Вежби за социјален и емоционален развој на децата
Серијалот на видео епизоди “Да вежбаме заедно” е подготвен и реализиран од невладината организација MyLife.

Овие видеа се подготвени во рамки на проектот на УНИЦЕФ: Основи за иднината: социјална кохезија преку инклузија и различности, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Сите видео содржини се подготвени од Ивана Батев, тренер и инструктор за вежбање. Таа има организирано и спроведено работилници за деца и луѓе со попреченост во Скопје и Ресен, на Д-фестивалот во Дојран, како и во Хрватска и Босна и Херцеговина.
Промотивно видео: Ајде да вежбаме заедно
Погледнете го видеото за да дознаете повеќе за серијалот на видео содржините: “Да вежбаме заедно” каде со помош на Ивана Батев ќе дознаете повеќе за социјалниот и емоционалниот развој кај децата и вежбите коишто може да ги применат децата.
Истражување на чувства
Во текот на денот можеме да се чувствуваме различно. Добро е да знаеме какви се нашите чувства за да можеме да си помогнеме самите на себе си. Доколку сакате да се релаксирате и да се чувствувате смирено, погледнете ги вежбите за растегнување и опуштање.
Справување со стрес
За да дознаете што е тоа стрес и како влијае на вашето тело, расположение и однесување, слушнете ги советите на Ивана. Таа ќе ви покаже како да се опуштите и ќе ви открие неколку едноставни начини коишто ќе ви помогнат да се ослободите од напнатоста.
Емпатија
Дознајте повеќе за емпатијата и зошто е толку многу важна. Емпатијата ни помага правилно да реагираме и да се однесуваме во присуство на други луѓе. Кога знаете како другиот се чувствува, тогаш имате повеќе можности да направите правилен избор на зборови и постапки со кои ќе му одговорите или помогнете.
Самодоверба
Понекогаш навистина е тешко нешто да се сработи и помислуваме да се откажеме. Секоја нова задача бара повеќе време и трпение. Но, дали верувате во себе и се обидувате да ја совладате? Дали си кажувате: – Да, јас можам!… Ќе успеам ако се обидам…!
Вежбајте со Ивана и научете како да ја зајакнете вашата самодоверба.
Толеранција
Толеранција е способност да разбереме нечие мислење кое е поразлично од нашето. Толеранција е да се потрудиме да не реагираме веднаш на нечие однесување, кое за нас е неприфатливо. Во оваа емисија ќе погледнете неколку вежби кои ќе ви помогнат да размислите подобро пред да повредите некого со своите зборови.
Чувство на доволност
Никој не е совршен. Секој понекогаш може да направи грешка и тоа воопшто не е страшно. Од грешките учиме што е тоа што треба да го промениме и да го направиме поинаку. Во оваа емисија ќе ви покажеме зошто е важно да бидете љубезни кон себе си и горди на сè што досега сте постигнале. Преку серија од четири вежби за растегнување на телото ќе ве потсетиме дека сте направиле доволно и дека сите вие сте единствени и многу вредни.
Справување со страв
Откријте што се случува во нашето тело кога сме уплашени. Пронајдете го “тигарот” во вашето мозоче и научете како да го претворите во “бестрашно маче”. Соочете се со вашиот страв и пуштете го да си замине преку вежбање и броење заедно со Ивана. Погледнете неколку стратегии за смирување на вашиот организам кога е преплавен со многу интензивни емоции.
Скромност
Кога сме задоволни самите на себе си за тоа што го имаме и го знаеме, немаме потреба да се докажуваме на другите. Скромниот човек никогаш не вели дека е подобар од другите, ниту пак се прави важен кога нешто добро ќе направи. Бидете задоволни самите со себе си и вашата скромност ќе ве направи подобри и поубави.
Благодарност
Како се чувствуваме, од нас зависи. Ако сакаме да бидеме среќни, треба да сме благодарни и на најмалите нешта што во денот ни носат радост. Во оваа емисија, Ивана ќе ви открие како да го приземјите вашето тело за да подобро ги забележува и чувствува сите убави нешта што секој ден не опкружуваат.
Фокусирање на умот
Дали сте оптоварени со толку многу мисли што дури и во сон размислувате и се будите вознемирено? Почнувате да заборавате, станувате невнимателни и тешко ви е да се сконцентрирате и да научите нешто ново? Немојте да се грижите, бидете спокојни. Ивана, ќе ви покаже како да го смирите вашиот ум, да ги разбистрите мислите за да ги гледате нештата појасно и посигурно.
Позитивност
Ајде заедно да се подсетиме на сите убави работи што секојдневно ни се случуваат. Погледнете неколку стратегии што ќе ви покажат како негативните мисли да ги претварате во позитивни, како да ја пронајдеме љубовта, инспирацијата, радоста во нашите срца. Бидете опкружени со луѓето кои ве сакаат и правете ги нештата кои ве радуваат. Немојте да се плашите да пробате нешто ново.
Ненасилство
Кога сме многу лути или бесни можеме да кажеме или да направиме нешто што ќе ги повреди другите. За тоа да не се случи, потребно е да пронајдеме начин како да управуваме со нашиот гнев пред да преземе контрола врз нашето однесување. Ви нудиме неколку начини како да го смирите вашето тело и ум во моменти на лутина и бес.
Вистинитост
Кога кажуваме лаги се чувствуваме виновни и тажни, една лага води до друга лага и се заплеткуваме во “пајакова мрежа” од лаги. Може да ги загубиме пријателите и да се чивствуваме многу осамено. Кога ја кажуваме вистината, ние сме задоволни и радосни. Нашите ветувања ги исполнуваме и сите не ценат и почитуваат. Погледнете како вистинитоста го храни нашето тело со среќа и задоволство.
Интуиција
Дали некогаш знаете што некој ќе каже или направи уште пред вистински да се случи? Ете, тоа е интуиција, способност лесно да се разбере нешто без претодно да се размислува за тоа. Секој од нас има “внатрешен глас” што му кажува како да постапи во одредени ситуации. Но, не секогаш внимателно се слушаме ние самите себе си. Затоа треба да го смириме нашето тело, да ги смириме нашите мисли. Само така ќе можеме да ја слушнеме интуицијата што ни кажува.
Четирите елементи
Земјата, водата, воздухот и сонцето се четирите елементи без кој ништо не може да живее, расте и да се развива. Затоа со право можеме да кажеме дека тие се “корени на животот” на нашата планета, Земја. Во оваа емисија ќе ги истражуваме нивните моќи, ќе откриеме како ги сочинуваат нашите тела, ќе дознаеме како тие го обликуваат и влијаат на нашиот секојдневен живот.
Клима
Секое годишно време ни носи убави промени во околината.Погледнете внимателно во се што ве опкружува и со радост поздравете ги облаците, сонцето, ветрето, виножитото…Ајде заедно преку вежби за растегнување на телото да ја поздравиме и да ја чуваме природата што живот ни дава.
Дисциплина
Дали познавате некое дете кое повредува друго дете или растура се околу себе ако не го добие тоа што во моментот го посакува? Како ќе кажете за него, дека е “лошо дете” или дека лошо се однесува? Не постојат лоши деца, постои само правилно и неправилно однесување. Ивана ќе ви покаже неколку начини кои ќе ви помогнат да го смирите вашето тело кога се соочува со многу интензивни емоции, како на пример: гнев, страв, лутина, бес…
Чистина
Сите знаеме дека хигиената е половина здравје. Исто така и во чиста средина имаме чисти мисли, полесно се организираме и го фокусираме нашето мозоче за да може да научи многу нови нешта. Чистењето и средувањето на детската соба може да биде забавно и лесно кога е придружено со вежби и реквизити кои делуваат на нашето позитивно расположение. Погледнете како тоа го прави Ивана и уживајте во “чистењето” заедно со неа.
Издржливост
Издржливост значи да дадеш се од себе и да продолжиш да се трудиш и тогаш кога работите стануваат тешки.Издржливоста ти помага да го завршиш тоа што си го почнал. Секогаш кога сте успеале да надминете некој проблем, вашата издржливост расте! Понекогаш треба неколку пати да се обидуваш за да успееш.Трпението ти ја зголемува издржливоста. Верувањето во себе ќе ти помогне да успееш во тоа што си го започнал.
Петте сетила
Кога се будите наутро, кое е првото нешто кое ќе го почуствувате? Мекиот допир на постелата, убавиот мирис на утринскиот појадок, топлото сонце кое нежно ви го милува лицето или пак свежината на утринското ветре кога ја проветрувата собата? Во оваа емисија ќе се подсетиме на петте сетила кои ни помагаат да го спознаеме светот.
Здрава храна
Храната ни е потребна за да имаме енергија во текот на денот.Многу е важно да имаме редовни и балансирани оброци, а тоа значи дека треба да јадеме разновидна храна богата со витамини, минерали, протеини и други нутритивни состојки. И не само тоа! Ајде да бидеме активни и да го вежбаме нашето тело за да растеме, учиме и играме.
Одржување рамнотежа
Дали можете да одите по една линија со затворени очи? Навистина е тешко и многу смешно, нели? Ајде заедно да се фокусираме, да се сконцентрираме и да вежбаме одржување на рамнотежа.Така ќе ја зајакнеме нашата стабилност кога се качуваме по скали, возиме скејборт или тротинет.
Свесност
Некој од вас одлично се снаоѓа во креативни работи, друг пак во решавање на математички задачи.Сите ние имаме свои силни и слаби страни. Можеби понекогаш сме неорганизирани, страмежливи, чекаме до последен момент за да си ги завршиме обврските.Важно е да бидеме свесни за нашите карактеристики, чувства и однесувања, за да можеме подобро да се запознаеме себе си.Така ќе ни стане појасно како другите гледаат на нас.
Рбетно здравје
Дали понекогаш ве боли грбот или половината кога седнувате да пишувате домашна работа, или пак кога станувате од спиење? Редовното вежбање е многу добро и неопходно за фиксација и зајакнување на пршлените на “рбетниот столб“. Оваа серија вежби можете да ги правите секој ден како утринска гимнастика, бидејќи нема да ви одземат повеќе од 7 минути. Правејќи ги овие вежби, ќе го одржите својот “рбетен столб“ флексибилен и еластичен.
Креативност
Сите вие деца сте многу креативни! Одалечете се од компјутерите и поминувајте повеќе време сами со себе си. Вашата креативност ќе се разбуди кога ќе почнете да се занимавате со било која уметност што ве инспирира: музика, сликарство, литература.. Ќе добиете одлични креативни идеи и оригинални резултати. Бидете храбри, истражувајте ги вашите идеи, изразете го сето убаво што го носите во себе и креирајте!
Емоционална благостојба во добата на Ковид 19
Разбирање на нашите емоции во доба на КОВИД 19
Во ова видео разговараме повеќе за разбирање и прифаќање на сопствените чувства околу новонастанатата ситуација со вирусот Ковид 19. Во видеото се опфатени и неколку совети за тоа што можеме да направиме за да ни биде полесно во овие моменти.
Подготвено од

детски психијатар, д-р Марија Ралева

Разбирање на стрес и чувства на загриженост, тага и страв (наменето за деца)
Во ова видео дознајте повеќе за тоа што е стресот и како тој е поврзан со загриженоста, тагата и стравовите. Слушнете неколку совети за олеснување на оваа состојба, коишто д-р Марија Ралева директно ги упатува до децата.
Подготвено од

детски психијатар, д-р Марија Ралева

Разбирање на стресот и стравот и начинот на којшто тие влијаат врз нашите умови, тела и однесување (наменето за тинејџери)
Во ова видео дознајте за грижите и потешкотиите кои ни се случуваат, за начинот на којшто тие влијаат на нашето расположение, но и за успешни начини за справување со проблемите коишто се јавуваат во ова време на борба со корона вирусот.
Подготвено од

детски психијатар, д-р Марија Ралева

Пет совети како полесно да се справиме со стравот, нервозата и стресот (наменето за тинејџери)
Во ова видео слушнете пет совети за тоа како може да го намалите стресот и грижите за време на изолација и физичка дистанца.
Подготвено од

детски психијатар, д-р Марија Ралева



Стимулација на говор
Насоки и активности за стимулација на говорот кај дете на возраст од 3 до 4 години
Погледнете неколку насоки коишто може да ги спроведете во вашиот дом за да го стимулирате говорот кај вашето дете и неколку вежби за говорниот апарат, за развој на експресивниот говор и правилната артикулација на гласовите.
Подготвено од

клинички логопед, Драгана Дојчиновска