Како што посочивме во минатото издание на Edu Talks, следните два блог-постови ќе бидат изoбилие на корисни информации за процесот на дигитализација, па упатуваме искрена препорака дека секој наставник, едукатор и родител треба да ги прочита, бидејќи новите информатичко-комуникациски технологии навлегоа во сите области на современиот живот.  

Дигиталната писменост стана многу повеќе од способност за ракување со компјутери. Овие промени кои влијаеа на сите општествени сегменти, наметнаа трансформација на класичното образование во модерен и дигитален едукативен систем од кој треба да произлезат дигитално флуентни ученици со компетенции кои ќе им овозможат да бидат рамноправни и активни граѓани во развиениот свет.

Според извештајот на Eurydice (европска образовна инфомациска мрежа која изработува анализи и политики наменети за високите тела кои донесуваат одлуки во оваа област), „Дигиталното образование во училиштата во Европа 2018-19“, повеќето европски земји имаат изготвени планови за инвестирање во училишната дигитална инфраструктура. Во поголемиот број земји, инвестициите во таа инфраструктура се јасно посочени помеѓу целите вградени во дигиталната образовна стратегија. Во дел од земјите, токму тоа е посочено како значаен предуслов за успешноста на овој процес (Бугарија, Италија, Унгарија). Секоја земја е во различна фаза на развојот на дигиталното образование, така што, за дел од нив, инфраструктурата сѐ уште е приоритет. Покрај инфраструктурата, развојот на дигиталните компетенции на наставниците е клучната компонентна за квалитетно дигитално образование. Несомнено, станува збор за комплексен и долг процес за кој е потребен временски период за секоја од фазите (инфраструктура, едукација на наставниците, медиумска кампања), со цел да се создаде високо квалитетен дигитален образовен систем.

Британското искуство покажува дека кај нив овој процес пред десетина години започнал, од професорите по информатика. Имено, група наставници ја формирале организацијата CAS (computing at school), па потоа лобирале во владата со цел да се променат наставните курикулуми и во училиштата да бидат застапени вештините на кодирањето. Една деценија подоцна Обединетото Кралство предничи во оваа област и е меѓу водечките земји во имплементацијата на новите технологии во образовниот процес. Суштинскиот отскок се случил во 2014-та година, кога владата донела одлука со која задолжително се вметнува изучувањето на ИКТ во образованието, со акцент на кодирањето. Со оваа промена, учениците го изучуваат кодирањето уште од петгодишна возраст, а во некои училишни установи и порано. Во Обединетото Кралство има национален наставен план во кој се дефинирани потребните вештини кои се очекува да ги стекнат учениците во наставата, при што, се нагласува дека не е најважно учениците да научат да ги користат компјутерите, туку компјутерите да се користат низ наставата.

Час по кодирање на ученици од 8-9 годишна возраст во колеџот „Ст.Џон“ во Кембриџ

Искуството со дигитализацијата на секоја земја е различно и креаторите на политиките некаде побрзо, а некаде подоцна ја препознаваат важноста на овој процес. Но, значајно е да се нагласи дека дигитализацијата на образованието е развојно, а не статично прашање, тоа е процес кој има почеток и нема крај, бидејќи иновациите во оваа област се континуирани и незапирливи. 

Генерално, дигиталната писменост има позитивни ефекти врз вештините што се потребни за успешно совладување на материјалот. Дигитално писмените ученици можат полесно да пристапуваат до информации бидејќи во дигитална форма им се достапни сѐ поголем број податоци, до кои е полесно да се пристапи отколку до традиционално базирани ресурси за учење. Управувањето со информациите е компонента на дигиталната писменост што учениците ја стекнуваат и ја користат понатаму во нивниот живот. Според комуникологот Сора Парк, една од најзначајните вредности кои можеме да им ги дадеме на учениците е дигиталниот капитал кој претставува збир на вредности, знаења и вештини. Суштината на дигитализацијата на образованието е учениците да стекнат дигитални компетенции кои се неопходни со цел да бидат функционални граѓани на развиените општества. На европско ниво, дигиталните компетенции веќе одамна се признаени како еден од клучните предуслови за доживотното учење, а за првпат овој термин се сретнува во Препораките на ЕУ од 2006-та година.

Дигиталните компетенции се дефинирани како: „Самостојна, критичка и одговорна употреба и вклученост на дигиталните технологии за учење, работа и партиципација во општеството.“

Дигитализацијата на образованието е неопходна и поради тоа што современите компании се соочуваат со реструктуирање на работата, што значи хоризонтални организациски структури, децентрализирано донесување одлуки, широко споделени информации, флексибилни услови за работа и соработка во проектни тимови. Компаниите бараат нови вештини како и зголемена улога на ИКТ на работното место заради комуникација, споделување информации и стимулација на деловната активност. Рутинските когнитивни и рачни задачи во економијата опаѓаат, а нерутинските, аналитичките и интерактивните задачи се зголемуваат. Резултатот се нови практики за кои се бараат работници со можност флексибилно да одговорат на низа комплексни проблеми, ефективно да комуницираат, да управуваат со информации, да се способни за работа во тимови, да користат технологија и да произведуваат ново знаење. Овие способности ретко се предаваат во училиштата.

Имајќи ги предвид нашите аспирации кон ЕУ, дигитализацијата на образованието е значајна компонента поради стратешките определби за иновативна економија и развој на претприемаштвото, како и поддршка на екологијата кои се директно поврзани со развојот на дигитални екосистеми. Воедно, стратешките документи на ЕУ развиваат план за заедничка европска образовна платформа од која не би можеле да бидеме дел доколку не инвестираме во современ образовен систем.

Дигиталната педагогија овозможува учениците да развијат критичко и аналитичко мислење со цел лесно да се справуваат со решавањето на проблемите

Создавањето функционали дигитални платформи на учениците им обезбедува пристап до материјалот и можност да учат и да пишуваат домашни во време кога ним им одговара. На наставниците им овозможуваат да имаат увид во домашните задачи додека се во процесот на изработката, и да создаваат колаборативна средина во која функционално се поврзани учениците, родителите и наставниците. Пристапот до материјалите за учење е лесен и брз, овозможува учество во сферата на социјалните мрежи и ги подготвува учениците да бидат активни граѓани кои преку интернет мрежата ќе можат да партиципираат во општеството и да го искажат својот глас. Исто така, инвестирањето во дигиталното образование овозможува учење низ игра, а при тестови и други задачи нуди и можност за реално оценување со кое се исклучува пристрасноста на човечкиот фактор. Дополнително овој пристап овозможува употреба на апликации и веб страни со интерактивни и мултимедијални содржини, мултисензорност со која пренесената содржина подобро се помни, како и развој на метакогницијата (мета учење, мета слушање и мета помнење). Воедно, учениците стекнуваат дигитални вештини сродни на оние кои ги имаат нивните врсници од високо развиените земји, со што во иднина, доколку се најдат во иста средина со нив, ќе бидат самоуверени и подобро подготвени за новите и современи работни позиции. Овие стекнати вештини ќе им овозможат на учениците полесно да ја совладуваат употребата на новата технологија која брзо и секојдневно се менува и се развива. 

Следниот блог-пост ќе биде продолжување на темата „Како дигиталната писменост во современиот свет претставува животна вештина“, а во меѓувреме, ве покануваме да ги разгледате видеоупатствата на ЕДУИНО платформата, каде имаме избор со повеќе од 50 туторијали од кои ќе бидете поттикнати да го направите следниот онлајн час подобар, поинтерактивен и поинтересен. Видеоупатствата можете да ги погледнете тука, а се подготвени од нашите соработници и поддржувачи, во краток и практичен формат.  

Во очекување на следниот блог-пост, размислете како секој од нас може да биде двигател на промените…                    

Ве поздравува тимот на #EduTalks.