Продолжуваме со #EduTalks! Овојпат разговараме со нашата ЕДУИНО-амбасадорка Светлана Бобевска, одделенски наставник во ООУ „Блаже Конески“ од Велес.

Со Светлана разговараме за тоа колку е важно децата да се прифатат себеси како личности, да го почитуваат своето име, пол, физички изглед, етникум, место на живеење, семејна структура итн.

„Важно е детето да се прифати себеси, а различностите може да ги прифати преку игра. Тоа се доживува и се идентификува како личност и ги покажува своите способности, недостатоци и е свесно за нив. Тие можат лесно да се идентификуваат и да кажат каде учат, каде живеат, со кого живеат итн. Родителите треба секогаш да се тука за постојан поттик во социјалниот развој и детето да чувствува дека е прифатено од средината во која расте и се развива.“

Светлана ни сподели и кои игровни активности ги користи со цел да им помогне на децата да го прифатат сопствениот идентитет…

„Во мојата практика употребувам игровни активности за само ретставување преку цртање на сопствениот изглед, потоа симулации на активности од секојдневниот живот – игра ‘семејство’, игра во која децата имаат различни улоги, драматизации, активности преку препознавање на секојдневните ситуации преку гледање филмови итн.“

Во нашиот разговор дојдовме и до заклучок за тоа колку е значајно родителите правилно да го разберат однесувањето на децата во својот ран детски развој и како тие да се едуцираат, со цел подобро да ги разберат овие социоемоционалните вештини, кои се основа за правилен раст и развој.

Ставот на Светлана е дека „родителите треба да бидат рамноправни партнери со воспитувачите и со наставниците, за поттикнување правилен раст и развој на детето. Преку личен пример да го научат детето да се идентификува себеси, а преку разновидни практични игровни активности да умее да ги контролира своите емоции. Родителите се тие што прво треба да го разберат однесувањето на децата, за да можат да им помогнат и правилно да ги насочат. Како партнери, родителите придонесуваат во социоемоционалниот развој на децата, кои треба да се развиваат во здрави и успешни личности.“

Следниот Edu Talks ќе го посветиме на темата свест за себе кај децата на возраст од 3 до 10 години.Пишете ни на eduino@innovationlab.mk  или во порака на нашите профили на Фејсбук или на Инстаграм кои други теми би сакале да ги обработиме во рубриката Edu-разговори. Посочете некоја личност на која би сакале да ѝ поставиме прашања или пријавете се вие со кратки информации за вашата специјалност.

 

До следното читање,

Тимот на #EduTalks