
Ја започнуваме нашата нова рубрика #EduTalks, во која на актуелни теми ќе зборуваме со релевантни лица, воспитувачи, едукатори, родители, претставници на организации, со цел да објасниме одредени поими, да си дадеме меѓусебни совети, да поттикнеме одредени активности и игри, а сè со цел подобро да ја разбереме едукацијата и развојот кај децата, кон чие усовршување тежнееме сите.
Во првиот циклус разговори од рубриката Edu Talks ќе зборуваме на темата ран детски развој и за социоемоционалните вештини, кои се значајни за развојот на децата. Овој Edu Talks е со нашата ЕДУИНО-амбасадорка Симона Ташева, апсолвентка по специјална едукација и рехабилитација, а во текстот ќе имате можност да ги прочитате нејзините ставови и мислења околу овие теми.
За тоа колку е важно да се развие чувството на припадност кај децата на возраст од 3 до 6 години, Симона ни раскажа:
„Развивањето чувство на припадност кон заедницата е важен сегмент од животот на едно дете. Тој период е особено влијателен во понатамошниот развој и значајно е кога едно дете од мала возраст може да се спознае себеси и да знае дека припаѓа кон одредена територија со одредени луѓе. Самиот развој на чувството на припадност кон заедницата му дава стабилност и дефинира различни аспекти на развојот на детската личност.“
Раното детство е период кога децата учат, вели Симона, па накратко ни сподели мислење за тоа како се развива чувството на припадност:
„Прво, преку воспоставувањето интеракција со другите деца, каде што детето се поттикнува да соработува во колективни игри со другите деца; потоа преку размена на идеи или преку разговор колку е добро заеднички да играат и да соработуваат – така се развива поимот за себе, кое е детето и што сѐ може. Само така детето ќе се гордее со тоа што сѐ поседува и најмногу ќе верува во своите способности.“ Разговарајќи за тоа колку е важно правилно да се разбере однесувањето на децата во нивниот ран детски развој, заклучивме:
„Самиот развој е многу поврзан со понатамошните успеси, за понатамошното остварување во животот и во училиштето. Позитивните социоемоционални вештини, главно, се развиваат кога децата развиваат адаптивно социјално однесување, кога го разбираат значењето на различното однесување и се способни на адаптирање на различни социјални вештни. Социјалната компетенција децата ја демонстрираат кога тие изразуваат емпатија со разбирање, чувствителност и почитување на сличностите и различностите.“
Вториот Edu Talks ќе го посветиме на темата поддршка од возрасните кај децата на возраст од 3 до 10 години. Пишете ни на eduino@innovationlab.mk или во порака на нашите профили на Фејсбук или на Инстаграм кои други теми би сакале да ги обработиме во рубриката Edu-разговори. Посочете некоја личност на која би сакале да ѝ поставиме прашања или пријавете се вие со кратки информации за вашата специјалност.
До следното читање,
Тимот на #EduTalks