Проектот „Поставување на средина што овозможува подобрување на квалитетот на наставата и учењето преку кокреирање и иновации” ги бележи своите почетоци во 2019 година, со официјалното лансирање на платформата ЕДУИНО-настава за време на пандемијата со Ковид-19, во март 2020 г.

Имплементиран од СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, проектот има цел поттикнување иновации во образованието и создавање ЕДУИНО-заедница, група за професионална соработка и споделување, со цел колаборативно креирање ресурси и засилување на вештините на наставниот кадар.

Ве покануваме во овој дел од колективниот портал ЕДУИНО да дознаете повеќе за проектот, постигнатите резултати и нашите заеднички вредности.

КОЈ СТОИ ЗАД КОЛЕКТИВНИОТ ПОРТАЛ ЕДУИНО?

Колективниот портал ЕДУИНО е предводен од страна на Бирото за развој на образованието, како институција што е надлежна за предучилишното, основното и средното образование. Затоа, Бирото ги проверува и ги одобрува програмските содржини за корисниците на порталот и на ЕДУИНО-платформите. Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, заедно со Бирото, активно се вклучени во активностите на ЕДУИНО и помагаат преку промоција на достапните ресурси, а учествуваат и во процесот на одобрување нови предлог-игри, активности и материјали.
Колективниот портал ЕДУИНО се реализира во рамките на проектот: „Поставување на средина што овозможува подобрување на квалитетот на наставата и учењето преку кокреирање и иновации”. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, а го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации.
Колективниот портал е резултат и на вложениот труд и работа на голем број партнерски организации, меѓу кои: SyNRG Software & IT Solutions, Филозофскиот факултет во Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.