За нас

ЕДУИНО Ран детски развој е образовна платформа за воспитувачи, за одделенски наставници и за родители. Платформата содржи квалитетни и проверени едукативни материјали, игри и активности за деца од предучилишна возраст и од одделенска настава, односно од 3 до 10 години, со цел поттикнување на социоемоционалниот развој и учењето базирано на игра. 

Оваа платформа обезбедува бесплатни едукативни ресурси, верификувани од страна на експерти од областа, наменети за учење преку игра и забава во предучилишните и во училишните установи, но и за родителите, за да се осигура квалитетно образование. Дополнително, платформата во иднина ќе понуди и можност за континуиран професионален развој на просветните работници.

ЕДУИНО РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈ

Зошто ЕДУИНО Ран детски развој?

1

Поттикнување социоемоционални вештини кај децата.

2
Подобра организација на часовите и дополнување на програмата со креативни материјали за поефикасен и забавен начин на пренос на знаењето.
3
Размена на искуства меѓу просветните работници и нивно споделување со родителите на децата.
4
Платформа одобрена и поддржана од страна на професионални експерти во областа на образованието.
5
Идеи за квалитетно и продуктивно време поминато меѓу родителите и децата.
6
Пребарување квалитетни образовни ресурси со дополнителна литература, прирачници, едукативни текстови, извештаи, истражувања, брошури и слично, кои поттикнуваат социоемоционален развој кај децата.
7
Професионален развој на просветните работници преку специјално дизајнирани стручни видеоматеријали за професионална надградба, во форма на едукативни модули за едукатори.

Нашата визија

Нашата визија е платформата ЕДУИНО Ран детски развој да биде препознаена од воспитувачите, наставниците и родителите како портал кој нуди многубројни едукативни ресурси кои го поттикнуваат социоемоционалниот развој на децата од 3 до 10-годишна возраст. Исто така, платформата им нуди можност за професионален развој на наставниците и воспитувачите. Се стремиме секојдневно да го зголемуваме бројот на едукативни ресурси преку кои ќе се подигне квалитетот на образовниот процес на децата со цел да израснат во здрави личности. Долгорочно, гледаме кон иднината. Се надеваме дека оваа платформа ќе продолжи да се развива и одржува преку препознаеноста на нејзиниот потенцијал и преку трудот и учеството на едукаторите ширум државата.

Како работи платформата ЕДУИНО Ран детски развој?

Платформата ЕДУИНО Ран детски развој е платформа која нуди можност за поднесување едукативни активности од страна на наставници и воспитачи кои се активно вклучени во поддршка на едукативниот процес на децата од 3 до 10-годишна возраст на национално ниво. За да може да ги користете достапните ресурсите и да придонесете кон платформата потребно е да имате ваш профил и да се најавите. Тоа овозможува да користите голем број на едукативни материјали и активности кои ги користат вашите колеги или родители на деца.

Кој стои зад платформата?

Бирото за развој на образованието е носител на административниот дел, како институција што има надзор врз двата опфатени сегменти – одделенската и воспитната настава – и која постојано креира, проверува и одобрува програмска содржина за главните корисници на оваа платформа. Бирото за развој на образованието е одговорна институција за одобрување на игровните активности и материјали, а Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика активно учествуваат во промоција на платформата ЕДУИНО Ран детски развој. Веб-платформата и прикачената содржина се реализирани во рамките на проектот „Создавање средина за квалитетна настава и учење преку кокреирање и иновации“, кој е финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје,  Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, а го спроведува СмартАп – Лабораторија за социјални иновации. Платформата е дел од проектот преку кој се разви и образовниот колективен портал Едуино (www.eduino.gov.mk), кој поттикна и вклучи над 15.000  воспитувачи, наставници, родители и образовни експерти во изработка на дигитални наставни содржини, видеолекции, едукативни игри, вебинари и упатства.

Исто така, оваа платформа е резултат на вложениот труд и на работата на голем број партнерски организации, меѓу кои и:

Оваа платформа не би била она што е без вклученоста на безброј добри луѓе, кои дадоа свој огромен придонес во хакатонот за подобрување на образованието #ЕдуХакатон во декември 2017 година; учесниците и менторите во проектот #EduCamp, лето 2018 година; вклучените претставници од УНИЦЕФ, МОН, МТСП, БРО, градинките, основните училишта, експертите, консултантите, програмерите, родителите, сите оние кои креираа и поднесоа свои активности на отворениот повик во 2020 година и сите прекрасни луѓе со големи срца кои сакаат да го подобрат образованието!

Кој сè може да придонесе кон платформата?

Сите наставници, воспитувачи и стручни лица од градинките и основите училишта на национално ниво се поканети да придонесат кон платформата! Ве охрабруваме и срдечно ве покануваме. Дополнително, ги охрабруваме и сите родители да нè контактираат со нивни забелешки и сугестии на нашата е-адреса: eduino@innovationlab.mk