
ЕДУИНО Игратонот, кој од страна на нашиот ЕДУИНО тим беше огранизиран кон крајот на минатата година е креативен предизвик за родители и деца на возраст од 3 до 10 години. Во овој прв ЕДУИНО Игратон, предвидовме 7-дневен предизвик со најразлични едукативни игровни активности за спроведување во домашни услови и во тој период на сите учесници им понудивме седум интересни дневни игровни активности: Мозаик, Игра со кругови, Геотабла, Волшебно другарче, Градина во домот, Правиме музика и Пронајди го листот.
Во овие седум дена, за време на одвивањето на овој креативен предизвик, децата и нивните родители активно учествуваа во игрите и понудените активности и имаа можност истовремено да се забавуваат и учат, а на тој начин да си создадат и убави заеднички спомени. За да го направиме настанот уште поинтересен и повозбудлив за учесниците, на последниот ден од ЕДУИНО Игратонот, одржавме и отворен вебинар на кој извлековме 12 среќни учесници. Тие како подарок добија материјали за изработка на идни забавни активности од ЕДУИНО.
Сите учесници во игратонот многу лесно можеа да ги пронајдат активностите и игрите, во секцијата Активности и игри во домашни услови на платформата ЕДУИНО, само со вметнување на името на дадената дневна активност во полето за пребарување. На едукативниот портал ЕДУИНО, денес во оваа секција може да се најдат над 400 игровни активности, кои може да им послужат и на родителите и на децата како инспирација за квалитетно минато заедничко време. Среќни сме дека оваа наша идеја беше доброприфатена од страна на родителите и децата и предизвика огромен интерес, како резултат на што во ЕДУИНО Игратонот се вклучија 160 семејства, а имаше и повеќе од 230 испратени пријави за игровни активности во домашни услови.
Разговорот токму на оваа тема, ќе биде со Маја Митева-Петроска, дипломиран професор по англиски и македонски јазик и магистер филолог по македонски јазик. Маја веќе десет години работи како наставник по англиски јазик во ООУ „Никола Карев“, Крушево и заедно со нејзината ќеркичка се забавува на ЕДУИНО Игратонот. Маја е горда мајка на две дечиња, Теона, 5 години и Кочо, бебе од 8 месеци. Откако станала мајка, училницата од работа ја „префрлила“ и дома, така што речиси и да не поминува ден без некоја нејзина заедничка активност со Теона. Маја вели дека освен креативни активности, многу сака и книги и се труди уште од најмала возраст да им ја всади таа љубов кон пишаниот збор и на своите деца. Во нејзиниот дом се расте секојдневно со многу приказни, се учат нови работи преку интересни активности и многубројни игри. Маја вели дека тоа е и нејзиното мото и на часовите по англиски јазик, учење преку игра, секогаш и секаде!
Со Маја го започнавме разговорот, прашувајќи ја за нејзиното лично искуство и за стекнатите впечатоци од ЕДУИНО Игратонот и што всушност неа ја мотивираше да се пријави?
– На повикот за учество на ЕДУИНО Игратонот по повод Светскиот ден на детето наидов случајно, на социјалните мрежи. Претходно, имав искуство со видеолекциите од Е-занимална, како и со дел од активностите кои може да се најдат на ЕДУИНО платформата, а се однесуваат на ран детски развој. Знаејќи го квалитетот на сите содржини кои ги нудите како платформа, без многу размислување одлучив да бидеме дел од вашиот убав предизвик. Истовремено, завршувањето на овој креативен предизвик се поврза со роденденот на мојата ќерка и сметав дека учеството на истиот ќе биде убав роденденски подарок за неа. За поздравување е вашата идеја на вака убав и креативен начин да се одбележи таков убав ден, како денот на детето. Во време на пандемија, кога бевме принудени да останеме дома, без другарчињата и активностите од градинка, без игрите со другарчињата од маало, токму вакви активности и предизвици во домашни услови, барем накратко, сите заедно, нè оттргнаа од секојдневната неизвесност во која живеевме.
Во продолжение на овој разговор зборувавме како Маја со нејзината ќеркичка поминала прекрасни седум дена во истражување, цртање, боење, пеење, креирање, свирење на инструменти, шиење, истовремено создавајќи прекрасни спомени, а во активностите активно се вклучиле и другите членови од нивното семејство.
– Сите активности беа подеднакво интересни и беше голем предизвик истите навремено и успешно да ги реализираме. Истите беа убаво обмислени, соодветствуваа со возраста за која беа наменети, имаа јасно дадени инструкции и беа многу интересни за реализација. Ако треба да се избере само една активност од предизвикот, тогаш тоа би била последната активност наречена „Пронајди го листот“. За оваа активност се подготвувавме најмногу време. Собравме многу есенски листови и цвеќиња од блиската шума, а откако научивме кои листови од кои дрвја се, како и кои цвеќиња може да се најдат во нашата градина во есен имавме за задача да направиме хербариум. Нашиот хербариум беше малку поинаков, во форма на големи крилја на пеперутка. Крилјата ги направивме од обичен картон, а ги украсивме со есенски листови и цвеќиња и крајниот резултат беше прекрасен, шарен, есенски хербариум. Последната фаза од оваа активност беше играта на улоги, односно крилјата ги прицврстив на грбот на мојата ќерка која во тој момент стана пеперутка. Таа беше многу среќна, постојано трчаше, пееше песнички и неколку дена потоа беше главна атракција во нашето маало.
Низ овој разговор забележавме колку е големо воодушевувањето на Маја од ЕДУИНО Игратонот, а нејзините искрени одговори ја поттикнаа нашата љубопитност и затоа следно ја прашавме дали ЕДУИНО Игратонот ѝ послужил како инспирација и по неговото завршување да продолжи да ги практикува игровните активности во домашни услови.
– Игровни активности со мојата ќерка практикувам уште од најмала возраст. Теона е дете кое е пораснато со многу игри и со многу книги. Затоа, денес, многу ги сака и двете нешта. Кај нас дома празните картонски кутии не се фрлаат, туку се прават куќарки за кукли, секојдневно цртаме и боиме, задолжително подаруваме рачно направени честитки за секој повод, имаме куклен театар и театар на сенки направени исто така од картонска кутија, картички за предизвик замислени и нацртани од Теона и уште многу други рачно направени реквизити кои секојдневно ги користиме за нашите заеднички игри и преку нив постојано учиме некои нови работи. Благодарение на платформи како што е ЕДУИНО, Едуино Игратонот, како и на неколку родители кои ги имам запознаено на социјалните мрежи, а кои несебично ги споделуваат своите креативни активности, имаме голем избор на активности, приспособени на различна возраст и истите секојдневно ги практикуваме. Теона има четири и пол години и веќе може самостојно да креира некои полесни активности како за себе, така и за нејзиното помало братче, што само го потврдува мојот став дека вклучувањето игровни активности кај децата уште од најмала возраст во голема мера ја зголемува нивната самостојност, самодоверба и интелигенција и е главен предуслов за среќно и исполнето детство на едно дете.
Во текот на разговорот со Маја зборувавме дека ваквите креативни предизвици се неопходни за децата и дека всушност придонесуваат за детето да учи низ игра, а дека нејзиното долгогодишно искуство како наставник по англиски јазик во одделенска настава, всушност го потврдило тоа.
– Мојот став, како во улога на наставник, така и во улога на родител е дека практикувањето игровни активности уште од најмала возраст е клучен фактор за правилен раст и развој на децата. Децата најлесно и најефективно учат преку игра. Додека се мали, на децата не им требаат скапи играчки. Ним им треба квалитетно време поминато со блиските, постојана стимулација на потенцијалот на децата, негување на креативноста, поттикнување на креативното размислување. Преку секојдневно практикување игровни активности во голема мера се влијае на правилен емоционален и социјален развој, развивање на фината моторика која е од суштинско значење во тој ран развој на децата, како и развивање и подобрување на говорните вештини преку постојана интеракција со родителот за време на игровната активност. Преку вклучувањето во игровните активности детето се поттикнува на истражување, креирање, моделирање, а истовремено несвесно се учи на почитување правила, на соработка со родителот и/или братче/сестричка/другарче, развивање самоконтрола и развивање чувство на емпатија. Децата кои практикуваат повеќе игровни активности се посреќни, лесно се приспособуваат на ситуацијата, се отворени за соработка, имаат натпреварувачки, дух, полесно се снаоѓаат во проблемски ситуации и се подготвени полесно да се соочат со предизвиците на кои ќе наидуваат во иднина. Според мене, играта треба да биде вклучена во секојдневните активности на децата. Тие треба постојано да играат. Многу често и заедно со нас.
Во текот на разговорот со Маја, зборувавме дека во однос на логичкото размислување, детето e способно да истражува и да открива нови работи, бидејќи како што вели нашата соговорничка, „секое дете сака да научи нови работи“, а родителот или едукаторот може да му помогне во овој процес ако му овозможи пристап до безбедни предмети и материјали или механички играчки што може да ги користи и кои се расклопуваат и склопуваат. За крај на овој интересен разговор ја запрашавме Маја која е нејзината порака до останатите родители и како таа би ги поттикнала и тие да се вклучат во овогодинешниот ЕДУИНО Игратон кој трае од 22 до 28 ноември и кој ќе содржи многу интересни активности.
– Децата се нашето најголемо богатство. Од самото свое раѓање имаат свои потреби и наша задача е на истите соодветно да одговориме. Да одговориме со многу љубов, грижа и внимание. Правилната интеракција на родителот со своето дете е од суштинско значење за растење на среќно дете. Среќно и исполнето дете денес ќе биде успешен човек утре. Затоа треба постојано да вложуваме во нашите деца. За тоа не ни требаат многу работи. Ни треба само време. Малку повеќе време за нашите деца. Времето поминато пред компјутер да им го замениме со игра. Направете го вашиот дом една убава училница. Нека биде тоа училницата од вашите соништа. Секојдневно творете заедно. Секојдневно учете нешто ново, истражувајте, одговарајте на сите прашања на вашите деца, цртајте, читајте книги, раскажувајте, затоа што децата се чудо. Многу се креативни и талентирани. Им треба само поттик. Им треба некој кој ќе ги насочи како треба да направат нешто. За многу кратко време ќе го направат тоа сами, многу подобро од нас. Им треба пофалба за тоа што ќе го направат и задолжително награда на крајот, на тоа најмногу се радуваат. Споделете ги креативните активности со вашите пријатели и познаници. На тој начин најбрзо ќе се мотивираме сите заедно и ќе направиме секој ден да имаме нов креативен предизвик, да споделуваме идеи, да растеме сите заедно, во еден убав свет во кој ќе царува детската смеа и задоволството од успешно завршените активности и заеднички изиграните игри. Децата го заслужуваат тоа и многу повеќе.
Се радуваме на убавиот разговор, а посакуваме игриви мигови и на овој ЕДУИНО Игратон за сите учесници. За истиот може да прочитате повеќе детали на овој линк, а тука може да прочитате детали за регистрација и учество. Ве очекуваме да се дружиме, да учиме и да играме заедно на вториот ЕДУИНО Игратон каде што сите учиме преку игра и забава!