по изјавата на МОН дека онаму каде што има помалку од 50 ученици наставата може да се одвива и со физичко присуство, наставата продолжила на класичен начин.

Наставникот Иљази ги користи новите технологии во наставата во оние сегменти на наставната програма каде што тоа е потребно и корисно.

„Мене, како наставник што ја познава технологијата, не ми беше тешко да одржувам час и онлајн. Но, имам повозрасни колеги пред пензија, кои не ја познаваат технологијата, тие не знаат што е Teams, тешко ги прифаќаа новите методи, ним навистина им е тешко“, вели наставникот Иљази.

Доколку сакате да научите повеќе за Microsoft Teams, погледнете дел од нашите видеоупатства, а започнете со ЕДУИНО вебинарот на тема: „Практични совети и добри практики во користење Microsoft Teams“.

Кога го прашавме дали и колку им помага на колегите, се насмевна и го даде примерот со смарт-таблата, со гордост истакнувајќи дека ОУ „Беса“, прво во Тетовскиот Регион набавило вакво современо помагало во училницата. Тогаш, три дена на колегите им држел обука како да го користат софтверот што бил на македонски и на албански јазик, но помошта е континуирана и денес сѐ уште го консултираат, пред сѐ, кога треба да ги оценуваат учениците преку дигиталните платформи.

Љубопитни бевме да дознаеме колку во овие речиси 30 години, пред сѐ под влијание на новите технологии, се променија дидактичките методи. Па, така, наставникот Иљази ни раскажа дека кога наставната програма тоа го бара и го дозволува, користи апликации какви што се GEOGEBRA, DrGEO и QBRUSH (во склоп на Edubuntu), пред сѐ кога се изучува геометријата, и во тој случај учениците не мора да користат шестар или други помагала, туку употребуваат дигитални алатки.   

Неговиот проверен пристап на часот е наставникот да биде активен 30 %, а децата 70 %. Доколку само наставникот зборува, тој вели: „За мене тоа не е настава“ и додава: „Еден добар наставник треба да биде и актер, да има експресија, да може да одговори и на оние прашања што не се очекувани, да може да се приспособува“. 

Наставникот Иљази ја продолжува својата приказна и вели дека учениците многу вешто и подобро од возрасните ја користат технологијата, па додава дека повозрасните наставници потешко одржуваат онлајн часови:

„Голем проблем во нашиот регион е економската ситуација, која е многу тешка, срцето ме боли кога ќе видам дека некое дете доаѓа без тетратка на часот. Финансиските услови на родителите не се такви за да им овозможат компјутери дома.“

Колкава е посветеноста на наставникот Иљази кон професијата, зборува и тоа што тој има свој персонален блог за математика, еден е од петте ЕДУИНО-амбасадори во Тетовскиот Регион, со дури 52 снимени лекции, има повеќе сертификати и мастер обучувач титули, како и меѓународни семинари и студиски патувања, но и искуство како обучувач за мултиетничка интеграција. Неговата најдрага видеолекција што е прикачена на платформата ЕДУИНО Настава, можете да ја погледнете на следниот линк, а е од предметот Математика.

Негова најголема радост и сатисфакција е кога неговите ученици, во чија едукација вложил многу труд и, пред сѐ, љубов, ќе се образоваат и ќе станат успешни луѓе и професионалци, а притоа нема да го заборават и преку Фејсбук или Инстаграм ќе му искажат благодарност за сè што сторил за нив и за вложениот труд со кој успеал да им помогне да го променат својот живот!  

Се гордеам кога ми пишуваат: Ви благодариме, наставнику, сега имаме убава работа благодарејќи на вас“, ни вели посветениот наставник Иљази.

Наставникот Иљази преку ова интервју во нашиот блог-пост ни раскажа приказна од која сите можеме да научиме како треба да се сака својата професија и да се твори со сета љубов кон работата. Во четвртиот Edu Talks за овој месец, ќе зборуваме со следниот наш соговорник, ЕДУИНО-амбасадорката Марија Мостро на тема „Градиме личности – во тоа се гледа нашата мисија!“.

До следното читање, уживајте во постојаното учење.

Ваш, #EduTalks.