ambassador image
Наташа Тодоровска
Одделенски наставник
ООУ „Ѓорѓи Сугарев“- Битола
Како едукатор би кажала дека сум неуморна, посветена, доследна, неисцрпно мотивирана, креативна и секогаш подготвена за следење и применување на новините во образованието.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Наташа Тодоровска, одделенски наставник во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола. Оваа година одбележав 25 години работен стаж како одделенски наставник, а воедно и се стекнав со звањето прв наставник-ментор во училиштето на што сум посебно горда. Веројатно за секој е тешко сам да се опишува и оценува каков едукатор е, претпоставувам тоа најдобро би го направиле најблиските соработници, ученици и родители од претходните и сегашните генерации. Кога би посочила неколку особини за мене како едукатор би кажала дека сум неуморна, посветена, доследна, неисцрпно мотивирана, креативна и секогаш подготвена за следење и применување на новините во образованието.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Можам да издвојам многу примери кои ме прават посебно горда во мојата работа како едукатор. Работам во училиште каде најголем дел од учениците се од ромска националност, а голем дел живеат во многу тешки услови. Голем мотив не само за мене, туку и за сите мои колеги е да направиме мотивирачка средина за учење и да овозможиме успешен излез на учениците во сите степени на образование. Секој нивни чекор напред нè прави горди. Мојата најдобра практика во образованието е што имам секогаш за цел да обезбедам сплотеност, соработка и другарување на ученици од различна националност.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Мотивацијата и посветеноста се дел од нашата природа. Духот на човекот, светогледот и визијата што ја има пред своите очи го движат напред. ЕДУИНО се појави во вистински момент, кога нам, на наставниците и учениците ни требаше голема помош како да се реализира онлајн настава, особено со оние ученици од помалата возраст кога е најважно нивното описменување. Додека ги снимате видеолекциите важно е да имате чувство дека пред вас се учениците. Јас на моменти додека ги снимав часовите очекував да слушнам и одговор преку мониторот, бидејќи целосно се внесував во презентирање на истите. Затоа и по првиот снимен час, едноставно добив желба за снимање и на втор, трет... деветнаесетти час за прво, второ и петто одделение. Како ЕДУИНО-амбасадор, на моите колеги би им порачала да станат член од големата ЕДУИНО-заедница. Затоа што ако секој од нас сними барем по еден час, ќе имаме ризница од едукативни часови кои ќе останат за многу следни генерации. Со секој снимен час ние стануваме и ментори на идните наставници.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Образованието е организам. Како што се менува општеството, расте и созрева и образованието. Во моите очи, образованието е клучната алка која директно ќе влијае на квалитетот на новото современо општество во кое секој поединец ќе може да блесне со својата индивидуалност, оригиналност и прогресивна мисла. Реформи мора да има, бидејќи секоја нова генерација на ученици и наставници има нови очекувања. Во иднина наставникот го гледам достоинствено исправен пред новите предизвици и горд на квалитетот на знаењата на своите ученици, а образованието со трајни и применливи знаења кое ќе овозможува да работат квалитетни работници на соодветни работни места.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО за мене претставува мошне корисна платформа на нов извор на знаења кој непосредно ја доближува секоја содржина до сечиј дом, до сечии очи и го менува комуникацискиот код помеѓу нас наставниците од една страна и учениците и родителите од другата страна.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Прогресивна алатка за воспоставување нова, трајна, квалитетна и иновативна настава.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Елена Ташева
За време на пандемијата максимално го искористив времето да се посветам на пишување, изработка на активности, снимање и документирање.
ambassador image
Марија Мостро
Со учениците имам непосреден однос, кој се темели, пред сè, на меѓусебно разбирање и почитување.
ambassador image
Весна Пупучовска
Научив да користам одредени алатки што претходно не ги употребував.