„Светот низ детските очи е прекрасно место“ – со оваа реченица го започнавме разговорот со Марина Станиславова, а воедно со истата мисла го започнуваме и вториот Edu Talks за овој месец на тема мотивација кај децата на возраст од 3 до 10 години. Марина Станиславова е одделенски наставник во ООУ „Страшо Пинџур“ во Неготино и воедно е национален обучувач и има улога на координатор и едукатор во неколку проекти. Со неа зборувавме колку е важна мотивацијата кај децата и од нејзиното искуство таа ни издвои неколку интересни примери за едукаторите, какви што се игрите: „Мотивирачка пауза“, „Поточе“, „Разиграна сложувалка“, при што ни даде и корисни совети за родителите.

Ја прашавме Марина од која возраст кај децата почнува да се развива мотивацијата и која е важноста на родителите и на едукаторите во развојот на мотивацијата.

Развојот на мотивацијата е процес што треба да започне од најраната возраст и може да се зајакне преку: поддршка, охрабрување, игри за истрајност и упорност, многу љубов, слобода, игра, предизвикувачки задачи, самостојност, проектни задачи, групни активности. Треба да им дозволиме да го истражуваат и да го откриваат својот свет. Децата прават многу работи едноставно затоа што сакаат да ги направат. Уште од најраната возраст малите деца учат од сѐ што прават. Тие се природно љубопитни, сакаат да истражуваат и да откриваат. Ако нивните истражувања носат задоволство или успех, тие ќе сакаат да научат повеќе. Во текот на најраните години децата формираат ставови за учење што ќе траат цел живот. Децата што добиваат вистинска поддршка и охрабрување во текот на раниот детски развој, ќе бидат креативни истражувачи со авантуристички дух и желба, внатрешно мотивирани за постигнување високи цели во учењето и во животот. 

За родителите/едукаторите на малите деца, целта треба да биде да го поддржат развојот на мотивацијата, така што ќе имаат соодветна основа за оптимален раст и развој, ни раскажа Марина.

Во текот на разговорот разменивме мислења што треба и што не треба да прават родителите при процесот на мотивација кај децата во процесот на учењето, а Марина ни даде свое мислење на оваа тема преку 3 корисни совети:

„Ова се моите препораки за родителите за зајакнување на мотивацијата за учење кај децата:

  1. Одговорноста за учење препуштете му ја на детето:
    Родителите треба постапно, чекор по чекор, соодветно на возраста, да му ги препуштаат одговорностите на детето поврзани со училиштето. На пример: подготовка на училишната чанта, домашните задачи, станување и навремена подготовка за во училиште. Децата ја преземаат одговорноста кога со нив се разговара за: што тие сакаат, кој е нивниот интерес, што сакаат да постигнат, споделување на случувањата од училиштето со родителите, а не само нивниот успех или оценка. На тој начин децата ќе бидат повеќе мотивирани, а не само да постигнуваат успех за да ги задоволат очекувањата на родителите.
  2. Реалноста наспроти перфекционизмот:
    Децата што имаат впечаток дека никогаш не е доволно добро, дека ‘четворката’ или ‘тројката’ се многу ‘лоши оценки’ и со прашањето од родителите: ‘Зошто не доби петка, требаше да се потрудиш повеќе!’, може да станат демотивирани за учење и за работа бидејќи ќе ги води мислата: ‘Што и да направам, нема да биде доволно добро’. Иако перфекционистите се претпоставува дека се поуспешни во училиште, треба внимателно да се работи на мотивацискиот процес кај децата, затоа што ако тие бидат под голем притисок, никогаш нема да бидат задоволни со ниту еден од своите успеси, затоа што, според нив, никогаш нема да бидат совршено добри. Родителите можат да помогнат во тој процес ако знаат кои се можностите на нивното дете, кои подрачја го интересираат, а кои не. Затоа, добро е за детето да знае во што е подобро, кои се неговите силни и слаби страни, вештини – она во што може да биде успешно. За детето е најдобро кога родителите немаат преголеми очекувања, зашто преголемите (нереалните) очекувања му наштетуваат на детето. Важно е родителот да нагласи дека повеќе се цени напорот и процесот на учење кај детето отколку самата оценка или ‘петка’. Родителот треба да сфати дека која било оценка што детето ќе ја добие е позитивна за него и дека тоа е точно она што е заслужено и да се поддржи како еден солиден успех, но и да се мотивира кон негово подобрување.
  3. Покажете почитување, поддршка и внимателно одберете награда за мотивација:
    Родителите треба да имаат многу толеранција кога детето ќе згреши, да покажат разбирање и насочување кон детето, а не да дејствуваат според тоа како тие самите се чувствуваат, затоа што ова ќе помогне за натамошната мотивација за постигнување на целите и во училиште и во другите сфери на животот. На детето му треба доверба и охрабрување дека тоа може да постигне и да реши одредени работни задачи. Не треба да се применува: ‘Мораш!’ или ‘Тоа мораш да го научиш!’, бидејќи на тој начин ќе го зајакнеме отпорот кон задачата. Можеме да кажеме: ‘Одмори се, па продолжи’, да го прашаме што ќе се случи доколку не ја заврши започнатата активност, задача итн. Со многу разбирање и поддршка, детето ќе сфати дека треба да научи и ќе ѝ се врати на зададената задача.

    Родителите, исто така, треба да бидат многу внимателни во врска со употребата на многу надворешни награди, бидејќи тоа може да створи конфузија во мотивацискиот развој на детето. Пофалбата за постигнување е соодветна, но бидете секогаш сигурни дека вашето дете изработува дадена активност затоа што е вистински заинтересирано, а не затоа што очекува пофалба од вас. Тешкотиите се појавуваат кога возрасните или другите во детската средина ги воведуваат надворешните награди и го заменуваат внатрешниот систем на наградување со систем што зависи од надворешни сили да ги обезбеди сите награди (чоколада, пари, прекумерна пофалба, многу подароци). Децата потоа почнуваат да се чувствуваат успешни само ако некој друг ги награди за постигнувањата. Тие ја губат својата внатрешна мотивација и можат да почувствуваат успех само кога некој друг ќе ги оцени како успешни. Во такви ситуации, децата можеби нема да развијат чувство на самопочит и ќе ја проценат сопствената вредност според туѓите стандарди.“

Кога ги споменавме успехот и самодовербата, се постави прашањето колку градењето на самодовербата влијае врз мотивацијата кај децата или, пак, како препознавањето на успехот во реализираните игри или задачи од едукаторите и родителите, влијае врз мотивацијата, па Марина ни раскажа:

„Детето никогаш не треба да прашува: ‘Дали сум успешен/на?’. Тоа треба да знае и да биде сигурно во своите успеси. Грешката е што сѐ почесто се забележува неуспехот отколку успехот. Родителите и наставниците треба да му помогнат на детето да се гордее и да се носи со успехот, па дури и најмалиот што изгледа како да е незначаен. На пример, испеана песничка во градинка, во хор, кога ќе научи да вози велосипед, да плива, да состави мозаик итн. Малите успеси можат да го поттикнат детето да си постави поамбициозни (повисоки) цели и задачи. Да не се занемарува и да не се одбива препознавањето на успехот, затоа што тоа води кон ниска самодоверба и самопочит кај децата, што влијае врз мотивацијата кај децата.

Разговорот продолжи околу интересните примери и предлози за јакнење на мотивацијата кај децата, кои таа како наставник едукатор ги применува во својата работа:

„Прво, при изборот на активностите (задачите) што им ги задавам на моите ученици, внимавам да не бидат ниту премногу лесни ниту претешки за да побудат мотивација и желба за работа, всушност треба да бидат едно скалило потешки од вообичаеното. Кога забележувам дека мотивацијата и концентрацијата опаѓа и не се во состојба да продолжат со решавање одредена задача, применувам игра – ‘Мотивирачка пауза’, во која во тие неколку минути учениците играат омилена игра, омилен танц, песна, спортска активност и дури по паузата продолжуваат со решавањето на задачата. За концентрација и мотивација исто така редовно ја применувам активноста – ‘Плесни на три’

Децата се наредени во круг и започнуваат со броење од 1. Во зависност од возраста, плеснуваат на броевите што ја содржат цифрата 3 или, пак, на множителите на цифрата 3 (самата активност може да се дополнува со додавање други броеви), доколку згрешат, си седнуваат на столчето. Уште една активност што ја практикувам за да се одморат од одредена задача и да ја зајакнам мотивацијата е ‘Патување со затворени очи’. Сите се со затворени очи, а јас ги водам низ волшебни места што тие си ги замислуваат, ги визуализираат. Исто така, применувам и стикери од хартија во различна форма и боја – со позитивна порака, како мотивирачки алатки при постигнување одреден успех или вложен труд (напор) за извршување одредена активност. Дополнително можете да одберете од моите предлози за игровни активности од платформата ЕДУИНО што помагаат да се зајакне социјалната интеракција, самодовербата, истрајноста, креативноста, истражувачкиот дух, логиката и знаењето што доведува до внатрешно задоволство и желба за учење:

Ова се само дел од игровните активности што помагаат да се зајакне мотивацијата и желбата за учење. Тие може да се применуваат и во домашни услови, а се подготвени од веќе докажани едукатори во својата професија.“

Марина посочи дека и наставните предмети практикува да ги предава преку игра и преку интересни активности што се примамливи за учениците, а редовно применува мотивирачко учење на математиката низ игра:

„Една од тие е ‘Поточе’. На голема сина хартија ги редам камчињата со броеви, а учениците треба да поминат низ камчињата што се парни или непарни броеви за да не паднат во водата. Во зависност од она што се изучува, може да се користат и за збир, разлика, производ итн. Исто така, интересна игра за математичко знаење, трпение и логика е ‘Разиграна сложувалка од порталот ЕДУИНО, со која ќе го проширите знаењето на учениците преку игра.“

Според Марина, како што децата се искачуваат по скалилата на образовниот систем, така нивната вознемиреност и стрес се зголемуваат, а на тој начин се намалуваат внатрешната мотивација и желбата за учење. Таа вели:

Кога ќе ги пофалиме децата за нивниот напор, а не за крајниот исход, оценка, награда, трофеј, туку патот што го поминале да стигнат до исходот (трудот што го вложиле), на тој начин ја јакнеме внатрешната мотивација. Од моето искуство како наставник сметам дека и надворешната (награди, пофалби) и внатрешната мотивација (внатрешното задоволство за сопствен потенцијал и учење) се многу важни за постигнувањето на целите и во зависност од процената на наставникот треба да се внимава кога да се практикува надворешна мотивација.“

Во следното издание ќе зборуваме со ЕДУИНО-амбасадорот Рамиз Иљази на тема „Информатиката ми е во срцето“.

До следното читање, мотивирајте се себеси и бидете вистинска мотивација кај децата.

Ваш, #EduTalks.