Новото издание на Edu Talks ќе го посветиме на уште една актуелна тема, а тоа е дигитализацијата во образованието или користењето дигитални алатки и ресурси во едукативниот процес кај децата, но и кај наставниците. Во овој Edu Talks, ќе зборуваме со Марија Петреска, професор по англиски јазик во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, која своето образование го продолжила на Универзитетот на Централно-Источна Европа, успешно завршувајќи ја магистратурата од областа на наставата поддржана со технологијата. Во биографијата на Марија може да се забележи дека таа е докажан професионалец со вештини од образовната технологија, дизајн и развој на наставата, јавен настап и обучувач на наставници. Петреска е и сертифициран Microsoft и Apple едукатор, блогер и колумнист, а од неодамна има и свој подкаст на Spotify во кој ги споделува своите замисли за модерното образование, а тоа ќе можете да го согледате и преку големиот број предлог-апликации споменати во ова интервју. Нејзините достигнувања вбројуваат неколку глобални награди и признанија кои го предизвикаа нашето љубопитство за средба и едно подолго интервју со наставничката Петреска во кое исцрпно трагаме по одговори на темата: Како треба да изгледа часот на еден наставник од 21-от век?

Бидејќи долги години е наставник, ја запрашавме кога според неа се случи тој пресврт во наставниот процес и негова трансформација со посредство на технологиите? Дали таа промена на почетокот предизвика неизвесност пред непознатото или беше мотив да се впушти во истражување на новините?

„Цивилизацискиот пресврт и трансформацијата на наставниот процес со посредство на технологијата се случи сега, со КОВИД-19 кризата, не само кај нас, туку и во повеќето земји во светот. Во мојот случај, тоа се случи многу поодамна, со проектот „Компјутер за секое дете“. Имавме компјутери кои беа приклучени на интернет, меѓутоа, јас воопшто не знаев да користам технологија. Моето познавање беше многу мало, дури не знаев ни како да ја употребам мојата презентација. Но, презентацијата ја испратив на еден шестооделенец и тоа што тој го стори, ми го промени животот. Едноставно, отвори Google и напиша како да го поврзе компјутерот со компјутерите на учениците. Тогаш се отвори EDMODO, платформа за вмрежување. Во тоа време тоа беше нова платформа и безбедна социјална мрежа за наставници и ученици, исто како на Facebook сите имавме профили, а учениците беа поделени во класови. На тој начин можев да споделувам информации со моите ученици. Тоа беше првиот чекор кога јас почнав да истражувам да го користам Google и да пребарувам најразлични алатки кои би ми користеле во училницата. Така, се среќавав со некои блогери и наставници од Америка кои ги пробуваа сите нови алатки коишто се појавуваа и зборуваа за нивното искуство. Почнав да ги следам и да формирам своја лична мрежа за учење. И ден денес учам од истите луѓе.“

Со оглед на љубопитството во создавање новитети во нејзината работа, ја прашавме кои беа првите промени кои ги вовела во наставата и како учениците реагирале на новите методи поддржани од технологиите?

Првите промени не беа големи, промена како на пример, наместо да го читаат текстот на глас, учениците се снимаа со своите телефони додека читаат и тоа се покажа многу ефикасно. Додека учениците читаат некој текст на странски јазик, доколку ги поправам за некој збор, ретко се навраќаат за повторно да го изговорат истиот збор точно, но кога се снимаат, тие десет пати ќе ја повторат снимката се додека не ги изговорат сите зборови како што треба. Потоа, следуваше „облаци од зборови“, правевме „ѕид со зборови“ во којшто, ако учиме за зборот фустан, имавме облак во вид на фустан. Многу подоцна дојдоа инфографиците, моите ученици учеа преку активни инфографици и тогаш станав препознатлива за светската јавност во мојата област.“

Разговарајќи на оваа тема кога согледуваме дека неминовно се менуваат наставните програми, ја прашавме како практично изгледа промената а Марија ни издвои еден навистина интересен пример:

„Кај нас учениците како и секаде во светот учат теоретски како се пишува добар есеј или како се пишува песна. Кога ќе завршат со таа задача, највисокото ниво е да ги напишат и потоа да ги прикажат. Во Америка, курикулумот изгледа многу поинаку. Покрај тоа што учениците учат како да се напише добар есеј и песна, тие исто така учат како да направат своја книга, како да направат корици, да ја публикуваат, да ја постават на AMAZON и да ја продадат. Тие се некои работи коишто мора да ги има и во нашите курикулуми. Покрај моментот на пишување, важен е и моментот на публикување кое не мора да биде печатена книга, може да е електронска книга, блог или подкаст со стихови, но, мора да се внесат тие новини. Кога еден ученик ќе излезе од училиште, доколку сака да биде писател и да напише книга, треба да биде подготвен не само да ја напише, туку и да знае алатки со кои ќе може да направи електронска книга. Исто така, треба да знае како таа книга да биде интерактивна, како таа книга да ја продава. Тоа недостасува во нашите курикилуми, но, сепак сме на добар пат да стигнеме до тоа ниво.“

Марија низ разговорот посочи кон еден пример по кој се води при изборот која алатка ќе се користи на часот. Според Марија, еден таков добар модел има разработено професорот д-р Рубен Поинтедура, наречен SAMR модел (supstitution-замена, augmentation-зголемување, modification-редизајнирање, redefinition-повторно дефинирање). Затоа нејзиното мислење е избор на алатката која нуди замена на одредени елементи од часот:

„Да ја земеме на пример OneNote дигиталната тетратка.  Доколку ја користиме и имаме дигитално пенкало, тогаш таа е на ниво на замена. Следното ниво е зголемување, каде има некои подобрени функционалности. Пример за подобрена функционалност во OneNote тетратката е тоа што рачно напишаните белешки може да се соберат и автоматски да се претворат во текст. Тие се подобрувањата кои ги нуди технологијата и нешто што не може да се направи на хартиена тетратка. Редизајнирање на задачата е кога на пример во OneNote тетратката може да се вметнат презентации, аудио, фотографии или видео. Тоа е нешто што e невозможно на хартиената тетратка. Презамислување на задачата значи креирање нови задачи кои не биле возможни претходно. Во OneNote тетратката може да се вметнат 3Д модели, додека во обичната тетратка може да се нацртаат цртежи или да се стави фотографија, но тука може да се стави 3Д интерактивен дел со кој може да се манипулира.“

Доколку сакате да научите повеќе за OneNote дигиталната тетратка, погледнете дел од нашите видеоупатства, а започнете со ЕДУИНО вебинарот на тема:  „Користење на алатката OneNote совети и добри практики“.

Додека разговаравме Марија ни раскажуваше како според нејзините сознанија и искуство, се чини дека во јавноста полесно е да се прифати примената на новите технологии во предметите од природните науки, но има голема нејаснотија околу тоа како апликациите и уредите може да се употребуваат на часовите по предметите од општествените науки или јазиците, па ја прашавме да ни раскаже како изгледа еден нејзин час по предметот Англиски јазик?

„Многу подобро може да се изведе час по англиски јазик со техологија од било кој друг предмет. Замислете си, учебникот не мора да биде хартиен, може да биде како весниците од Хари Потер каде што имате подвижни фотографии, каде што имате текст којшто со поп-ап се појавува, па исчезнува, каде што имате аудио во позадината. Замислете како учениците читаат текст и во позадина се слуша музика која ја доловува атмосферата која е прикажана во текстот. Постојат такви алатки кои кога се отвора апликацијата и се чита според атмосферата која е испишана во текстот од книгата, во позадина се емитува таков стил на музика. Во Англиски јазик, има неколку апликации кои не се замислени за образование, но можат да се искористат. Има една алатка CAPTIONS, таа е замислена за TikTok, но, што прави таа? Додека вие снимате видео и зборувате, автоматски генерира титли, односно текст. Ако ученикот погрешно изговори некој збор, автоматски погрешно ќе биде испишан и текстот. Потоа, постои една алатка Speechify, со која се скенира било кој текст од книга и автоматски го чита. Тоа е одлично за учениците.“

Марија додаде дека читањето книги може да е целосно презамислено, па ни раскажуваше дека во OFFICE 365 постои една алака – GLOSE, каде што може учениците колаборативно да читаат книги. Ученикот може да чита, да обележи некој дел, да остава аудио запис, да напише белешка, па на пример кога неговото другарче ќе дојде до тој дел, ќе ги види белешките. Понатаму во разговорот ја начнавме темата за нејзините блогови каде Марија дава препораки за апликации кои може да се користат во различни предмети, па ја запрашавме дали може да ни издвои неколку најфунционални од нив?

„Има многу, но, треба да се насочиме кон алатките кои нудат интеракција. NEARPOD и PEAR DECK се алатки кои веќе сите ги знаат. Наставниците ги употребуваа за време на КОВИД-19 кризата. Одлични се, затоа што имате целосна интеракција. Јас цела година ја користев PEAR DECK и беше толку едноставно да одржам час кој е интерактивен. Со оваа апликација на едноставен начин ги следев 35-те ученици во класот. Имав можност во моментот кога се работи да ги опоменам со пишана порака, дека нешто треба да сменат, се одвиваше соработка во реално време. Ги гледав во моментот кога пишуваат, гледав како пишуваат. Но, би спомнала уште една алатка PlayPosit, бидејќи мислам дека иднината на образованието се видеата. Децата веќе учат низ видеа. Но, видеата да не бидат најобично поставени на YouTube, туку да бидат интерактивни. PlayPosit е алатка која ви овозможува да поставите некое ваше видео, кое на некои моменти може да се стопира и да вметнете прашања. Постои и една друга алатка која се вика EDPUZZLE, која исто така овозможува во одредени моменти да вметнете прашања, но интересна е што типовите на прашања може да бидат од видот-пополни ги празните места, па дури и може да поставите простор за дискусија.“

Зборувајќи за сите можности на дигитализацијта, фасцинантни се опциите кои ги нуди Merge Cube, пред се во однос на изучувањето на интердисциплинарните предмети. Марија ни ги сподели нејзините искуства и ни раскажа како учениците ја прифаќаат и доживуваат аугментираната реалност:

Ние (СМУГС “Д-р Панче Караѓозов) сме прво училиште во Македонија кое од месец септември веќе стартувме со учење преку виртуелната реалност, односно од „Фондот за иноваци“ добивме проект и одобрени ни се средства за да купиме VR сетови и коцки, за да може наставата да се изведува на таков начин. Учениците се восхитени од аугментираната реалност, но она што им го немам покажано и што повеќе ќе ги фасцинира е да изработат такви 3Д модели и да ги постават на Merge Cube. Постојат апликации каде што учениците веќе може да направат сами свои 3Д модели, дури и 3Д модел од срце. Веќе ги има сите делови, тие треба само да ги спојат и да креираат 3Д модел кој ќе го постават на коцката. Тогаш, задоволството ќе биде огромно, бидејќи ќе можат во рака да го држат својот 3Д модел кој сами го изработиле.“

Мора да се спомене дека новите технологии ја променија интеракцијата и комуникацијата меѓу наставникот, учениците и родителите, па тука ја започнавме дискусијата како технилогијата ќе ја подобри оваа корелација. Во однос со оваа тема, гордо го искажуваме придонесот на Марија на ЕДУИНО платформата. Таа сними и сподели видео-упатства во делот на отворените ресурси на порталот за темите: „Онлајн-часови: Креирање интерактивни ресури“, „Анимации за интерактивна настава на далечина“, а ние го издвојуваме и видеото кое може да ве инспирира и вие да создадете интерактивни презентации преку алатката Peardeck. Доколку сакате да испробате и други интересни алатки, погледнете ги нејзините туторијали веднаш по ова интервју, а ние продолжуваме со дискусијата:

“Ако ова е иднината на образованието, тогаш веќе може да разговараме за тоа како технологијата ќе ја промени комуникацијата меѓу наставникот и ученикот, како ќе го промени целото учење. Портфолијата на учениците ќе бидат дигитални и родителите ќе имаат пристап до нив. Ние веќе имаме такво нешто. Во нашата земја имаме OFFICE 365, па со тоа имаме и OneNote тетратка која претставува развојно портфолио. Натавникот има свој дел каде споделува материјали и до кои имаат пристап учениците, но ако им дадете пристап, ќе имаат и родителите. Секој ученик има своја тетратка каде ги завршува задачите и таа тетратка може да послужи како портфолио со кое ученикот би се запишал во следна година. ONE NOTE може да послужи како една веб страна каде би биле вметнати сите работни задачи на ученикот. Во тој дел исто така е и CLASS DOJO. На почетокот, нудеше само повратни информации за време на часот, што е полезно, вие како наставник креирате оценки, давате поени и на тој начин на крај генерирате извештај. Со КОВИД-19 кризата CLASS DOJO стана нешто друго. На учениците им давате задачи и избор на кој начин ќе ги извршат. Тоа може да го направат со текст, аудио, вдео или цртеж и родителите имаат исто така увид.“

Разговорот продолжува неуморно да се одвива со мислите и поривот за новитети во оваа професија. Зборувајќи за MINECRAFT платформата која неповратно го измени начинот на учење, овозможувајќи една релаксирана атмосфера за учениците во која можат да учат додека се забавуват, ја прашавме Марија какво е нејзиното искуство со оваа платформа?

Стивен Рид, раководител програмата на Microsoft, за наставничката Марија ќе каже: „Марија се покажа како еден од најкреативните, посветените и постојано страствените умови фокусирани на образованието со кои имав задоволство да се поврзам во мојата кариера.“ 

„Можам да се пофалам дека сум една од првите во светот кои учествуваа во MINECRAFT  E-SPORTS. Поради КОВИД-19 кризата училиштата не можеа да имаат часови по Физичко воспитание и се свртија кон електронскиот спорт, односно, играње видео игри на часовите по Физичко. Тоа го направија како предмет. Во светот наставниците по спорт беа натерани да направат ваква програма. Јас работев во една шкотска компанија за Стивен Рид, којшто дојде на идеја да се направат MINECRAFT светови кои ќе бидат поинакви и во кои ќе има натпреварувања. Учествував во креирање на курикулумот за е-спорт на MINECRAFT кој го има на страницата на MICROSOFT. Се натпреваруваат во градење, на пример, двор со пчели и цветови, може учениците да се натпревваруваат и да ја опишуваат градбата. Мислам дека MINECRAFT дури сега ќе се истражува, бидејќи она што тој го нуди е неверојатно. Да речеме низ MINECRAFT може да се раскажуваат лектири, на учениците им се задава задача да го изградат светот од книгата и одејќи низ тој свет, со снимање со екранот тие ја раскажуваат приказната.“

Пред разговорот слушавме еден од нејзините подкасти кој е со наслов „Презамислување на учебниците“, па тука природно се наметна прашањето каков ќе биде учебникот на иднината и дали дел од таа замисла функционира и денес, пред се преку употребата на OneNote Class Notebook?

„Според мене, учебникот на иднината ќе биде целосно интерактивен во смисла, не само со видеа и анимирана фотографија, туку ќе има интеракција со сите елементи во него. Ќе има 3Д модел кој е анимиран и кој може да се зумира и врти или VR, односно фотографии со 360 степени, кои може да се разгледаат и манипулираат, тоа ќе бидат интерактивни презентации и квизови. Во учебникот по Англиски јазик, кога ќе допрам еден збор, ќе треба да ми се отвори интерактивен речник во вид на мисловна мапа каде ги има сите синоними и сите антоними од тој збор или да ми се отвори фотографија која ќе го покажува значењето на тој збор или пак, да може да ми се отвори веб страна, па да го истражам тој збор. Тие работи веќе ги има на пребарувачите. Во OneNote Class Notebook може да се вметне било што и ние како наставници со малку познавање може да искреираме еден добар интерактивен учебник, кадешто ќе има интерактивни  мисловни мапи и  ученикот нема да мора да ја затвори страницата од учебникот за да ја пополни таа мисловна мапа. Исто така може да има табла каде ученикот директно од учебникот ќе соработува со другите ученици од таа табла. Можностите се големи и мислам дека ние како наставници со малку труд може сами да искреираме свои дигитални материјали кои ќе бидат целосно интерактивни.“

Блог-пост кој се чита малку повеќе време, но неговото влијание трае уште многу подолго. Во следните две изданија на Edu Talks ќе издвоиме свои истражувања на оваа тема – потребата од дигитализација во образованието и неговите предности и предизвици при оформување на овој процес.

Дополнително со голема радост ви го најавуваме отворениот повик за едукативни активности како и лансирањето на платформата ЕДУИНО Ран Детски Развој. Повикот за поднесување едукативни е отворен до 15.02.2022 година, а повеќе околу иститот можете да прочитате на ЕДУИНО порталот преку следниот линк или во склоп на настанот на Facebook.

Во очекување на следниот блог-пост, останете во мисла како да ја искористиме технологијата во корист на образованието и општеството…

Ве поздравува тимот на #EduTalks.