Во денешниот #EduTalks разменивме навистина одлични искуства со ЕДУИНО-амбасадорката Соња Трифуновска, одделенски наставник во ООУ „Гоце Делчев“ од Тетово и дознавме многу корисни информации и практични совети за тоа колку е важно родителите да разговараат со своите деца за различните чувства, со цел тие подобро да ги разберат своите емоции и да изградат подобра свест за себе.

„Примарна улога во развојот на личноста на детето, посебно во развојот на социјалните и на емоционалните способности, има семејството. Секојдневната интеракција меѓу децата и родителите, во која се поттикнува идентификување на чувствата кај детето, нивно искажување и позитивно насочување на емоциите, придонесува кон унапредување на социоемоционалните вештини, кои ќе му помогнат на детето во развивањето на свеста за себе, на себеприфаќање, на емпатија кон другите и полесно справување со сите ситуации од секојдневниот живот. Раното развивање на социоемоционални вештини подобро го подготвува детето за живот и го прави посреќна личност.“

Соња ни ја откри и омилената игра меѓу децата, насловена како „Мојата маска“, која најчесто ја применува со цел тие да развијат свест за сопствените и за туѓите емоции.

„Играта се изведува така што децата се наредени во круг и ги искажуваат моменталните чувства преку изразот на лицето. Откако ќе направат ‘маска’ на своите чувства (насмеан, лут, тажен израз на лицето), со рацете прават движење како да ја вадат маската од лицето и му ја даваат на своето другарче што се наоѓа до нив во кругот. Тоа го прави истиот израз на лицето како другарчето што му ја предало ‘маската’, а потоа си прави своја ‘маска’, според сопствените емоции, и му ја пренесува на следното другарче во кругот. Играта завршува кога својата ‘маска’ ќе ја покажат сите деца во кругот. На овој начин децата ги искажуваат своите чувства, но и дознаваат за чувствата на другарчето преку ставање во негова кожа и имитирање на неговиот израз на лицето. Оваа игра придонесува не само за развивање на свеста за сопствените чувства туку и за развивање на емпатија кон другите во групата.“

За правилно да го разбереме однесувањето на децата во нивниот ран детски развој, Соња ни предложи вклучување на родителите во различни програми на предучилишните установи за стекнување знаења и вештини и осознавање различни пристапи за позитивно дејствување врз социоемоционалниот развој на личноста на детето.

„Семејното воспитување е темел врз кој се градат позитивните карактеристики на личноста на детето. Личниот и социјален развој кај децата се одвива подобро кога родителите обезбедуваат семејна клима и атмосфера во која детето слободно ги искажува своите емоции и мисли, свесно е за нивното постоење и е правилно насочено од родителите за начинот на реагирање во различни ситуации. Кога родителите ги идентификуваат и ги разбираат емоциите на детето, кои тоа ги манифестира преку своето однесување, влијаат врз засилувањето на неговите социјални и емоционални компетенции, го насочуваат кон подобро справување со различни стресни и конфликтни ситуации во кои може да се најде и директно да влијаат врз формирањето успешна и самоуверена личност кај детето. Кога, пак, родителите не ги разбираат чувствата на своето дете, можат да донесат погрешни заклучоци за начинот на неговото однесување и несоодветно да реагираат, а со тоа да придонесат кон развој на фрустрации кај детето и повлекување во себе.

Затоа, многу е важна едукацијата на родителите за дејствувањето врз развојот на социоемоционалните вештини кај своите деца и оваа едукација би била подобра кога би се направила плански и организирано преку вклучување на родителите во различни програми на предучилишните установи за стекнување знаења и вештини и осознавање на различните пристапи за позитивно влијание врз социоемоционалниот развој на личноста на детето.“

Шестиот по ред Edu Talks ќе го посветиме на темата самодоверба кај децата на возраст од 3 до 10 години. Пишете ни на  eduino@innovationlab.mk или во порака на нашите профили на Фејсбук или Инстаграм кои други теми би сакале да ги обработиме во рубриката Edu-разговори. Посочете некоја личност на која би сакале да ѝ поставиме прашања или пријавете се вие со кратки информации за вашата специјалност.

 

До следното читање,


Тимот на #EduTalks