Овој Edu Talks е продолжување на минатиот текст „Зошто е потребно да се инвестира во дигитализација на образованието?“. Сега ќе зборуваме колку во современиот свет дигиталната писменост претставува животна вештина затоа што таа ги таргетира сите области на модерното живеење.

Во минатиот век, суштинската промена беше премин од производство на стоки во давање услуги. Тоа резултираше со економија заснована врз информации и знаења. Денес, компјутерите ја заменуваат работната сила, пред сѐ онаа што врши рутински физички и когнитивни задачи, но воедно тие ги надополнуваат работниците кои вршат нерутински задачи поврзани со решавање проблеми. Образовните системи денес се соочуваат со предизвикот дигиталната писменост да се вгради во сите нивоа на образованието, како и во професионалниот развој на наставниците.

Животот во современите општества опфаќа сложен систем на знаење, вештини, способности и мотивациски фактори, кои граѓаните мора да ги развиваат со цел да бидат функционални во својата средина. Ваква подготовка на младите луѓе за животот во идните високо развиени општества, може да им овозможи единствено квалитетно дигитално образование.          

Дигиталната педагогија ги развива компонентите на метакогницијата, како што се:

  • Декларативното знаење – свесност за тоа што треба да се направи;
  • Процедурално познавање на вештината – стратегии и ресурси кои се потребни за да се изврши задачата, знаење како нешто треба да се изведе;
  • Кондиционално знаење – кога нешто треба да се изведе и примени;

Користењето на овие регулаторни способности се нарекува когнитивен надзор или мониторинг, а тоа е контрола над сопствените стратегии за мислење и учење. Станувајќи дигитално компетентни, учениците стануват способни да размисуваат со цел да најдат решение за некој проблем.

Несомнен факт е дека во образованието се одвива глобална револуционерна промена. На ова поле следните промени ќе ги поместуваат границите на начинот на кој се одвива досегашната едукација кај учениците и ќе дојдат генерации со сосема нова перцепција, бидејќи поинаку ќе фунционира светот кој ги опкружува, поттикнат од сите технолошки пронајдоци и потенцијали за нивна употреба. Притоа, во таа незапирлива промена, посебно место и улога има дигиталната педагогија.

Сеопфатната рамка (The Digital Competence Framework for Citizens) на ЕУ во која детално се опишани и објаснети дигиталните компетенции, за првпат беше објавена во 2013-та и оттогаш постојано се надградува, со што овој термин стана вообичаена референтна алатка на европско и на национално ниво. Според оваа рамка, дигиталните компетенции се поделени на пет области:

  • информатичка и писменост за податоци;
  • комуникации и соработка;
  • креирање дигитални содржини;
  • безбедност;
  • решавање проблеми.

Целта на секоја национална стратегија за образование треба да биде учениците да се стекнат со горенаведените вештини. Дефиницијата на УНЕСКО за дигитална писменост ги вклучува термините: „пристапи“, „управувај“, „разбирај“, „интегрирај“, „комуницирај“, „оценувај“ и „создавај“, при што, нагласена е примената на дигиталната писменост како можност за вработување, пристојни работни места и претприемништво, со што акцентот се става на создавање кадри кои во иднина би биле компетитивни на светскиот пазар на трудот. Одговорност на секоја држава е да им овозможи на учениците такво образование низ кое ќе ги стекнат овие вештини, а без кои во иднина не би биле рамноправни со своите врсници од развиените земји.

Огромниот потенцијал кој го има дигитализираното образование, според современите теории е токму во  можноста за персонализирање на наставата, како и за интерактивен процес на учење. Всушност, воведувањето на новите технологии во училиштата е образовно, а не технолошко прашање.

Воведувањето на новите технологии во училиштата е образовно, а не технолошко прашање.

Во извештајот на Eurydice 2018-19 (европска образовна инфомациска мрежа која изработува анализи и политики наменети за високите тела кои донесуваат одлуки во оваа област), е даден компаративен пресек на насоченоста на наставните програми за постигнување дигитални компетенции во различни земји. Во Чешка, покрај посебниот задолжителен предмет Информатички и комуникациски технологии, ИКТ се интегрирани и во предметот Математика. Данска предничи со реформата и во оваа држава новите технологии се интегрирани во курикулумите на сите задолжителни предмети. Во Германија, дигиталните компетенции се вметнати во наставните програми на сите задолжителни и изборни предмети. Исто така и во Естонија, дигиталните компетенции се дел од курикулумите на сите предмети. Ирското искуство покажува дека дигиталните технологиии се интегриран дел од развојот на секој нов курикулум, а во нив се предвидува употреба на технологијата и дигатални медиумски алатки при совладување на содржините. Во Словенија, покрај посебниот предмет Информатика, новите технологии се интегрирани во неколку задолжителни предмети.  Во Албанија, покрај посебниот предмет ИКТ, новите технологии се вклучени во наставните предмети од Природните науки. Во БиХ предвидени се само два посебни информатички предмети, а дигиталните компетенции не е предвидено да се развиваат низ наставните програми на другите предмети. Во Бугарија има три посебни задолжителни предмети од областа на информатиката и информатичките технологии, но не е предвидено изучување на оваа област во интеграција со другите предмети. Во Црна Гора, задолжителен предмет е Информатиката, но новите технологии не се интегрирани во другите предмети. Во Србија наставниците се поттикнуваат да ги интегрираат дигиталните компетенции во нивните предмети, но тоа не е задолжително. Шпанскиот пример покажува дека новите технологии се вградени во предметите: Математика, Шпански јазик, природни науки, општествени науки, уметности, странски јазици. Во Холандија, новите технологии се дел од предметите Холандски јазик, странски јазици, Општествени предмети и Математика. Австрискиот пример е поразличен од другите држави, во нивниот образовен систем е предвидено крос-курикуларно медиумско образование и секое училиште има автономија во кои предмети ќе го вклучи, додека Информатика се изучува како посебен предмет. Во Романија, Информатика и Технологии на комуникации, се изучуваат како посебни предмети, а дигиталните компетенции не е предвидено да се изучуваат интегрирано во наставата. Швајцарија предвидува Медија и ИТ како крос-курикуларна настава, со голема слобода во изборот на интеграцијата на предметите во трите кантони. Во споредба со другите држави кои се дел од анализата на Eurydice, европска образовна инфомациска мрежа која изработува анализи и политики наменети за високите тела кои донесуваат одлуки во оваа област, графата за делот на Северна Македонија беше најскромна од сите, со само еден задолжителен предмет – Работа со компјутери. Имајќи ја предвид тековната реформа, следниот извештај ќе ја прикаже актуелната состојба, но сепак, заклучокот е дека во оваа област сме меѓу последните во Европа.

Во процесот на реформи во образованието, Северна Македонија спаѓа во групата земји кои е неопходно да работат на унапредување на инфраструктурата, како предуслов за дигитализација во образованието. Тоа опфаќа регулација на мрежата, законски процедури за обезбедување дозволи за изведба на инсталација, опрема и оптика, прекоп, ископ, поставување на базни станици, подготовка на урбанистичко-планска документација, пренамена на земјиште, можност за напојување, поставување електрична инсталација во училишните згради и слично. 

Во државите со веќе развиена инфраструктура, фокусот е ставен на унапредување на дигиталните компетенции на наставниот кадар. Секако, не помалку значајна е и медиумската кампања, со цел пошироката популација и пред се, родителите, да се запознаат со значењето на дигиталното образование и придобивките од него.

Станува збор за долг процес во кој не смее да се прескокне ни една од неговите фази и компононти, бидејќи се работи за системски концепт кој е составен од повеќе елементи. Имајќи ја предвид комплексноста на процесот, во ЕУ регулативата , се посочува дека се поттикнува развојот на високо перформативен дигитален образовен екосистем кој предвидува:

Инфраструктура, поврзаност и дигитална опрема, планирање и развој, вклучува тековно ажурирање на организациските капацитети, дигитално компетентни и самоуверени наставници, образовен и персонал за тренинг, високо квалитетни курикулуми, лесно управувачки алатки, безбедни платформи со почитување на приватноста и етичките стандарди.“ 

Акцискиот план за дигитално образование на ЕУ 2021-27“, изнесува визија за високо квалитетно, инклузивно и дигитално достапно образование во Европа, а пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19 која целосно го префрли образованието во онлајн просторот, ни покажа дека технологијата е незаменлив елемент во образованието, обликувајќи го образовниот сиситем во соодветен за новото дигитално време.

Во таа смисла, неопходна е радикална промена на нефункционалните и општи наставни програми, со ставање акцент на стекнување практични знаења и вештини. Станува збор за промена на застарените предмети со нови, кои ќе бидат базирани на интердисциплинарност (на пример, уметност, култура, комуникации во еден предмет); но и за промена во оценувањето (описно наместо нумеричко); за воведување на индивидуален пристап во наставата; воведување на Qualitystandard, односно еднакви услови за учење за секој ученик во државата; воведување на СТЕАМ (STEAM – science, technology, engineering, arts and mathematics) настава, што е особено важно денес во образованието затоа што токму таму, во техничките науки и креативноста, се наоѓаат најголемиот број и најплатените професии што се најпривлечни.

СТЕАМ (STEAM – science, technology, engineering, arts and mathematics) наставата денес е особено значајна во образованието, затоа што токму таму, во техничките науки и креативноста, се наоѓаат најголемиот број и најплатените професии во светот.

Во современото дигитално општество, неопходно е образованието да ги развива граѓанските демократски вредности и да ги подготвува учениците и студентите за активна улога во демократизацијата на граѓанското општество, а еднаквиот стандардизиран образовен систем тоа може да го овозможи. Образованието во кое се интегрирани дигиталните технологии, со глобални вредности и интеракција со светот, ќе поттикне поголема граѓанска свесност и одговорност спрема различните култури и идентитети и ќе придонесе за поадекватно демократско уредување според потребите на современото општество, чија карактеристика е културниот диверзитет или културниот плурализам.  

Со овој блог пост ја најавуваме следната Edu Talks тема, „Дигитализацијата во образованието – совети и практити за наставниците, родителите и децата“, а во меѓувреме, ве покануваме да ги разгледате видеоупатствата на ЕДУИНО платформата, каде имаме избор со повеќе од 50 туторијали од кои ќе бидете поттикнати да го направите следниот онлајн час подобар, поинтерактивен и поинтересен. Видеоупатствата можете да ги погледнете тука, а се подготвени од нашите соработници и поддржувачи, во краток и практичен формат.   

Во очекување на следниот блог-пост, размислете како со заеднички сили може да се постигнат посакувани цели… 

Ве поздравува тимот на #EduTalks.