Третиот разговор од рубриката #EduTalks го посветуваме на прифаќањето на различностите кај децата на возраст од 3 до 10 години. За оваа тема зборувавме со ЕДУИНО-амбасадорката Зорица Адамчевска, одделенски наставник во ООУ „Петре Поп Арсов“ од Богомила.

Со неа го започнавме разговорот дефинирајќи колку важен дел од социјалниот развој кај децата е нивната способност за прифаќање на различностите, какви што се родот, етникумот, јазикот, религијата, надворешниот изглед итн. Според мислењето на Зорица, многу е значајно родителите да им помогнат на децата да ги прифатат на позитивен начин тие разлики.

„Само доколку родителот ги разбере и ги прифати различностите кај другите деца, и неговото дете соодветно ќе се однесува во групата. Потребно е родителот да му посочи на своето дете дека и тоа по нешто се разликува од другите деца. Дека две сосема исти деца – не постојат. Доколку децата се поттикнуваат да разговараат за неразјаснетите прашања во однос на другите деца во групата, полесно ќе ги прифатат различностите.“

Зорица низ разговорот ни посочи неколку стратегии и игри за подучување, кои ги користи во својата занимална, а кои го поттикнуваат разбирањето на сличностите и прифаќањето на разликите меѓу децата од предучилишна возраст.

„Читање поголем број приказни со содржина каде што се присутни различностите, заеднички игри каде што улогите во групата се делат според можностите. На пример: ако ученикот не може да трча во играта на натпревар, може да го држи/крева знаменцето за победа или симболот на групата во која припаѓа. Ако ученикот потешко зборува и не може да прераскажува, може да ги подреди картичките од приказната. На овој начин и децата ќе разберат дека секој нешто може, па според тоа и самите подоцна ќе даваат предлози за можност и вклученост на секој во играта/активноста. Јазични игри: „Измисли своја приказна“ или „Мали автори“, каде што има задолжителна употреба на различни ликови и имиња на ликовите. Заеднички активности: декорирање велигденско јајце, играње оро на националностите застапени во групата, пантомима… МОЈОТ ЗАКЛУЧОК – ПРАШАЈТЕ ГО ДЕТЕТО – Дали во играта сака 15 еднобојни топчиња или 15 разнобојни? Веројатно ќе каже – ВТОРОТО. Значи, детето посакува другите деца да не се сосем исти како него. Само така има можност да биде подобар во играта и, обратно, само така има можност да го прикрие својот недостаток.“

Зорица ни зборуваше за тоа колку е значајно родителите правилно да го разберат однесувањето на децата во нивниот ран детски развој и како тие да се едуцираат за подобро да ги разберат овие социоемоционални вештини, кои се основа за правилен раст и развој.

„Да го погледнеме светот низ призмата на детските очиња. Преку присуство на средби/работилници каде што секој родител ќе може да слушне различни ситуации во кои се наоѓа другото дете. Присуство на манифестации/хепенинзи од различен/мешовит карактер (етнички, родов, културен). Употреба на форми (прашалници) што родителите ќе имаат можност да ги пополнуваат на родителските состаноци, а со тоа да ги искажат своите потреби, ставови во однос на различностите кај своето и кај другите деца. Препорака на соодветни линкови (видеоматеријали) од ваков карактер, кои родителите ќе ги следат заедно со своето дете и, притоа, ќе го поттикнуваат отворено да зборува за проблемот што го воочил.“

Следниот, четврти Edu Talks ќе го посветиме на темата прифаќање на себеси кај децата на возраст од 3 до 10 години.Пишете ни на eduino@innovationlab.mk  или во порака на нашите профили на Фејсбук или на Инстаграм кои други теми би сакале да ги обработиме во рубриката Edu-разговори. Посочете некоја личност на која би сакале да ѝ поставиме прашања или пријавете се вие со кратки информации за вашата специјалност.

 

До следното читање,

Тимот на #EduTalks