
Сања Алексоска
Воспитувач
ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“ - Скопје
Би се опишала како посветен, креативен воспитувач кој постојано создава стимулативна средина за учење на децата во предучилишниот период. Како личност вложувам во својот професионален развој, учам нови нешта со цел да излезам во пресрет на потребите, желбите и интересите на децата.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Сања Алексоска воспитувач на деца од предучилишна возраст. Како едукатор би се опишала како посветена, креативна и амбициозна личност која постојано истражува преку својата секојдневна практика. Секогаш сум подготвена да ги надградувам своите професионални компетенции и да креирам стимулативна средина во која децата ќе се чувствуваат прифатено, безбедно и среќно.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Уште од самите почетоци како воспитувач бев посветена на социо-емоционалниот развој на децата. Ми беше особено важно децата во градинка да се чувствуваат сигурно и безбедно бидејќи само на тој начин можат да научат нешто ново. Научив да го препознавам нивното расположение и да навлезам длабоко во детската душа. Уште во тоа време знаев дека ќе посветам добар дел од својата надградба како професионалец во социо-емоционалниот развој. Она што сум денес е благодарение на постојаното вложување во подобрување на својата свесност за значењето на социо-емоционална компетентност и развој на социо-емоционалната интелегенција. Во мојата практика го користам конструктивистичкиот приод на работа и сакам учењето на децата во предучилишниот период да се одвива во реален контекст преку истражување и игра. Практикувам со децата да воспоставам искрен и пријателски однос и постојано ја потикнувам групата на создавање меѓусебна соработка. Градам отворен однос и соработка со родителите, бидејќи само заедно можеме да ги поттикнеме сите развојни потенцијали на децата.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Уште од самото создавање на ЕДУИНО порталот бев мошне заинтересирана за нивната работа. Уште од своите почетоци како воспитувач особено ја ценев дигиталната едукација на малите деца и сметав дека секоја педагошки осмислена дигитална сорджина може да допре суштински во учењето и градењето на знаења кај децата. Морам да признаам дека не беше лесно да се осмислат и оформат активности од кои ќе треба да снимите видеолекции, но благодарение на младиот ентузијастички и целосно посветен тим на ЕДУИНО, се стекнав со многу знаења во оваа област. Воодушевена што сум дел од ЕДУИНО платформата денес и топло препорачувам секој едукатор да се вклучи во ова дигитално „семејство“, да ги развие своите дигитални вештини и способности и да ги сподели своите иновации преку образовните содржини.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Дигитализацијата на образованието е неминовен процес кој дава можност за поттикнување на иновации во образованието. На тој начин се афирмира вистинската улога на едукаторите, а тоа е пренесување на знаења на различни начини и во различни ситуации, подготвени во секој момент да ја прилагодат својата едукативна улога во воспитно-образовниот процес. На тој начин секој едукатор има можност да остави свој печат во дигиталната библиотека и да остави зад себе едукативен материјал од големо значење за идните генерации.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО за мене претставува пример за квалитет во изработката и креирањето на дигитални содржини, непресушен извор на знаења за развивање на континуиран професионален развој. ЕДУИНО е поттик за истражување и користење на најдобрите стратегии кои ги следат глобалните светски предизвици во воспитно-образовната работа.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Дигитална професионална заедница.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ

Љазиме Амети
Желбата за нови предизвици ме мотивираше да ги реализирам на дистанца овие лекции со едукативен карактер.

Марија Богатиновска
Ме привлече самиот концепт на ЕДУИНО, тоа што имавме можност да направиме нешто што ќе остане како трајна вредност и за нашите ученици и за нашите колеги.

Рената Максимова
За мене процесот на учење не е финален со завршување на формалното образование, туку е нешто кое трае во текот на целиот живот.