Во првиот дел од текстот зборувавме за тоа како започна приказната за ЕДУИНО, како се спои сложувалката за кокреирање и како започнавме со создавање трајни вредности за нашето образование преку колективна работа и заедничко создавање. Во продолжените прочитајте повеќе за нашите иницијативи и кампањи за кои сме особено горди и со голема радост работиме. Да започнеме…

ЕДУИНО-видеолекции: Овој портал е создаден со постојана соработка и поддршка од ЕДУИНО-заедницата, нашата најголема гордост, која веќе брои повеќе од 25.000 членови, кои секојдневно си помагаат едни на други. Овие видеолекции се збир ресурси што се наменети за предучилишно, за основно и за средно образование. 

– ЕДУИНО започна со првиот отворен повик за видеолекции, а за само две години подоцна, се објавија над 4.800 видеа на нашите канали, кои се погледнати повеќе од 4,5 милиони пати. Од сите видеа, повеќе од 4.000 видеа се за основно образование, повеќе од 500 видеа се наменети за ученици од средно образование, а приближно 300 видеолекции се за деца од предучилишна возраст – изјави Велјан Пејовски, ИТ-администратор во СмартАп.

ЕДУИНО-вебинари: Во 2020 година започнавме со првиот серијал ЕДУИНО-вебинари, кои во услови на пандемија беа огромна поддршка на едукаторите за квалитетно изведување на онлајн наставата. Покрај овие вебинари, нашиот тим има подготвено: видеообуки  и видеоупатства со цел да им го олесни процесот на снимање видеолекции на едукаторите. Овие видеообуки се прегледани речиси 55.000 пати, а вкупно 119 видеоупатства се прегледани речиси 80.000 пати. За разлика од видеоупатствата и видеообуките, ЕДУИНО-вебинарите се онлајн настани за поддршка на професионалниот развој на наставниците и учење преку непосредност и неформалност. Преку ваквиот тип интерактивни и неформални настани ја имавме можноста директно да влијаеме врз професионалниот развој и унапредувањето на дигиталните вештини на голем број едукатори во нашата земја.

– Преку проектот ЕДУИНО имам можност со помош на моето искуство директно да учествувам во надминувањето на предизвиците на учениците, наставниците, а секако и родителите. Една од активностите што ми е најдрага се ЕДУИНО-вебинарите, кои според нашата статистика се најгледаниот серијал вебинари во државата. Бројките како и пофалните зборови од членовите на нашата заедница, која од ден во ден се зголемуваше, беше доволен мотив да продолжиме со новиот серијал ЕДУИНО-вебинари 2021. Во овој серијал вклучивме примена на стекнати знаења односно наставниците креираа наставни единици по различни предмети во различни одделенија и ги споделуваа со сите едукатори во државата креирајќи еден вид збирка на реализирани активности – изјави Милена Игњатова, проектен менаџер на ЕДУИНО.

– Овие ЕДУИНО-вебинари ги започнавме во 2020 година кога одржавме вкупно 17, за кои гледаноста во живо е 75.000 гледачи, а прегледите на Јутјуб околу 73.000. Особено сме горди што можевме да издадеме речиси 35.000 сертификати за едукатори, а тоа беше дополнителниот мотив да продолжиме со ЕДУИНО-вебинарите и во 2021 година. Оваа година реализиравме 10 ЕДУИНО-вебинари, но како што спомена и Милена, со двоен праг на знаење каде што издадовме околу 8.300 сертификати за применето и за стекнато знаење. Се радуваме што бројката на гледачи во живо и прегледи на Јутјуб е околу 55.000, со што можеме навистина да се гордееме – изјави Перо Сарџоски, координатор за ЕДУИНО-вебинарите.

ЕДУИНО-амбасадори: Посебно место во нашата ЕДУИНО-заедница има групата за професионална соработка и развој, ЕДУИНО-амбасадори. ЕДУИНО-амбасадори претставува концепт што го афирмира трудот на највредните и најпосветени едукатори, кои придонеле кон збогатување на едукативните содржини во склоп на порталот ЕДУИНО.

– Оваа професионална заедница постојано се надоградува, преку различни обуки, конференции, а тие развиваат меѓусебна соработка и дружба. Во моментов заедницата брои 33 членови, а очекуваме до крајот на годината да достигнеме до бројката од повеќе од 80 членови – ни раскажа Ангела Зафировска, менаџер на ЕДУИНО-заедниците.

ЕДУИНО-игратон: Игратонот е креативен предизвик за учење и игра, кој им овозможува  поддршка на родителите, на воспитувачите и на одделенските наставници. Првиот серијал беше наменет за учење и игра во домашни услови и добивме 160 реализирани игровни активности и огромна поддршка од родителите. Поради тоа одлучивме да го повториме предизвикот, но поради променетите околности, го проширивме Игратонот да вклучува и групни активности за градинки и за основни училишта.

– Резултатот ги надмина очекувањата, повеќе од 1.200 реализирани игровни активности од вкупно 77 семејства, 50 училишта и 53 градинки, кои се вклучија во овој предизвик. Со третиот Игратон со реализирани 999 игровни активности, ова веќе премина во традиција. Бројот на реализирани активности, вклучени семејства, градинки и училишта е навистина за восхит, но она што најмногу сакаме да го посочиме се насмевките на детските лица. Нивните насмевки и радост се наша мотивација да продолжиме да ја шириме убавината на учењето преку игра! – ни раскажаа Соња Чаловска и Весна Пецева, тим-лидери и координатори на ЕДУИНО-вебинари.

ЕДУИНО Ран детски развој: Во декември 2021 успеавме да ја пуштиме во употреба новата платформа – ЕДУИНО Ран детски развој. Оваа платформа е наменета за поттикнување на правилниот ран детски развој кај децата од 3 до 10-годишна возраст. Платформата нуди отворени, бесплатни и проверени ресурси и игровни активности наменети за воспитувачи, одделенски наставници и родители.

– Активностите се дизајнирани да го поттикнат социоемоционалниот развој кај децата, да влијаат на стекнувањето на карактерните вештини и директно го промовираат пристапот за учење преку игра. Неодамна, на 15 февруари, го затворивме отворениот повик за прибирање нови игровни активности. На наше големо задоволство, на очекуваните 150 активности прибравме дури 912! – изјави Гент Тоска, координатор за едукативни активности во ЕДУИНО.

ЕДУИНО Лабораторија: Порталот ЕДУИНО постојано создава нов простор каде што воспитувачите и родителите може да ги искористат своите креативни идеи и да создадат образовни материјали, да креираат игри што може да се користат и во занимална, но и дома.

– Целта е постигната. Обезбедена е квалитетна едукација и анимација на децата. Во моментов работиме на креирање на ЕДУИНО Лабораторија. Таа е замислена како виртуелен 2Д простор, во кој учениците би можеле на интерактивен начин да учат за хемиски и природни процеси. Воедно креираме мрежа за учење и дигитални едукативни игри – изјавија Софија Богева, програмски менаџер во СмартАп, и Милош Соколиќ, дизајнер на услуги.

Како е препознаен ЕДУИНО денес?

Би сакале да споделиме неколку значајни достигнувања на проектот ЕДУИНО за кои сме особено горди. Колективниот портал ЕДУИНО денес е еден од најпознатите портали за образование во нашата држава. Додека, пак, пристапот на колективно подобрување на образованието преку кокреирање и иновации е пример за ефективно решение при дигитализација на образованието, кое го препознаа и другите земји на Балканот, но и пошироко.

– Успеавме да се впишеме во извештајот на HundrED за најдобри 100 иновации во образованието во светот за 2021 година. Ова е меѓународна потврда за потенцијалот што го има овој проект, а неговата значајност ја препознаа и сите оние што го изгласаа овој портал во категоријата Најпопуларен сајт за образование, наука и култура, па го освоивме третото место во рамките на манифестацијата Сајт на годината во организација на Медија солушнс – раскажа Маја Илиоска, маркетинг-менаџер во СмартАп и ЕДУИНО.

– Како што спомена нашиот колега Велјан, имаме вкупно 4.235.894 прегледи на Јутјуб, каде што имаме речиси 12.000 претплатници на Јутјуб-каналот. Се радуваме и на големиот број следбеници на нашите Фејсбук и Инстаграм канали, кои се повеќе од 12.000. Тука ќе ги споменеме и членовите на двете заедници ЕДУИНО-едукатори и ЕДУИНО-заедница со повеќе од 7.500 членови. Се гордееме со сите членови и се радуваме на оваа голема поддршка и соработка – изјави Ана Секуловска, специјалист за социјални медиуми во ЕДУИНО.

Нашата благодарност!

Би сакале да искажеме благодарност за неизмерната поддршка што ја добиваме од целата заедница едукатори, а особена благодарност за поддршката од нашите партнери. По изминати две години, можеме да кажеме дека се гордееме на препознатливоста што ја уживаат богатите и корисни содржини со кои располага нашиот портал ЕДУИНО, почнувајќи од првите снимани видеолекции во склоп на платформата ЕДУИНО-настава, кои се реализирани во првите денови од оваа ЕДУИНО-приказна, па сѐ до денешниот ден, кога максимално се работи на едукативните игровни активности од новата платформа – ЕДУИНО Ран детски развој. Сите соработници, партнери, поддржувачи, помагачи, кокреатори и учесници се дел од градењето на ЕДУИНО како колективен портал за дигитални содржини. Токму затоа ние секогаш ќе бидеме ветерот во вашиот грб. Бидејќи искрено веруваме дека општествениот капацитет што ЕДУИНО го поседува, е одлична основа за развој на прекрасни иницијативи и проекти, кои може само да го збогатат и да го подобрат образованието во нашата земја. Би сакале да ве поканиме заедно да продолжиме да сонуваме, но и да дејствуваме. Ајде сите заедно да соработуваме за поквалитетно образование!

Со љубов, 

Ваш ЕДУИНО