ambassador image
Викторија Стојановска
Воспитувач
ЈУДГ „25 Мај" - Скопје
Секогаш тргнувам од мојот став на љубов и прифаќање, а со тоа создавам основа, темел за секое наредно учење. Секое дете кое е сакано и прифатено ќе биде мотивирано да се вклучи во акција за конструктивно исполнување на своите можности.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Викторија Стојановска, вработена како воспитувач во ЈУДГ „25 Мај“ Гази Баба, Скопје. Како воспитувач работам 16 години. По професија сум дипломиран психолог и дипломиран професор по предучилишно воспитание, па целото знаење кое го стекнав во текот на моето формално и неформално образование успеавам да го преточам во успешна воспитно-образовна пракса со деца од предучилишна возраст. Енергична сум, постојано сакам нешто да се случува, прифаќам предизвици и промени. Сакам тимска работа, скромна сум и таа вредносна особина настојувам да ја развивам и кај децата. Работата со малите умови е привилегија и задоволство доколку успееш да погледнеш кон животот со нивните очи. Моето мото е „Подари му љубов и разбирање на детето, помогни му да ги направи работите само и тоа низ искуството ќе научи сè што му треба“.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Во текот на мојата работа со деца од предучилишна возраст сфатив колку е огромна мојата улога како воспитувач, но и како модел за идентификација, со кој децата се поистоветуваат. Сè што сакам да ги научам како морално однесување, вредности, добри практики пред сè мора да биде доследно и со моето однесување. Мојата работа како воспитувач е пред сè работа на себе за да може да им помогнам на децата да се изградат во идни добри личности. Играта е моќна алатка која ја има воспитувачот за подучување на децата но и единствениот начин каде децата спонтано, ненаметливо учат од своите искуства. Пред сè сакам и работам на тоа децата да ги развијам во емотивно зрели личности кои ќе знаат како да ги препознаат и прифатат емоциите кај себе и другите. Среќно, задоволно дете кое знае да биде благодарно и за мали нешта ме прави да се чуствувам како херој.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
На моите колеги едукатори би им препорачала да се охрабрат и да споделат дел од своите искуства кои вредат богатство, затоа што секој едукатор си дава свој непроценлив белег на својата воспитно-образовна практика. Би ги поттикнала меѓусебно да соработуваат и да градат колегијални односи за подобра реализација на нивната работа. Особено ги поттикнувам да ги прифатат и бидат во тек со сите идни чекори за развој и примена на дигитални алатки во образование и воспитување на децата. Ги поддржувам своите колеги во секој нивен обид да направат нешто ново, иновативно, креативно. Само храбрите се подготвени за сопствен раст и развој и затоа бидете подготвени постојано да учите нешто ново. Да правиме НЕШТО е подобро од тоа да не правиме НИШТО.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Како ЕДУИНО Амбасадор ќе се вклучам во сите наредни предизвици во склоп на ЕДУИНО. Ќе бидам поддршка но и мотивација за сите мои колеги за професионална соработка и развој. Но воедно гледам и можност за преземање иницијативи за воведување на нови програми за децата од предучилишна возраст кои би ги вовеле во соработка со МТСП и БРО.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
За мене ЕДУИНО е една голема искра надеж која се појави во вистинско време да нè сплоти и обедини нас, воспитно-образовниот кадар, но и да даде признание на професијата наставник и воспитувач. ЕДУИНО е голема ризница на искуства, практики и поддршка за сите кои се вклучени во воспитно-образовна работа. ЕДУИНО е едно големо семејство од ентузијасти.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Електронска библиотека, современ воспитно-образовен процес.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Тинка Палиниќ
ЕДУИНО ме поттикна на критичко размислување и примена на стекнатите искуства и знаења во наставата.
ambassador image
Нусрет Хазири
Мојот главен мотив се учениците, а постоењето на видеолекциите е за тие да имаат дополнителна можност да го применат учењето на далечина.
ambassador image
Соња Трифуновска
Изработката на видеолекциите за ЕДУИНО за мене беше една од најдобрите практики што ги имам во моето работно искуство како наставник.