ambassador image
Марија Богатиновска
Одделенски наставник
ООУ „Никола Карев“ – Пробиштип
Подготвувањето и снимањето на часовите за ЕДУИНО за мене претставуваше еден нов, поинаков свет, во кој постепено навлегував и почнав да уживам во него, особено откако непознати дечиња почнаа да ме препознаваат на улица, велејќи: „Мамо, ене ја наставничката од ЕДУИНО!“ Тоа се моменти што ја полнат душата и прават, едноставно, да се чувствуваш убаво.
Запознајте се со нашиот ЕДУИНО Амбасадор
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кој сте вие и како каков едукатор би се опишале?
Јас сум Марија Богатиновска, одделенски наставник во ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип. Работам десет години и можам да кажам дека за сето ова време се трудев ниту еден ден ниту еден час да не биде здодевен, едноличен и бесцелен. Јас сум едукатор што постојано се едуцира, работам на својот личен професионален развој, ги следам новитетите што се воведуваат во воспитно-образовниот процес, веднаш ги применувам во практиката, ги анализирам резултатите и ефектите од нив, правам рефлексија и изнаоѓам начини за подобрување на мојата работа. Добриот едукатор мора да биде во тек со современите образовни трендови, јасно и разбирливо да им ја пренесува материјата на учениците, да биде праведен и еднаков кон сите ученици, да воспостави добра организација и правила на однесување во училницата, но и да ги следи интересите на учениците (во согласност со нивната возраст) за да може да им се доближи и да воспостави добра конекција и комуникација со нив, за да им покаже дека ги цени и ги уважува нивните желби и интереси.
Споделете ја вашата најдобра практика во образованието, она што ве прави да бидете едукатор каков што сте денес.
Кога се подготвував за првиот работен ден, посакав да знам што сакаат учениците, што очекуваат од мене и како да го одржувам нивното внимание за време на целиот час. Веднаш си го пронајдов одговорот на моето прашање: „Шарениот час никако не може да биде здодевен!“ Така, примената на многу ресурси, манипулативи, постери, техники, експерименти, најразлични нагледни средства за време на часовите и, секако, најважното – интеракцијата со учениците, стана моја најдобра и најчеста практика, затоа што сметам дека визуелизацијата е она што останува трајно во сеќавањата. Создавањето стимулативна средина за учење е битен фактор за успешна едукација.
Која беше вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес на порталот ЕДУИНО и што им препорачувате на другите?
Како што споменав и претходно, јас сум човек што прифаќа предизвици и што сака да учи нови работи и, што се однесува до работата, никогаш не велам: „Јас не сакам“, или: „Јас не можам.“ Ме привлече самиот концепт на ЕДУИНО, тоа што имавме можност да направиме нешто што ќе остане како трајна вредност и за нашите ученици и за нашите колеги, имавме можност за размена на искуства и практики и, најважно од сè, дадовме придонес во еден исклучително тежок период, за кој никој не беше подготвен. Подготвувањето и снимањето на часовите за ЕДУИНО за мене претставуваше еден нов, поинаков свет, во кој постепено навлегував и почнав да уживам во него, особено откако непознати дечиња почнаа да ме препознаваат на улица, велејќи: „Мамо, ене ја наставничката од ЕДУИНО!“ Тоа се моменти што ја полнат душата и прават, едноставно, да се чувствуваш убаво. Затоа, ги охрабрувам колегите наставници да се вклучат во овој процес, поради тоа што со тоа се усовршуваат, пред сè, самите себе, а потоа и поради фактот дека направиле нешто добро за воспитно-образовниот процес.
Како вие како ЕДУИНО-амбасадор ја гледате иднината на образованието?
Образованието е процес што глобално се менува, мора постојано да се усовршува, да се унапредува и да се подобрува. Иднината на образованието мора да биде базирана на квалитетни наставни програми, квалитетни ресурси за работа, дигитализација и многу добро осмислена концепција, која ќе биде поддржана и прифатена од наставниците, а истовремено, ќе биде продуктивна за учениците.
Што претставува за вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО е извор на креативност, знаење, можности, различности, примена на многу техники и размена на искуства. ЕДУИНО е иновативна платформа, која моментално многу им помага, а се надевам дека и во иднина ќе им помага на учениците, наставниците, приправниците, на родителите. ЕДУИНО е шанса што во иднина можеме да ја користиме во ситуации кога, на пример, имаме отсутни ученици, за да им го олесниме учењето, за да им дообјасниме некоја содржина на учениците што потешко ја совладуваат, а исто така, и колегите приправници можат многу да научат за примената на новите методи и техники во наставата.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Иновативност.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Ќемајледин Емини
Сега имаме многу можности за унапредување на образованието, меѓутоа и барањата денес се поголеми, што значи дека работата останува приоритет за добри резултати.
ambassador image
Мирадие Бајрами
ЕДУИНО е колективен портал што беше најблиску до децата во време на пандемија, на кој учениците имаа можност да учат од дигиталните содржини.
ambassador image
Марија Мостро
Со учениците имам непосреден однос, кој се темели, пред сè, на меѓусебно разбирање и почитување.