Во овој Edu Talks, ќе зборуваме на темата “Дигитализација во образованието, совети и практики за наставниците, родителите и децата“ заедно со нашите две гостинки, професионалци во својата област. Нашата прва соговорничка е Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор во Неокортекс-Центар за психотерапија, психодијагностика тренинг и едукација и втората соговорничка е Сандра Колева, одделенски наставник во ООУ “Тоде Хаџи – Тефов”, Кавадарци.

Со Катерина и Сандра, поразговаравме за тоа како дигитализацијата, која веќе е глобална потреба и е дел од нашето опкружување, влијае врз развојот на децата и кои се можностите и придобивките кои ни нуди процесот на дигитализација во образованието.

Го започнавме разговорот и Катерина ни раскажа како според нејзиното мислење дигиталните технологии го смениле начинот на живот кај возрасните, но и кај децата и адолесцентите. Таа вели дека поради тоа што интернетот и пристапните средства, како што се таблетите и паметните телефони, заедно со платформите за социјални медиуми и апликациите, станале составен дел од животот на младите и претставуваат нов начин на живот, потребно е возрасните да го балансираат и истиот умерено да го вклучат во секојдневието на децата:

„Сведоци сме на огромниот подем кој го доживува технологијата, секој аспект на човековото живеење се менува и адаптира на дигиталната иднина, па така и начинот на коj учиме и промените во целиот образовниот систем. Вондредните околности околу пандемијата на Covid-19 не им дозволија на наставниците и едукаторите доволно долго време соодветно да се подготват и прилагодат на новиот начин на работа. Од друга страна и родителите се соочија со предизвици, бидејќи во еден момент домот прерасна во работна канцеларија, училница и градинка. Потребни се промени, кои подобро е да бидат умерени, бидејќи балансот е клучот на успехот.“ – вели Катерина.

Таа во својата работа како специјален едукатор и рехабилитатор, ни раскажа дека се води по едно значајно правило во кое вклучува 4 фактори за успешно совладување на предизвиците во ова дигитално општество кои помагаат во здравиот раст и развој во детството и адолесценцијата, а тоа се: движење, допир, социјални вештини и поврзаност со природата. Во разговорот изјави дека интернетот и дигиталната технологија се вклучени во нашето секојдневие и не можеме без нив, бидејќи имаме големи бенефити и брзи достапни информации во секое време, па разговорот продолжи во насока дека на децата им е потребно водство и систем на поддршка, бидејќи не е целта да се спречат новите технологии и ерата на дигитализација. Оваа фаза треба да ја негуваме и внимателно да ја градиме, но и да им помогнеме на децата кон одговорно и рационално користење на истата:

„Потребно е да се прави разлика помеѓу корисна употреба, злоупотреба односно претерано користење, па се до зависност. Моето мислење е дека има огромни предности и бенефити од современите технологии кои многу аспекти од нашето живеење го подобруваат, олеснуваат и унапредуваат. Но, проблем настанува кога истите се даваат да се користат во несоодветна возраст или се користат претерано и во неконструктивни цели или се користат во несоодветно време и место и стануваат дистрактор. Дигиталните содржини може да бидат многу корисна алатка употребена за учење, развој, комуникација, секако да не го заборавиме и подоцнежното влијание – кога веќе нашите деца се работноспособни, познавањето на дигиталните содржини им овозможува да се одличен кадар во било која институција, но мора да бидеме многу внимателни. Доколку навремено не внимаваме и дозволуваме прекумерено користење, тогаш дигиталните содржини во било која потреба, преминуваат во злоупотребена, адиктивна алатка.“

Во разговорот зборувавме за тоа како родителите можат да ги искористат придобивките од користењето на технологијата во процесот на учење кај децата, бидеќи самиот процес на дигитализација на образованието е несекојдневно користење на мобилните уреди, таблетите и компјутерите, од уред за играње – во уред за учење. Катерина ни сподели четири совети, кои таа како едукатор и рехабилитатор ги практикува со родителите, со цел осврнување на детето кон техлологијата која ќе му помогне во процесот на учење, а воедно нејзино редуцирано користење како дел од своите игри: 

Совет бр. 1 – Дигитално катче за заеднички активности – откријте кои игри можете да ги играте или кои видеа, едукативни содржини може да ги работите со вашето дете пред малиот екран. Овој начин на соработка ви овозможува контрола над содржините кои вашето дете ги следи, но исто така има позитивен ефект врз вашата врска, блискост и комуникација.

Совет бр. 2 – Забранета зона – воведете правило и јасно дефинирајте во кои ситуации е целосно забрането да имате екран пред вас – на пример за време на оброк, пред спиење, додека се возат во автомобил. Можете исто така да воведете правило дека мобилниот телефон, таблетот и компјутерот се користат само во дневната соба ако се употребуваат за игра.

Совет бр. 3 – Поставување граници – воведете правило дека мобилен телефон, таблет или компјутер, кога се користи во слободно време и се користи максимум 1 час на ден (ова правило не важи кога неговата употреба е за училишни цели).

Совет бр. 4 – Дигитални содржини – да, но пред вашето дете секогаш нека има дидактички средства со кој ќе манипулира и ќе ја решава поставената задачата зададена во дигиталниот учебник. Ерата на дигитализација постојано потсетува за нејзиното вклучување во нашето секојдневие, но никако да не се забораваат потребите и главните аспексти за здрав раст и развој на едно дете-движењето и социјалниот контакт. ЕДУИНО е пример за тоа како наставниците преку голем број дигитални содржини и настава на далечина им овозможија на децата да не го стопираат нивниот раст и развој за време на пандемијата.“

Потоа овој разговор го продолживме со нашата втора гостинка во овој Edu Talks, Сандра Колева, со која првенствено зборувавме за нејзиното мислење за глобалната дигитализација. Таа ни раскажа дека дигитализацијата која е во секој сегмент од нашето опкружување и има сè поголемо влијание врз животот на децата, без разлика на возраста, а сепак образованието на децата, социјалната заштита и идните можности за работа може да зависат од тоа колку добро го разбираат дигиталниот свет околу нив.

„Она што претставува дигитална писменост варира во зависност од возраста на децата и локалната култура. Дигитализацијата во образованието има посебен акцент врз развојот на децата и ја опфаќа нивната игра, учество, дружење, пребарување и учење преку дигитални технологии. Алатките и технологијата за учење им овозможуваат на учениците да развијат ефективни вештини за самостојно учење, да се оспособат да анализираат што им е потребно и да научат да пребаруваат и користат онлајн ресурси. Дигиталното учење ја зголемува нивната ефикасност и продуктивност.“, вели Сандра.

Низ разговорот таа изјави дека дигитализација во образованието, не значи само следење на настава и учење пред компјутер, туку следење на презентации, учество во квизови, можност учениците самостојно да креираат и слободно да се изразуваат, да презентираат и да развиваат ораторски вештини. Дискусијата продолжи со прашањето како овој процес ја подобрува работата на наставниците во предавањето на наставните единици и како тие да им бидат од помош на учениците во овој процес, па Сандра како посветен наставник, ни раскажа:

Употребата на дигитални технологии во образованието им нуди на наставниците можност да дизајнираат привлечни методи за учење, им дава можност да го прават учењето мобилно, интерактивно и ангажирано, мотивирајќи ги учениците да се заинтересираат за поставената цел на секој час. Живееме во време кога постојат безброј едукативни игри, видеа, можности за корисни истражувања од најрана детска возраст па сè до адолесценција. Сите едукатори би требало да ги следат иновациите и современата настава за да им обезбедат на учениците квалитетно учење.

Сандра вели дека едукаторите треба да ги мотивираат учениците од сите возрасти со користење на разновидни едукативни дигитални алатки, а потоа да се поврзат со нивниот свет, да им дадат слобода на истражување и да ги направат тие да бидат експертите, па во разговорт ни раскажа за нејзиниот час по природни науки: 

„Јас како едукатор сум во постојан контакт со новите трендови на дигитализација. На часовите имплементирам разни видови дигитални алатки кои го подобруваат наставниот процес и придонесуваат полесно да се совладаат предизвиците во наставата. Најчесто креирам е-книги, презентации, постери, квизови, а истражуваме и информации поврзани со наставните содржини. Од дигитални алатки кои ги користам на часовите би ги издвоила Canva, Storyjumper, Book Creator, Kahoot, Quizziz. Тука има безброј можности за креирање на интерактивен и ефективен час, кој ќе го задржи активното насочено внимание на учениците. За еден наставник да биде успешен треба секој час убаво да го осмисли, да внесе креативност, а дигитализацијата токму тоа ни го овозможува. Како еден пример ќе го наведам часот по природни науки. Наставната содржина им ја презентирав на учениците преку електронска сликовница. Часот беше преточен во приказна, а реакцијата на учениците беше очекувана, возбудени и нетрпеливи за тоа што се случува во приказната. Тие се чувствуваа како да следат анимиран филм, а јас бев сигурна во успешната реализација на часот.“

Според нејзиното искуство вели дека визуелното учење секогаш вродува со плод, учениците развиваат критичко и логичко размислување, им се задржува вниманието и се целосно фокусирани на часот. Сандра ни раскажува дека е неминовно родителите и едукаторите треба да се во постојан тек со современата дигитализација за да им овозможат на децата безбеден пристап, односно да се следи колку време децата поминуваат со електронските уреди и секако нивната употреба да биде соодветна и ефективна во насока на едукацијата. Потоа продолижи со искрениот разговор и посочи дека родителите треба да им укажат на децата дека интернетот не е само комуникација преку социјалните мрежи, туку да им покажат кои се бенефитите и можностите кои ги нуди дигитализацијата за надоградување на личноста, учењето и усовршувањето на знаењетo:

„Во таа насока ќе го посочам ЕДУИНО – колективниот портал, кој нуди многу едукативни видео материјали, игровни активности, ресурси за образовниот кадар како и ресурси за личен раст и развој. Платформата изобилува со видеолекции од предучилишна возраст, па се до средно образование кои ќе им помогнат и на едукаторите во пренесувањето на знаењето, а и на учениците полесно да го совладаат наставниот материјал. Во услови на пандемија, кога голем број од учениците следат онлајн настава, ЕДУИНО им нуди можност да учат преку снимени видеолекции кои им се достапни во секое време. Ние на часовите, иако следиме настава со физичко присуство, најчесто ги користиме видеолекциите како дополнителен ресурс за совладување на наставниот материјал или како рефлексија на она што сме го работеле на час. Исто така топло ги препорачувам и вежбите за социјален и емоционален развој на децата кои ќе им помогнат успешно да се справуваат со своите емоции.„

Дополнително со голема радост ви го најавуваме отворениот повик за едукативни активности како и лансирањето на платформата ЕДУИНО Ран Детски Развој. Повикот за поднесување едукативни е отворен до 15.02.2022 година, а повеќе околу иститот можете да прочитате на ЕДУИНО порталот преку следниот линк или во склоп на настанот на Facebook.

Заедно со нашата соговорничка го финализиравме разговорт со една мисла која ја поентираше Сандра, а тоа фактот дека дигитализацијата е дел од нашето живеење, затоа немаме друг избор освен да се подготвиме себеси и децата за успешно да ја надминеме промената и да ги практикуваме новите методи и трендови што се појавуваат во денешното образование. Затоа според Сандра, како приоритет во секое училиште треба да се обезбедат услови за примена на дигитална технологија и на секој наставник да му се овозможи пристап за користење на истата.

Оваа рубрика ја создадовме за да инспирира и мотивира секој од нас да биде подобра личност за себе и за заедницата.

До следното читање… употребете ја технологијата во насока која ќе овозможи учење на нови знаења за вас, вашите ученици и деца.

Ве поздравува тимот на #EduTalks.