ambassador image
Соња Трифуновска
Одделенски наставник
ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово
ЕДУИНО го поттикна мојот креативен дух и ми го даде потребното искуство да се чувствувам денес горда на својата работа како одделенски наставник. Затоа, им препорачувам на наставниците да се придружат кон семејството ЕДУИНО и да го преточат својот потенцијал и знаење во изработка на квалитетен образовен материјал кој ќе им помогне во учењето на денешните и на идните генерации.
Запознајте се со нашиот ЕДУИНО Амбасадор
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Соња Трифуновска, работам како одделенски наставник во ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово. Желбата да станам учител ја имав во себе уште како дете, сите патеки што ги избирав во животот беа во функција на оваа моја желба. Знаев што учам точно и зошто. Таа желба ми прерасна во голема љубов кон воспитно-образовната работа и огромна волја за континуирано учење за да бидам квалитетен наставник. Во центарот на моето внимание е ученикот како индивидуа што поседува потенцијал кој треба да се развива. Мојата работа ја разбирам како мисија да пронајдам начини како да се извлече максимумот од секое дете и за таа цел избирам различни креативни пристапи во едуцирањето преку кои учењето за детето станува љубопитност, игра и истражување применливо во секојдневниот живот, а не наметната задача што мора да се изврши. Токму оваа мисла водилка ме насочи да пишувам и едукативни приказни преку кои учениците ќе се мотивираат и на самоучење. Првата моја едукативна приказна со дигитални задачи излезе од печат и е со наслов: „Петар учи за здрава храна“.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Изработката на видеолекциите за ЕДУИНО за мене беше една од најдобрите практики што ги имам во моето работно искуство како наставник, бидејќи за да го направам часот, да постигнам интерактивност со учениците и да ги мотивирам за учење, морав да осмислувам различни методи, да применувам разновидни техники и да користам повеќе дигитални алатки. Со секоја следна лекција јас бев побогата со искуство и лекциите ги правев сè подобри. Клучот да се биде добар наставник лежи во љубовта кон работата и во неговото искуство. Јас денес се чувствувам многу посамоуверено во својата работа токму поради ова искуство.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Со започнувањето на пандемијата кај себе како едукатор открив важна особина, која ми помогна да бидам неуморна во работата, а тоа е голема упорност и истрајност во сè што работам. Јас сум меѓу пионерите на ЕДУИНО, бидејќи се јавив веднаш, на првиот повик за лекции, и континуирано ги изработував, но и на првиот повик за игровни активности. Изработив 18 видеолекции за учениците од второ до петто одделение и 9 игровни активности во тандем за деца од 3 до 10 години. Снимањето на видеолекциите за мене беше голем предизвик и поле во кое можев да се искажам како креативен наставник и да придонесам за подобро одвивање на наставата на далечина. Посебно ме направи среќна тоа што со лекциите допрев до учениците во целата наша земја, стапив во контакт со многу наставници, но и со многу родители, кои искажуваа благодарност за мојата работа и ме поттикнуваа да продолжам и понатаму да снимам. Во лекциите посебно ставив акцент на вештините, бидејќи на почетокот имаше малку вакви лекции, а јас сакав да ги анимирам учениците повеќе да вежбаат, да танцуваат, да пеат, да свират, да сликаат и да изведуваат слични практични активности заедно со мене и успеав во тоа. Добив многу видеопораки во кои следев како учениците учат од моите лекции. ЕДУИНО го поттикна мојот креативен дух и ми го даде потребното искуство да се чувствувам денес горда на својата работа како одделенски наставник. Затоа, им препорачувам на наставниците да се придружат кон семејството ЕДУИНО и да го преточат својот потенцијал и знаење во изработка на квалитетен образовен материјал кој ќе им помогне во учењето на денешните и на идните генерации.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Образованието треба да биде столб на општеството, а наставникот клучна фигура во неговиот развој, бидејќи како ќе се развива општеството зависи од генерациите што се воспитуваат и се образуваат. Верувам дека иднината на образованието ќе значи вложување во професионалниот развој на наставниците и менување на нивната положба во авторитетна личност, која ќе биде ценета и вредна за почит; обезбедување подобри услови во училиштата, во кои ќе има пријатна и стимулативна атмосфера за учење, внесување инклузивност и интеркултурност, интегрираност и дигитализација, сè со цел континуиран напредок на учениците и нивно развивање во личности подготвени да се вклучат во општествените предизвици.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО за мене претставува образовно јадро што ги сплотува сите чинители во воспитно-образовниот процес: наставниците, учениците, родителите, стручните соработници, и го храни образовниот напредок на сите. Наставниците имаат можност за искуство преку подготвување лекции и едукативни активности, го унапредуваат професионалниот развој и своите компетенции преку вебинарите и видеата за користење на образовни алатки. Стручните соработници, исто така, имаат можност за континуирано стручно напредување преку подготовка и следење на вебинарите. Родителите добиваат можност за следење вебинари и едуцирање како да постапуваат во различни ситуации со своите деца и да бидат нивна поддршка во образовниот процес, а за учениците е најважна големата база нвидеолекции и едукативни игровни активности со кои тие ќе постигнуваат успеси.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Развој.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Елена Тодоровска
За мене единствената мотивација се децата. Кога работите со деца, вие сте освоени од секое детско срце
ambassador image
Тодорка Нане
ЕДУИНО претставува важен дел од мозаикот наречен современо образование, можност сите наставници да помогнат кон подобрување на образованието.
ambassador image
Марина Станиславова
Моја лична препорака до сите наставници е да се охрабрат и да ја пренесат својата енергија и креативност во едукативни активности и лекции и да станат дел од ЕДУИНО-заедницата