Потребно е големо срце за да се обликуваат младите умови“ – со оваа реченица програмскиот менаџер на СмартАп Александар Лазовски ја започна својата презентација, со која ЕДУИНО беше дел од  конференцијата што се одржа во организација на УНИЦЕФ: „Врската меѓу добросостојбата на децата и нивните постигнувања“. Преку ова учество имавме исклучителна можност да ги претставиме сите иницијативи од проектот ЕДУИНО, пред значајни и еминентни личности и институции, како и пред голем број едукатори во државата. Со оваа мисла го започнуваме за нас еден од најзначајните текстови, со кој сакаме да се потсетиме на сите убави мигови во изминатите две години, а исто така да ја искажеме мотивацијата и желбата за новите предизвици во проектот ЕДУИНО.

Како започна?

Пред две години, во март 2020 година, во почетоците од глобалната пандемија, неминовна беше потребата за дигитализација во образованието, усовршување на вештините на просветните работници, како и креирање соодветни ресурси за поддршка на наставата на далечина. Потребно беше решение. Потребно беше да се сплотат едукаторите и учениците на место што ќе значи катче за едукација и игра. Потребно беше да се создаде ЕДУИНО.

ЕДУИНО беше и е нашето решение. Тоа е портал за колективно подобрување на образованието преку кокреирање и иновации и претставува можност да ги поттикнеме промените почнувајќи од нашата заедница, преку работа на професионалниот развој на едукатори низ целата држава со една единствена цел – да го охрабриме креирањето содржини соодветни за поддршка на образовниот процес во целина.

Како се спои сложувалката за кокреирање?

Кога го започнавме овој проект, размислувавме како најдобро да ги вклучиме сите засегнати страни, бидејќи знаевме дека само преку процес на заедничка работа и кокреирање, може да се постигнат успеси. За да се охрабрат едукаторите да создаваат заедно, потребно е тие да се чувствуваат дека не се сами во процесот и дека има кој да им пружи помош и поддршка, што е од особена важност за целосната реализација. Исто така, улогата на институциите во процесот на кокреирање е од клучно значење како главни креатори за идните стратегии во образованието, а со тоа и еден од најважните делови на ЕДУИНО-сложувалката. 

Токму затоа би сакале да искажеме голема благодарност до клучните образовни институции во државата од кои добивме силна поддршка: Бирото за развој на образованието (БРО), Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Сакаме да потврдиме дека навистина беше за почит нивната подготвеност да се вклучат во оваа заедничка идеја, бидејќи уште од самиот почеток сите напори ги насочивме кон иднината, како она што го создаваме сега, да има долгорочна вредност што ќе остане за идните генерации учители и ученици.

–  Низ процесот на создавање на ЕДУИНО, покрај креираните дигитални ресурси и алатки, се разви и заедница на едукатори за создавање и иновација во образованието. Сите материјали што се креираат, поминуваат низ систем за верификација и одобрување, со што се обезбедува квалитет на содржините што ЕДУИНО ги нуди, како и нивна компатибилност со наставниот план и програма – изјави Зекирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието при прославата за одбележување една година постоење на ЕДУИНО.

Би сакале да ги споменеме и оние соработници што имаат навистина посебно место во оваа сложувалка, а тоа се нашите партнери УНИЦЕФ, кои безрезервно придонесуваат во овој проект. Се присетуваме што ни раскажа Патриција Ди Џовани на средбата по повод прославата за ЕДУИНО.

–  Со задоволство можам да ја констатирам неверојатно брзата адаптација на образовниот систем кон учење на далечина и огромниот напор за воспоставување на Националната платформа за настава од далечина и порталот ЕДУИНО. ЕДУИНО дојде во време кога беше најпотребно. Мора да обезбедиме повеќе од само место за учење предмети, мора да обезбедиме место за игра, дружење и развивање вештини за 21 век – изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Тука е и големата поддршка од Амбасадата на Велика Британија преку Владата на Обединетото Кралство, додека имплементацијата ја спроведе невладината организација СмартАп – Лабораторија за социјални иновации. Во проектот учествуваа и Synrg Software & IT Solutions. 

–  Заслугите за успехот на ЕДУИНО мора да им припаднат на луѓето што денес ги именуваме како амбасадори на ЕДУИНО. Јасно ги гледаме извонредните резултати на полетни, креативни, посветени и одлучни професионалци – изјави Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Велика Британија.

Според Александар Лазовски, програмски менаџер на СмартАп – Лабораторија за иновации, наставниците се скулптори на сегашните и на идните генерации:

 Моето уверување е дека добрите учители се двигатели на нашите животи. Нашето главно достигнување е доказот дека едукаторите може да работат сплотено и заедно кон решавање системски проблеми, дека тие сакаат да бидат заедница во која ќе се вреднува нивната работа, која ќе ги поттикнува и ќе им помогне во нивниот професионален развој и во нивното изразување и исполнување на нивната креативност – истакна Александар.

Како до трајни вредности во македонското образование?

Платформата ЕДУИНО прерасна во ресурс со трајна вредност за нашето образование бидејќи уште од самиот почеток преку волонтирање, сите наставници се вклучија бесплатно да снимаат видеолекции што ќе може да се користат. Едноставно, се водевме од желбата овој портал да биде расадник на нови идеи, ресурси и иницијативи, па, така, ќе можете да забележите дека клучниот збор во овој процес е зборот КОЛЕКТИВЕН. Што сѐ вклучува нашата колективност и кокреирање овие две години, ве повикуваме да прочитате во вториот дел од текстот: Две години ЕДУИНО – две години создаваме трајни вредности за нашето образование и заедно да се присетиме на сите убавини и успеси што ги постигнавме, како и да ви раскажеме за идните планови за овој проект.

До следното читање,

Ваш ЕДУИНО