ambassador image
Снежана Гуцуљ
Воспитувач
ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“ - Скопје
Мојата професија ми овозможува да го негувам детето во мене и истовремено да бидам дел од процесот на креирање на личности. Сакам предизвици и верувам дека секоја тема може да им се доближи на децата на начин соодветен за нивната возраст.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Снежана Гуцуљ, професор по предучилишно воспитание и образование. Работам во градинката „Кочо Рацин“ во Скопје, општина Центар. Воедно сум и Мастер воспитувач за социо-емоционален развој и раководител на Матичниот објект на нашата градинка. Моето работно искуство ме научи дека компетенциите на воспитувачот се клучен фактор за успешно реализирање на програмата и постигнување на целите. Затоа континуирано работам на мојот професионален развој, на истражување на стратегии, пристапи и алатки, но и на размена на идеи и искуства. Верувам дека секое дете има огромни потенцијали кои ние возрасните треба да ги препознаеме и со соодветен пристап да работиме на нив. Ме фасцинира фактот дека работам со деца од предучилишна возраст, период кој е најдинамичен и најважен за формирање на една личност. Додека работам со деца, себеси се доживувам како креатор на игри и предизвици со кои го поттикнувам конструктивистичкото учење.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Во работа со децата приоритет ми е нивната емоционална стабилност, па затоа моја основна задача е да обезбедам позитивна емоционална клима во занималната и да го развијам чувството на припадност и сигурност кај секое дете. Социоемоционалните компетенции децата ги учат според модел, а ние воспитувачите сме битни личности во светот на едно дете. Тоа сознание ме поттикна прво јас да се менувам, да работам на себе за да можам да станам позитивен модел од кој децата ќе учат. Денес работам со деца кои имаат развиена свест за своите емоции, ги препознаваат, вербално ги искажуваат и користат алатки и стратегии за смирување. Кога децата се на вакво ниво на емоционален развој, социјалната интеграција во групата е високо развиена и учењето е многу лесно. Чувство на задоволство од комплетно постигната цел доживеав кога сè она што го практикуваме во градинка децата почнаа да го пренесуваат и дома. Поддршката и соработката со родителите сега е на многу повисоко ниво и така успешно го затворивме триаголникот дете-родител-воспитувач.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Кога започна пандемијата и кога стигна првиот повик за креирање на активности за Е-занимална веднаш се фатив за работа. За мене мотивот е она што го знам и поседувам да го споделам со други, тогаш беше уште посилен, па така за кратко време снимив четири видео активности. Во наредниот период додека работев често размислував, колку би било убаво активноста што ја реализирам да ја споделам со други колешки за да биде достапна за повеќе деца. Така со тек на времето кај мене се акумулираа повеќе идеи за споделување, особено за активности од социо-емоционалниот аспект. Подготовката на активности за ЕДУИНО е захтевна и бара посветеност, но сето тоа се надминува со чувството дека создаваме трајни вредности.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Воспитно-образовната дејност е динамичен процес кој постојано треба да се прилагодува на барањата на современите текови и интересите на новите генерации. Тоа што било позитивна пракса пред некоја деценија не мора да значи дека и денес ќе ги даде истите резулатати. Ова што денешната технологија ни го нуди е вистинско богатство за секој едукатор. Брзата и лесна достапност до образовни ресурси и можноста за избор според сопствените интереси и потреби е можна само преку вакви платформи како што е ЕДУИНО, сè на едно место со само неколку клика. Искрено се надевам дека се повеќе едукатори ќе се охрабрат и ќе најдат време да придонесат со своето богато искуство за збогатување на содржините на ЕДУИНО порталот. Особено се радувам што ЕДУИНО нуди и можности за професионален развој преку серијалот ЕДУИНО вебинари.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО за мене е мотиватор, едукатор и пријател со кој често се дружам. Целиот концепт на ЕДУИНО е едно оригинално решение за сите барања на нас едукаторите. Да се работи за ЕДУИНО е предизвик и привилегија истовремено. Со користењето на ЕДУИНО како извор на многу активности јас го надополнувам моето искуство, а додека пак креирам материјали за самата платформа ги збогатувам моите професионални и дигитални знаења и вештини. Придобивките се на двете страни.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Креативна инднина.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Билјана Арсовска
Ме привлече самиот концепт на ЕДУИНО, тоа што имавме простор да направиме нешто што ќе остане како трајна вредност и за нашите ученици и за нашите колеги.
ambassador image
Весна Пупучовска
Научив да користам одредени алатки што претходно не ги употребував.
ambassador image
Нусрет Хазири
Мојот главен мотив се учениците, а постоењето на видеолекциите е за тие да имаат дополнителна можност да го применат учењето на далечина.