
Маја Буклеска
Одделенски наставник
ООУ „Димитар Македонски“ - Скопје
Настојувам моите ученици во процесот на учење преку игри, истражување, набљудување, по пат на обиди и грешки да откријат нови знаења. На тој начин го развивам критичкото размислување кај учениците и стекнување трајни знаења. Најголема награда за мене е успехот на моите ученици, нивната насмевка и задоволство.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Маја Буклеска, одделенски наставник, наставник-ментор во ООУ „Димитар Македонски“ - Аеродром, Скопје. При изборот на професијата да бидам наставник клучна беше љубовта кон децата. Како наставник, едукатор неуморно работам на својот професионален развој, вложувам во својата едукација затоа што верувам во силата на образованието. Ликот на наставникот и неговата компетентност се клучни за успех во наставата. Со текот на работното искуство влегувам во убавините на пишување и творење за деца. Автор сум на вежбанка за именки „Мојата вежбанка за именки - Играм, шарам, именки барам“.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Дефинитивно тоа е играта. Повикот за едукативни активности за учење и игра беше она што ми го привлече вниманието. Споделувањето на искуството, праксата од училница, пишувањето на игрите и тимската работа е мојата добра практика.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Учителите се огледало на општеството. Да бидеме учители полни со знаење, разбирање, отвореност, креативност и љубов. Ние сме тие кои можеме да го трасираме патот на развој на своите ученици, да оставиме трага која ни времето не може да ја избрише, да ги почитуваме, да бидеме почитувани. Останува на нас да бидеме најдобрата верзија од себе, доживотно да учиме, да се развиваме за да можеме да одговориме на новите трендови во образованието.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Сите едукатори треба да се вклучиме кон креирање на отворени и достапни активности со цел збогатување на ЕДУИНО библиотеката со што ќе придонесеме кон поинтересни, позабавни, покреативни часови и подобри постигнати резултати. Ги охрабрувам наставниците да бидат дел од ЕДУИНО Заедницата, да ги споделат своите добри пракси од училницата.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
За мене ЕДУИНО е виртуелен простор за наставниците каде што можат да ја покажат и докажат својата креативност и иновативност, а притоа придонесува кон целокупниот воспитно-образовен процес.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Двигател/енергија на воспитно-образовниот процес.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ

Марина Станиславова
Моја лична препорака до сите наставници е да се охрабрат и да ја пренесат својата енергија и креативност во едукативни активности и лекции и да станат дел од ЕДУИНО-заедницата

Маја Митева Петроска
ЕДУИНО е место каде се поставуваат високи цели, се наоѓаат големи предизвици и се раѓаат убави идеи, спој на квалитет, креативност и посветеност.

Незир Таири
Се трудам да бидам што е можно поблиску до децата, често им велам да ме сметаат како нивни другар што знае малку повеќе од нив.