Со цел да го поттикнеме развојот на социјалните, емотивните и на физичките способности на детето и да создадеме повод и причина за забавни и едукативни спомени меѓу родителот/старателот и детето, во ноември, поточно меѓу 23 и 30 ноември 2020 година, се одржа првиот ЕДУИНО-игратон.

ЕДУИНО-игратонот беше осмислен како креативен предизвик за игра и учење преку седум селектирани активности и игри наменети за деца од 3 до 10-годишна возраст.

Креативните активности што беа вклучени во седумдневниот ЕДУИНО-игратон беа:
Мозаик, Игра со кругови, Геотабла, Волшебно другарче, Градина во домот, Правиме музика и Пронајди го листот.

Родителите и децата што беа мотивирани и сакаа да бидат дел од ЕДУИНО-игратонот со изработка на една или повеќе активности, можеа да ги најдат во секцијата Активности и игри во домашни услови на платформата ЕДУИНО, со вметнување на името на дадената дневна активност во полето за пребарување.

Над 160 семејства и над 230 пријави за игровни активности во домашни услови беа споделени од страна на родителите на децата.

Во тие седум дена, со изработка на посебно одбраните активности, децата и нивните родители имаа можност да создадат прекрасни семејни спомени и да поттикнат моменти на учење, забава и многу креативност.

Извлекувањето на добитниците по пат на лотарија се одржа на 30 ноември 2020 година.

Повеќе за резултатите од сите активности ЕДУИНО-игратон можете да погледнете на следните линкови:

ЕДУИНО-игратон – Извлекување на добитници

Како што се забележува и на видеото со извлекувањето на добитниците, мотивот за учество на првиот ЕДУИНО-игратон не беа наградите. Сепак, беше одржан отворен вебинар за затворање на ЕДУИНО-игратонот на кој извлековме 12 добитници и ги усреќивме со материјали за изработка на идни активности.

На самото извлекување беа и нашите поддржувачи од УНИЦЕФ, поточно програмскиот координатор Боре Пуцоски, кој изјави:

„Во овој период многу е важно да поминуваме време со децата дома, бидејќи, ако нешто може да ја намали анксиозноста и да ги смири децата, тоа е да имаме активности дома, релаксирачки активности во кои не само што ќе учиме нови концепти и вештини туку и ќе ги подучуваме децата на корисни одбранбени стратегии, дека дури и кога времињата се менуваат и имаме некакви предизвици, сепак, можеме да одиграме некоја активност како семејство, да дознаеме како сè се чувствуваат децата“.

Колективниот портал за дигитални содржини ЕДУИНО има цел да прерасне во дом на голем број материјали и игри за едукација. Досега се објавени 210 едукативни активности, а до крајот на проектот се очекува да се објават уште 200 едукативни активности за домашни услови.