Овој месец дел од рубриката Edu Talks ја посветуваме на едукатори и на наставници за кои работата е повеќе од само предавање на знаење. За нив работната позиција наставник освен што првенствено значи едуцирање на учениците, претставува и учење како тие деца можат да го изберат вистинскиот пат кон својата професија, кариера и живот. Покрај тоа, овие едукатори не ги едуцираат само учениците, туку тие со својата работа и посветеност им помагаат и на своите колеги, но ги едуцираат и родителите за тоа како можат да се вклучат во правилниот раст и развој на децата. Затоа, овие лица со гордост ја носат својата професионална титула – наставник.

Првиот од овие Edu Talks ќе го посветиме на темата когнитивен развој на возраст од 3 до 6 години. На огромно задоволство ќе разговараме со нашата прва гостинка во оваа рубрика Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор во ОУ со ресурсен центар „Маца Овчарова“, Велес. Марија во ова издание несебично ќе пренесе совети од своето искуство до своите колеги, едукаторите, како и до родителите околу правилниот раст и развој на децата, а ќе сподели и предлози за развој на когнитивните вештини кај најмалите.

Со Марија го започнавме разговорот за когнитивниот развој кај деца на возраст од 3 до 6 години, кој се однесува на стекнување вештини за процена, критичност, решавање проблеми, разбирање правила и концепти, како и визуализација на можностите и на последиците. Што опфаќа овој развоен процес и какви сѐ активности вклучува?

„Овој развоен процес кај децата на возраст од 3 до 6 години опфаќа неколку сегменти, какви што се: препознавање, обработка, организација и соодветна употреба на дадената информација. Когнитивниот развој во оваа фаза вклучува повеќе ментални активности: истражување, откривање, презентирање, сортирање, класифицирање и меморирање на информациите, а се развива преку логика и размислување, математика и броеви, уметност и наука“, ни раскажа Марија.

Во текот на разговорот, со Марија зборувавме дека во однос на логичкото размислување, детето e способно да истражува и да открива нови работи, бидејќи, како што вели нашата соговорничка, секое дете сака да научи нови работи, а родителот или едукаторот може да му помогне во овој процес ако му овозможи пристап до безбедни предмети и материјали или механички играчки што може да ги користи и кои се расклопуваат и склопуваат:

Поттикнете го детето да ги забележува промените и новонастанатите состојби во околината и разговарајте со поставување прашања и понудување одговори. Важно е детето да учествува во едноставни истражувачки активности и да има пристап до разни предмети, играчки, помагала за учење, за истражување и за набљудување, како, на пример, да му се дозволи да се наведнува да помириса разни кутии, шишиња или кои било други предмети за да се обиде да открие што има во нив.“

Во овој развоен период детето треба да демонстрира знаење за количина, бројки и броење преку активности што се поврзани со мерење и броење или, како што посочува Марија, детето во овој период треба да може да идентификува и да разбира делови од целина како што е разбирањето на тоа колку, всушност, е половина чаша млеко:

Покажете му на детето книга со бројки и букви или напишете бројки и букви и поттикнете го да покаже каде е бројката. Ова е добра тактика за да може детето да поврзува бројки со одредени предмети, а тоа може да го прави преку игра со коцки или со други предмети. Замолете го детето да ви додаде една, две, три коцки… Исто така, може да го поттикнете детето да ги користи броевите во секојдневните комуникации – да ги користи броевите во одговори на прашањата како, на пример: ‘Колку години имаш?’, ‘Колку јаболка има на масата?’ или да го охрабрите да брои до 10 и да ги кажува броевите по редослед.“

Додека разговаравме со Марија околу способноста на децата за класификација, таа ни раскажа дека е добро детето да има пристап до разни предмети со одредени карактеристики, со цел да се поттикне да ги организира и да ги сортира според повеќе карактеристики, како, на пример, големите топки во зелена кутија, малите во црвена и сл.

„Во овој дел, исто така, може да разговарате со детето за неговите дневни активности и да го поттикнете да каже што прави наутро, а што навечер, со што детето ќе категоризира, ќе класифицира или ќе подредува објекти и настани по одреден редослед. Дополнително, може да пробате да го поттикнете да ги набљудува објектите горе, долу и околу нив (да зборува за мебелот, за играчките и сл.), а потоа да ги наброи сите објекти што ги гледа, а се наоѓаат над и под него, пред и зад него во просторот.

Предлог за игра што јас ја практикувам е ‘Процени и погоди’. Земете 10 капачиња и 10 шишиња и наредете ги на масата. Во едно купче поставете 10 шишиња, а во друго 10 капачиња. Потоа побарајте од детето да процени, без да брои, во кое купче има повеќе, помалку или ист број предмети. Можете да побарате и да проценат и да се изразат со број колку предмети има во секое од купчињата. Во оваа задача децата имаат можност за проверка на својата процена, со тоа што на секое шише завртуваат по едно капаче. На крај, заедно со детето избројте колку предмети има на масата (10 шишиња и 10 капачиња). Истата активност можете да им ја зададете и со 10 филџани и 10 тацни.“

Дополнително на овие игри, можете да го погледнете големиот избор на игровни едукативни активности на порталот ЕДУИНО, од кои игрите „Балони во форма“, „Шарени балони“, „Минимаркет“ и „Правиме куќичка (шатор) – социјална игра“ се предлозите од нашата соговорничка Марија, кои го потпомагаат когнитивниот развој кај децата. 

Во раниот детски развој детето стекнува информации за средината и за опкружувањето преку набљудување и примена на сите сетила. Како може да се поттикне неговата љубопитност?

Овозможете му на детето да користи различни предмети, со цел да ја истражува околината, а притоа да експериментира со предмети и со материјали, т.е. да прави тесто, да си игра со кал, да копа во земјата, да прави бунар… Водете го детето на прошетки во природа и поттикнете ја неговата љубопитност додека разговарате за еколошки активности, за основните карактеристики на годишните времиња. Во однос на уметноста, обезбедете услови детето да слуша различни музички изведби, песни и поттикнете го да пее додека си игра или се занимава со некоја друга физичка активност. Овозможете им на децата различен ликовен материјал за изработка на предмети, какви што се различни типови хартија, пластелин, тесто, дрво, лепило“, ни раскажа Марија.

Веруваме дека овој Edu Talks е инспиративен за секој родител и едукатор, бидејќи навистина секоја погоре искажана реченица, во себе има многу можности за учење нови нешта за вас, за вашите ученици и деца. Наш совет за секој едукатор и родител е да ги следи и објавите од нашите соработници и поддржувачи, УНИЦЕФ, а следниот линк содржи корисни статии, кои можат да ви помогнат да научите корисни вештини и стратегии, бидејќи сето тоа е практично прикажано преку примери и истражувања, особено во делот на тековните и актуелните случувања. Има материјали и области за секого, ваше е само да кликнете и да истражувате.

Во вториот Edu Talks ќе разговараме со Марина Станиславова на темата „Кога ќе ги пофалиме децата за нивниот напор, а не за крајниот исход, ја јакнеме внатрешната мотивација“.

До следното читање, негуваjте ја љубопитноста кон учење нови нешта кај вас и кај децата.

Ваш, #EduTalks.