
Во четвртиот Edu Talks ќе имате можност преку интересен пристап да се запознаете со приказната на еден посветен работник, ЕДУИНО-амбасадорката Марија Мостро. Нејзините зборови ќе ви ги одведат мислите кон вашите наставници од детството, кои ве мотивирале да бидете тоа што сте денес, а дополнително доколку сте едукатор, ќе размислите како вие со вашето творење можете да им бидете мотивација, модел и инспирација на вашите ученици во изборот на нивната професија и како, всушност, влијаете врз градењето на нивната личност.
„Јас сум Марија Мостро, наставничка по Англиски јазик, и мојата професија е многу повеќе од работно место, тоа е мисија! Голема среќа е кога како возрасни ќе успееме да си оствариме некој детски сон. Уште како мало девојче, растејќи во Охрид, сакав да помагам и да подучувам, бев доста трпелива. Во ООУ ‘Христо Узунов’ имав прекрасна, строга и многу праведна учителка, која ми ја всади љубовта кон професијата. Денес, речиси 40 години подоцна, јас го живеам тој детски сон и работам како наставник во истото училиште во коешто и јас учев. Мојот пример покажува дека улогата на наставникот може да биде пресудна во изборот на професијата, а тоа за нас е голема одговорност.“
Наставничката Мостро подетално ни раскажа за своето искуство во работата, а ние со големо внимание ја слушавме додека ни зборуваше и за спомените од детството, па накратко заклучи:
„Зад мене се 15 години искуство како наставник во претшколска и во одделенска настава, а во оваа една и пол деценија и кај нас и глобално, новите технологии го променија образовниот систем до непрепознатливост. Кога размислувам за тоа кој беше моментот на пресврт и промена, ми станува јасно дека ништо не се случи преку ноќ, дека трансформацијата од класично кон модерно образование е незабележлив процес, па, така, со секоја генерација млади родители, доаѓаа и нови потреби. Еве, за пример ќе го земам мојот син, кој е VII одделение. Тој кога беше прваче, сите бевме пресреќни дека неговиот клас во училницата имаше телевизор и можеа да пуштаат презентации на него. Денешните генерации мора да се анимираат, затоа што се опкружени со многу дигитални уреди и содржини и брзо им бега вниманието. Јас кога бев дете, за мене учителката беше целиот свет, можев пет часа мирно да седам и да ја гледам, сега на децата тоа им е малку. Сегашните наставници за да ги задоволат потребите на учениците, мора да трчаат напред со нив, со учениците што се родени во дигитално опкружување. Ете, јас сѐ уште ги преферирам фломастерот и хартијата. Понекогаш си велам: ‘Тешко мене ако учениците ме прашаат нешто во врска со компјутерите, а јас да не го знам одговорот’. Затоа, седнувам, истражувам и паралелно со нив учам.“
Марија со искрен пристап продолжи да ни раскажува околу предизвиците во нејзината професија, што сѐ прави за да биде во тек со трендовите и да може да биде вистински наставник за своите ученици:
„На оваа возраст тие многу ги сакаат игрите и јас, бидејќи предавам Англиски јазик, понекогаш ќе ме прашаат за значењето на некој збор, а тој збор во секојдневниот говор може да има едно значење, меѓутоа во играта има сосема друго. Тогаш, им велам: ‘Почекајте да видам, ќе провериме. Ајде заедно да истражиме што значи’. Тогаш тие се ослободуваат и приоѓаат со пријателство. Така, заедно растеме! Многупати им велам: ‘Никогаш не можете да ги знаете сите зборови, затоа постојат речниците и затоа јас сум тука, да ве научам како да го користите тој речник, без разлика дали е електронски или е во хартиена форма’. Моето гледање на наставата е дека ние треба да ги научиме децата како да ги користат информациите.“
Наставничката Марија смета дека целта на наставниците во дигиталната ера е да ги научат учениците како да ги користат информациите.
„Иако нашето училиште не е доволно технички опремено, се обидувам често на часовите да користам лаптоп и екран за презентации. За електричната табла има мал милион страници од каде што можам онлајн да им задавам вежби, потоа ја користам алатката Immersive reader за да ги унапредат читањето и пишувањето. Оваа година беше специфична и сите долго ќе ја паметиме, јас имав искуство во настава со физичко присуство, но и со онлајн часови. При онлајн наставата ги употребував едукативните софтвери какви што се Quizizz или Light worksheet, каде што поставував квиз или игра, линкот го испраќав до секој ученик, а тие кликаа на него и потоа даваа одговори. Додека тие одговараа, имав можност да го следам процесот. Станува збор за бесплатни апликации што се одлични за работа, а воедно на децата им се интересни затоа што учат преку игра. Е, сега, со какви предизвици се соочив? Имаше ученици што наставата ја следеа од телефон и не можеа да го отворат линкот. Исто така, имаме деца од сите социјални структури, потоа, родителите не се секогаш дома и не можат да им помогнат. Тогаш некои од нив ги фаќа паника, а јас им велам: ‘Смири се, не грижи се’. Буквално на почетокот имаше ученици што почнуваа да плачат затоа што не можеа да го отворат линкот. Искуството покажа дека не се сите домаќинства доволно подготвени да се соочат со предизвикот на целосната дигитализација.
Мора да има промени, но треба да сме свесни дека учениците се, всушност, деца. Оној ученик од четврто одделение е дете од девет години. Нам мора да ни е јасно дека тоа дете некогаш ќе се врти на столот, дека ќе му се спие, дека ќе биде гладно и ќе си земе банана да јаде пред камера и не е свесно дека другите го гледаат.“
Според Марија, дигиталната педагогија зависи од наставникот и секој од едукаторите мора да проба различни методи за да го искористи потенцијалот за работа и едукација со децата:
„Јас можам да пробам нешто на своја рака и тоа некогаш ќе успее, некогаш не. Но, сепак, најмалите најмногу се радуваат кога работат со рацете, се радуваат кога треба да извлечат картичка, сакаат да играат бинго, најсреќни се кога треба нешто да исечат, да залепат или да изработат. На тој начин, со примена на психомоторниот метод имаат подобрено помнење. Сите деца не можат да учат визуелно или аудитивно. Има деца што мора да напишат нешто. Затоа, ако ученикот учи визуелно, треба да биде изложен на визуелни содржини. Доколку учи аудитивно, да биде изложен на аудитивни содржини. Доколку е кинестетик, некој што мора да пишува, да стане, да седне, тоа да му биде овозможено. А тоа не може само со дигитализација и дигитални учебници, туку со приспособена настава што ќе ги следи нивните потреби.“
„Кога размислувам за тоа што е показател за посветеноста на еден наставник, секако, тоа се среќни ученици што сакаат да одат на училиште. За жал, 80 % од нашите ученици не сакаат да одат на училиште. За ова не се виновни само наставниците, има пропусти и во програмата, пропусти во она што се бара од нив, бројноста на информациите што треба да ги знаат…“
Овој разговор со голем ентузијазам и енергија го привршуваме со најомилената видеолекција на нашата амбасадорка Марија, „Форми на глаголот have got, has got“, прикачена на платформата ЕДУИНО Настава, и со изјавата за нејзиното задоволство од работата и од изборот на нејзината професија:
„Ако ме прашате што ме прави најсреќна во професијата, ќе ви кажам дека тоа е моментот кога поради некој постигнат успех, кога ученикот вложил труд и добил петка на тестот, ќе си рече: ‘Јас можам!’. Тогаш, изразот на неговото лице за мене е адреналинска инјекција. Тоа ме прави многу среќна и тогаш добивам мотив повторно и повторно да се вложам. Тоа чувство детето го помни и на тој начин градиме личност. Во тоа се гледа нашата мисија!“
Доколку сакате да научите повеќе за алатката „Quizlet“ за да можете и вие да креирате игри или квизови, погледнете дел од нашите видеоупатства, а започнете со видеото „Користење на „Quizlet“, серија алатки и картички за учење“.
Продолжуваме со Edu Talks. До следното читање, создадете мисија, вредност и сакајте ја вашата професија.
Ваш, #EduTalks.