Почитувани наставници, почитувани професори,

Ви се обраќаме со отворена покана за приклучување на последниот воедно и целосно отворен повик за снимање на видео лекции за платформата ЕДУИНО настава. 

Овој повик е и еден од завршните чекори кон нашата заедничката цел – воспоставувањето на национална библиотека со видео лекции.

Се надеваме дека преку вашата поддршка оваа заедничка иницијатива ќе ја комплетираме а ние ќе инвестираме ресурси и време со цел истата во иднина да биде подобро и подостапно организирана. Со ова на ум, ве покануваме повторно да се приклучите во проектот преку испраќање на ваша снимена видео лекција, која ќе остане траен видео-ресурс на порталот за идните генерации. 

Би сакале со вас да ја споделиме нашата гордост и радост што преку оваа прекрасна заедница успеавме веќе да поставиме над 4000 видео лекции, кои се прегледани повеќе од 4 милиони пати на ЕДУИНО youtube каналите!

Видео лекциите исто така беа емитувани и на сервисите на МРТВ со што заеднички помогнавме кон обезбедувањето на континуиран пристап до образование и на најранливите социјални категории во нашата држава.

Овој заеднички успех е нотиран и преку апликацијата и намерата ЕДУИНО да се вброи помеѓу најдобрите иновации за образование во светот во 2020 година кој го спроведува HundrED, со особен осврт на темата “Наставници кои го менуваат светот”. Целата апликација, патот низ кој помина целиот проект како и клучните успеси на заедницата со која искрено се гордееме може да ги погледнете на следниот линк.

Во овој последен и отворен повик за снимање на видео лекции, би сакал уште еднаш да се заблагодарам на сите кои придонесоа кон градење на овој многу важен проект за нашето образование и да ви посакам успешна работа и да ви порачам дека како и досега јас и целиот тим позади овој проект ви стоиме на располагање за поддршка и за сите ваши прашања.

 

Со почит и огромна благодарност,

Александар Лазовски,

Проектен менаџер – СмартАп, Лабораторија за социјални иновации

 

ПОВИКОТ ЌЕ БИДЕ ОФИЦИЈАЛНО ЗАТВОРЕН НА 30.06.2021

 

ЕДУИНО АМБАСАДОРИ ПРОГРАМА

Во изминатиот период вие бевте тие кои со својот труд, време и знаење создадовте видео лекции и едукативни материјали за предучилишно, основно и средно образование. Инспирирани од вас, ја дизајниравме иницијативата ЕДУИНО – амбасадори, која има цел да оддаде јавна пофалба и признание за вашиот труд, како и селекција на група од исклучително вредни и посветени наставници и воспитувачи согласно долунаведените критериуми.

Во првата група на ЕДУИНО Амбасадори беа селектирани 23 лица кои се олицетворение на високата посветеност за иновации и подобрување на образованието во нашата држава. Ве покануваме да ги запознаете подобро на следниот линк.

Преку овој последен отворен повик за видео лекции ќе можете и вие да се приклучите кон групата на ЕДУИНО Амбасадори!

Новите критериуми за пристапување во групата на амбасадори (во однос на активноста со ЕДУИНО видео лекции) се: 

  1. Лица со снимени, верификувани и објавени над 15 видео лекции на платформата ЕДУИНО Настава
    • Напомена:
    • Просечното времетраење помеѓу сите видео лекции кои се поднесени од лицето треба да биде минимум 180 минути во комбинирано времетраење односно видео лекциите да се со просечно времетраење од 10 до 15 минути по видео лекција
    • Видеата на сите наставници/професори кои ги исполнуваат критериумите за зачленување на заедницата на ЕДУИНО Амбасадори ќе бидат дополнително разгледани од тимот на ЕДУИНО и советниците од БРО за да се утврди нивниот целосен квалитет и интерактивноста

Согласно ова, топло ве охрабруваме во склоп на вашите видео лекции да користите интерактивни методи и разни образовни алатки. За инспирација и/или за да се запознаете повеќе со некои од алатките препорачуваме да ги погледнете видео упатствата кои се објавени на следниот линк. Дополнително, препорачуваме да ги разгледате и нашите ЕДУИНО вебинари на следниот линк. Вебинарите се одлична можност за стекнување нови вештини и знаења и се надеваме ќе ве поттикнат да внесете новина во вашата видео лекција.

Повеќе информации за самата програма и бенефитите од истата може да дознаете на следниот линк.  За повеќе информации околу програмата и критериумите може да нѐ исконтактирате на: eduino@innovationlab.mk

Како да се пријавам за наставна единица?

Реализацијата на овој повик ќе биде поразлична од досегашните. Во овој повик директорите на училиштата нема да добијат допис и задачи за распределба на назначените наставни содржини. Секој наставник е потребно да си одбере и да се пријави за лекција која е слободна и неснимена, без досегашните табели со наставни единици, кои можете да ги отворите без разлика за која наставна недела е истата. Тоа пријавување ќе се одвива преку следниов линк

Целиот процес на пријавување на наставна единица е објаснет во овој документ: 

Упатство за пријавување на наставна содржина

Погледнете го ова кратко видео каде е објаснет целиот процес за одбирање на наставна единица, од почеток до крај

Чекори

  1. Отворете ја листата со табели за средно и основно образование за да пристапите до табелите со наставни единици (клик овде)
  2. Одберете една од наведените табели со кликнување на линкот
  3. Преку табовите (во долниот дел од документот) навигирајте до предмет и одделението кои ве интересираат
  4. Разгледајте кои видео лекции се слободни (необоени и без коментар) и одберете наставна содржина која сакате да ја снимите
  5. Веднаш над ќелијата која е до насловот на лекцијата (колона одговорни наставници/училишта за снимање на наставни единици) оставете коментар, кој ќе ги содржи:
    • вашето име и презиме, училиште
    • е-мејл адреса
    • рок во кој се обврзувате да ја доставите лекцијата

Откако ќе наведете дека ќе снимите одредена наставна единица нашиот тим ќе изврши проверка на оставените коментари и трајно ќе ги внесе во соодветната ќелија, за да биде видливо за останатите дека таа лекција е зафатена. 

Важно: Пријавете се за наставните единици за кои навистина сте посветени и сигурни дека ќе ги снимите и доставите во рокот кој сте го навеле.

Погледнете го ова Упатство за гледање и оставање коментар за наставните содржини

Како да ја снимам мојата видео лекција ?

Задолжително: Погледнете ги следните четири видеа во YouTube плејлиста во кои се објаснети главните алатки и процесот на снимање

Задолжително: Отворете го овој документ во кој се наоѓаат сите важни документи и насоки за снимање на видео лекцијата. Внимателно исчитајте го целиот документ.

Доколку ви е потребно: Погледнете го следниов документ во кој се наведени најчестите технички проблеми и решенија

Препорачуваме: Видео лекцијата би било добро да ја снимите во вашето училиште, со користење на показните материјали кои ги имате во својата училница, користејќи ги лаптопите и интернетот во самото училиште.

Техничка поддршка:

Како техничка поддршка, Министерството за образование и наука ги задолжи училиштата да обезбедат првична техничка поддршка од наставник по информатика или наставник кој има искуство во подготовка на видео лекции. Ова значи дека од вашето училиште има вакво лице кое ќе ви пружи поддршка. Консултирајте се со директорот за да дознаете кое лице од вашето училиште ќе ви пружи поддршка доколку е потребна. Сепак, доколку имате некои нејаснотии за одбраната лекција, или е направена некаква грешка, пријавете ја на help@innovationlab.mk. Техничката поддршка на тимот Едуино кој работи на подготовка на видеа ќе ви овозможи неопходна поддршка доколку лицето од вашето училиште не е во можност.

Минимум конфигурација за снимање на видео лекција:

*Ако не ви е јасно, препорачуваме да се консултирате со ИТ лицето во вашето училиште пред да снимате и да имате проблем со програмот за снимање на вашиот лаптоп/компјутер.

Windows:

  • DirectX 10.1 compatible GPU
  • Windows 7 SP1 or newer

macOS:

  • Intel CPU (PPC is not supported)
  • OpenGL 3.2 compatible GPU
  • macOS 10.12 or newer

Како да ја поднесам мојата видео лекција? 

Задолжително: Отворете го соодветниот формулар за поднесување на видео лекција. 

Одберете еден од трите формулари според соодветниот степен на образование за кое е изработена вашата видео лекција: http://eduino.innovationlab.mk/

Рок за поднесување:

Рокот за поднесување на видео лекции сами го одредувате и го запишувате во коментар при пријавувањето за наставната единица.

Сертификат: Сите поднесувачи на видео лекција ќе добијат дигитален сертификат издаден од Бирото за развој на образование. Ваквиот сертификат им беше доделен и на наставниците и професорите кои ги испратија видео лекциите за ЕДУИНО во повиците реализирани во минатата учебна година.

Важно/Напомена:

Вашето видео ќе биде објавено по извршена верификација од страна на советник од БРО.

Доколку видеото не ги исполнува техничките и условите за квалитет и соодветност на содржината, ќе бидете известени во најбрз можен рок на вашата оставена е-мејл адреса.

Според правилата на каналот за Е-Училница нема да дозволиме коментари и лајкови на видеата но истото можете да го поставите и на вашиот Youtube канал.

Вашата е-мејл адреса ќе биде додадена на нашата листа за претплатници на MailChimp со цел да ве информираме за нови отворени повици и функционалности на ЕДУИНО.

Согласност:

Со испраќање на видеото на адресите во горенаведените документи се согласувате видеото да биде поставено на платформата ЕДУИНО која е во сопственост на Бирото за развој на образованието. Поконкретно, видеото ќе се постави во секцијата Е-Училница и на соодветниот Youtube канал. Со цел видеото да биде достапно за сите ученици пристапот ќе биде овозможен до целата јавност согласно правилата на користење на Youtube кои можете да ги прочитате овде: https://www.youtube.com/t/terms

Дополнително, дел од видео лекциите ќе бидат емитувани преку „Настава на телевизија“ на Македонската Радио Телевизија. Секој работен ден со почеток од 08:30 часот и според одредениот распоред на часови, децата од прво до деветто одделение ќе можат да ги следат едукативните содржини од нивните екрани, со цел истите да бидат достапни за сите деца. Емитуваните лекции се наменети за основно образование, на македонски и албански наставен јазик.