ambassador image
Николина Милевска
Одделенски наставник
ООУ „Кочо Рацин“ - Куманово
Подготвена сум за следење и примена на нови методи во наставата и често се залагам од поставените цели да има видлив продукт, од кој ќе бидат задоволни, самите ученици и нивните родители. Секое дете е засебна индивидуа и од нас бара различен пристап и модел на учење.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас како едукатор за себе би кажала дека сум посветена, креативна и секогаш подготвена за нови предизвици во наставничката професија. Верувам дека иднината на образованието е во следење и примена на нови современи, дигитални методи кои ќе бидат соодветни на новите интереси и желби на учениците. Навремено ја препознав дигитализацијата како реална потреба во образованието и со мојот креативен дух, најнапред самостојно ги истражував достапните алатки, за денес да му се заблагодарам на ЕДУИНО порталот, што ни помага и ни понуди лесно достапни и корисни алатки.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Изработката на десет видеолекции за ЕДУИНО, како и тимски дваесет игровни активности за Ран детски развој, за мене беа најдобрите практики во моето работно искуство. Истите ги прифатив со задоволство и вложив голем труд. Имав можност да ја искажам сопствената креативност. Научив многу повеќе за дигиталните алатки кои ме прават посигурна и поинвентивна во работата денес.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Од самиот почеток сум учесник во ЕДУИНО работилници за игровни активности, за кои со задоволство се пријавив и бев дел од тимот. Кога се бара креативност и нови предизвици, секогаш нешто ме привлекува. Тоа е моја пасија која ме води и задржува на работното место, ме одмора кога сум уморна, ме исполнува кога се чувствувам празно. На идните едукатори им препорачувам да се вклучат во секој ЕДУИНО повик, затоа што да се погледне, слушне или презентира свое лично дело, те прави задоволен, среќен и посигурен во работата. ЕДУИНО тимот го препознава вложениот труд, го уважува и наградува. Тоа е целта и патот кон успехот на еден наставник!
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Со голема радост и со гордост ќе се носам со признанието ЕДУИНО Амбасадор и ќе ги почитувам сите правила и обврски во ЕДУИНО заедницата. Ќе продолжам со засилено темпо да бидам модератор на трајни вредности и да давам поддршка на другите кои чекорат по патот на успешен едукатор.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО за мене претставува сигурна, професионална поддршка која и понатаму ќе не води низ идните образовни лавиринти како квалитетен модел. Во чекор ќе ги прати нашите потреби и ќе не мотивира посамоуверено да се надоградуваме во нашиот професионален развој. ЕДУИНО е интересно место каде што ние наставниците сме ученици и визуелно и виртуелно се забавуваме!
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Иноватор кој ги предвидува и остварува нашите професионални потреби.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Билјана Арсовска
Ме привлече самиот концепт на ЕДУИНО, тоа што имавме простор да направиме нешто што ќе остане како трајна вредност и за нашите ученици и за нашите колеги.
ambassador image
Мира Ѓорѓиевска
Процесот на дигитализација е неминовен, а ЕДУИНО е вистиски пример и насока за како треба да изгледа образованието во иднина.
ambassador image
Мануела Димова
Создавањето на креативени, едукативени, иновативни начини и методи за пренесување на знаење е дел од моето секојдневие како наставник.