Денес разговорот со ЕДУИНО-амбасадорката Валентина Гавриловска, воспитувач во ЈУДГ на ОЦ „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, го започнуваме со тоа колку е важно родителите да им помогнат да децата подобро да ги разберат чувствата на другите со цел да развијат емпатија.

Децата од предучилишна и од раноучилишна возраст учат по пат на идентификација со модел, а најважниот модел во животот на детето се родителите. Следствено на ова, ако родителите се однесуваат емпатично, и детето ќе се однесува емпатично. Од друга страна, и учесниците во воспитно-образовниот процес се фигури што претставуваат модели за идентификација, но тие, истовремено, поседуваат и вештини преку кои можат да влијаат врз детето. Сите учесници во воспитно-образовниот процес можат да влијаат во развојот на емпатијата преку различни видови игри, приказни, драматизации, вклучување во хуманитарни акции, каде што главна цел ќе биде развојот токму на ова чувство.“

Од аспект на родител и воспитувач, Валентина ни укажа колку е значајно поттикнувањето на социоемоционалните вештини кај децата за нивен правилен раст и развој.

„Човекот е социјално битие и од тоа како еден поединец ќе се вклопи во заедницата зависи и неговиот емоционален развој, а сите овие вештини се стекнуваат во раната возраст. Социјалните и емоционалните вештини се две неодвојливи нешта и зависат една од друга. Доколку детето полесно и побрзо се вклопи во средината, се очекува да развие и позитивни емоции, односно да стекне способност да ги контролира негативните емоции, а од друга страна, стекнувањето емоционални вештини ќе му помогне за полесна и побрза социјализација.“

За тоа, како родителите можат да се едуцираат за ран детски развој, со цел подобро разбирање на однесувањето на детето, Валентина ни даде неколку совети…

„Родителите можат да се едуцираат преку вклучување на разни обуки, работилници кои во денешно време се достапни, но се разбира многу е добро доколку родителите се вклучат директно во воспитно образовниот процес преку краткотрајни посети и престој заедно со детето во градинката или училиштето, каде ќе можат конкретно и директно да го следат своето дете во колективот, но и методите и техниките кои ги користи воспитувачот, наставникот во работата со децата.“

Со седмиот по ред #EduTalks го заокружуваме првиот циклус разговори со нашите Едуино-амбасадори. Вашите досегашни реакции се само поттик да продолжиме со оваа рубрика, каде што ќе им отстапиме место на родителите, педагозите, психолозите и сите оние што сакаат да го споделат своето искуство на тема ран детски развој.

Пишете ни на eduino@innovationlab.mk или во порака на нашите профили на Фејсбук или Инстаграм кои други теми би сакале да ги обработиме во рубриката Edu-разговори. Посочете некоја личност на која би сакале да ѝ поставиме прашања или пријавете се вие со кратки информации за вашата специјалност.

 

До следното читање,

Тимот на #EduTalks