
Во нашиот шести по ред #EduTalks разговараме на тема самодоверба. Со ЕДУИНО-амбасадорката Марија Богатиновска, одделенски наставник во ООУ „Никола Карев“ од Пробиштип, разговорот го започнавме со тоа колку е важно да ги охрабруваме децата сами да ги завршуваат работите, како на пример, самите да се облекуваат, самите да си ги мијат рацете, самите да ги собираат играчките итн.
„Осамостојувањето на детето е од суштинско значење во неговиот живот, затоа што, колку порано детето се оспособи самостојно да ги извршува своите задачи и обврски толку поуспешно ќе се снаоѓа во најразлични животни ситуации. Детето треба да се охрабрува и да се мотивира да прифаќа предизвици, да ги надминува и да донесува заклучоци од секоја ситуација што е нова за него. Колку повеќе му помагаме на детето толку поголема штета му правиме, затоа што и во наједноставна ситуација на која ќе наиде, ќе бара помош од друг, без да се потруди само да изнајде решение. Најважно од сѐ во овој процес на осамостојување е детето да сфати дека тоа што го охрабруваме само да ги извршува своите задачи, не е казна за него, туку дека секоја нова успешно надмината ситуација е негова ПОБЕДА.“
Со Марија заклучивме дека честопати сме сведоци на постојани награди и пофалби од родителите кон децата за нивните секојдневни достигнувања, па како наставник ја замоливме да ни даде совет за тоа како е најдобро да му се оддаде признание на детето кога ќе постигне одреден успех, со цел да развие чувство на самодоверба, но да не стане зависно од тие пофалби.
„Погледот, насмевката и прегратката треба да бидат првиот показател дека сме задоволни од постигнувањата на детето. Потребен е, секако, и пофален збор, но тоа да биде со доза на одмереност, која дополнително ќе му влее самодоверба. Доколку преафектирано го манифестираме успехот на детето, тоа од секого ќе очекува таква реакција, што најчесто нема да ја добива, по што ќе следува негово разочарување. Што се однесува до наградите, понекогаш е потребно детето и да се награди, но тоа да биде само во ситуација кога тоа реално ќе се потруди да надмине некој проблем или ќе постигне поголем успех (успех на натпревар, самостојна иницијатива за нешто корисно, убав гест и сл.). Вредноста на наградите треба да биде усогласена со тежинското ниво на постигнувањата. Не смееме да делиме големи награди за секоја ситница, затоа што тоа ќе ги издигне неговите очекувања на високо ниво и детето ќе има нереален поглед кон нештата, очекувајќи секоја постапка да им биде проследена со надомест. Прекумерното материјално наградување ќе направи детето да не ги цени работите што ги има, затоа што ќе мисли дека лесно се доаѓа до нови и поубави нешта. Затоа, едноставно, на детето треба да му се каже дека сѐ што прави во животот, прави за себе, а не за другите, и дека не треба за тоа да очекува премногу. Секој негов успех ќе вроди со награда по некое време, што само и заслужено ќе си ја добие.“
При крајот на нашиот разговор на тема колку е важно да разговараме со децата и да се обидеме да го разбереме нивното однесување, со цел правилно да ги насочиме и да помогнеме во нивниот ран детски развој, Марија ни раскажа една интересна случка…
„Најголемата улога во раниот детски развој ја има РАЗГОВОРОТ со нашето дете. Постојано треба да разговараме со децата, да ги анализираме нивните искази и емоции, да поставуваме соодветни прашања и да изнаоѓаме правилни одговори. Секоја ситуација треба да му се објасни и да се поткрепи со пример што детето ќе го разбере. Многу е важно родителите да знаат дека секое дете е единствено и посебно и никогаш не треба да го споредуваат со другите деца, туку да го споредуваат со самото себе: како и колку тоа
напредува, како реагирало во одредени ситуации, а како реагира по нашите совети и насоки во слични ситуации, колку ги применува нашите совети, пофалби и критики, дали пристапува кон предметите и кон луѓето така како што сме го советувале и сл. Секое дете има различен емоционален развој и затоа е потребен и различен пристап кон секое дете.
“Еден пример. Забележувам дете кое постојано со раката се држи за срцето. Го прашав зошто го прави тоа, а тоа ми рече дека “проверува дали чука”. Се забележуваше и одредена вознемиреност и загриженост на лицето. Понекогаш правеше споредба со чукањето на моето срце. Често по часовите разговаравме и сфатив дека морам некако да помогнам. Го зедов телефонот и пуштив интересна анимација за деца од органите во човековото тело. Видовме многу органи и му објаснив дека сите наши органи нешто работат, но ние тоа не го чувствуваме. Потоа го прашав: “А ти се грижиш за работата на сите органи во твоето тело?”. Тоа рече: “не!” Прашав, “Тогаш зошто се грижиш само за срцето?” “Не знам” беше одговорот. Потоа пуштив анимација со работата на мозокот. Објаснив дека мозокот ни диктира што треба да правиме и како да се однесуваме. Тогаш предложив да “поразговараме со неговото мозоче” и да му кажеме да го остави на мир и да не го оптоварува со работи, кои не се за мали деца. Тоа го направивме заедно, на еден многу пријатен и интересен начин. Му “држевме лекција” на мозочето. Неколку дена по часовите доаѓаше кај мене пак да му “кажеме на мозочето” да го остави на мир. По некое време детето го надмина проблемот и веќе го немаше загрижениот поглед, туку беше насмеано и опуштено. На детето треба визуелно да му се покаже она што за него е апстрактно и на едноставен начин да му се објасни. Секое дете има различен емоционален развој, расте во одредена средина, со различно опкружување. Воспитувачот и наставникот треба да го “чувствуваат” секое дете и да се трудат да му помогнат.“
Седмиот, воедно и последниот Edu Talks од темата – ран детски развој – ќе го посветиме на темата емпатија кај децата на возраст од 3 до 10 години. Пишете ни на eduino@innovationlab.mk или во порака на нашите профили на Фејсбук или Инстаграм кои други теми би сакале да ги обработиме во рубриката Edu-разговори. Посочете некоја личност на која би сакале да ѝ поставиме прашања или пријавете се вие со кратки информации за вашата специјалност.
До следното читање,
Тимот на #EduTalks