Серијалот ЕДУИНО-вебинари своите почетоци ги бележи од септември 2020 година со првиот одржан ЕДУИНО-вебинар на кој присуствуваа повеќе од 3.000 едукатори од целата земја. Две години подоцна овој серијал е еден од најгледаните од областа на образованието и професионалниот развој на просветните работници. Оваа година повторно ги продолжуваме интерактивни неформални настани збогатувајќи ја нивната содржина со нови актуелни, иновативни и напредни теми од областа на образованието. Од исклучително значење за квалитетот на вебинарите се самите предавачи, истакнати просветни работници и едукатори кои со голема пасија и посветеност ги споделуваат своите знаења и вештини со своите колеги. Во пресрет на третиот серијал на ЕДУИНО-вебинари, сакаме да ве запознаеме токму со нив, нашите предавачи што беа дел од второто издание на серијалот одржано во периодот од 20ти октомври, до 15ти декември 2021 година. Во продолжение споделуваме како е да се биде предавач на ЕДУИНО-вебинар низ зборовите на Адријана Тодорова и Лила Каранфиловска, односно што ги мотивираше да станат предавачи и кои се впечатоците од нивното искуство.

„Внимателно избраните теми, начинот на кој беа презентирани, поддршката и ведрината, претставуваа одличен мотив за мене да аплицирам како предавач на следниот серијалот ЕДУИНО-вебинари“ – сподели Лила Каранфиловска, предавач на вебинарот Како да се воведат Целите за одржлив развој во наставата – практични примери и активности.

„Изборот на темите понудени на вебинарите од вториот серијал, кои прикажуваат иновативен приод во наставата, беа најголема мотивација да аплицирам за предавач“ – сподели Адријана Тодорова, предавач на вебинарот Превртена училница – концепт, стратегии и потребни ресурси за спроведување.

За своето искуство, соработката со тимот на ЕДУИНО и прифаќањето на предизвикот да ги усовршуваат своите вештини, паралелно споделувајќи знаење со колегите, тие изјавија:

„Да си предавач на ЕДУИНО-вебинарите е предизвик и задоволство. Додека се подготвуваш да споделиш дел од своите интересни училишни практики, во истиот момент и учиш, ги подобруваш своите професионални компетенции и компјутерски вештини. Посакувам секој наставник да има вакво позитивно искуство во својот професионален развој“ – додаде Лила Каранфиловска.

„Секој од нас наставниците вредно работи и се надминува себеси во својата училница. Ве охрабрувам да ги споделите вашите искуства, бидејќи ЕДУИНО-вебинарите се одлична можност за тоа. Со заемното споделување, предавачот и слушателите професионално растат“ – надополни Адријана Тодорова.

Се радуваме на позитивното искуство и соработка, ни беше особено драго да соработуваме со професионалци во својата област како Андријана и Лила. Останете во тек со најновите информации за третиот серијал и следете нѐ на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.