Целата држава учи и игра! – беше мотото на второто издание на креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон, кој вклучуваше седумнаесет игровни едукативни активности за деца од 3 до 10 години. Особено се радуваме што во склоп на ова издание од креативниот предизвик, учењето преку игра го следевме преку изработките на децата во училиште, во градинка и во домашни услови. 

Основното училиште „Димче А. Габерот“ беше едно од основните училишта што го прифатија креативниот предизвик и во него учествуваше со реализација на сите пет едукативни активности во склоп на категоријата активности во училиште, и тоа: Коцкеста приказна, Кружен календар, Пресликување на фолија, Детективи во лов на литературни скриени богатства и Трка на емоции.

Во пресрет на третото издание на ЕДУИНО Игратонот, разговаравме со Тинка Палиниќ, одделенски наставник во ООУ „Димче А. Габерот“ – Демир Капија. Тинка е наставник со над десетгодишно искуство во различни работни средини: подрачни училишта,  централни училишта, како и комбинирани паралелки. Гледајќи наназад, таа ни посочи дека овие искуства ѝ помогнале во справувањето со различни групи ученици. Таа исто така била дел од многубројни семинари и обуки, преку кои се стекнала со најразлични методи и техники за спроведување ефективна настава, кои активно ги применува и ден-денес во склоп на своите часови.

Разговорот со Тинка го започнавме со тоа како таа како наставник се информирала за креативниот предизвик и која била нејзината мотивација да биде дел од ЕДУИНО Игратонот.

„За креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон дознав преку социјалните мрежи, а мотивацијата да бидам дел од него, за мене произлегува од желбата да бидам во тек со новите техники и со напреднатата технологија во образованието за да имаме поуспешни ученици.“

Понатаму разговорот го продолживме зборувајќи за учењето преку игра: Кое е значењето на тој процес за децата и колку често игровните активности се дел од нејзините часови?

„Според мене, учење преку игра е еден од клучните елементи на современа настава. Децата истовремено се забавуваат, учат и се мотивираат стекнувајќи нови знаења. Многу често игровните активности се дел од моите часови, а идеите ги црпам од веб-страници како ЕДУИНО.“

Како дел од учесниците во категоријата активности во училиште, Тинка ја прашавме: Која игровна активност во склоп на дневните предизвици Ви остави посебен впечаток и особено им се допадна на Вашата воспитна група/ученици?

„Секоја од нив има посебна магија, која плени кај учениците. Сепак, најинтересна за децата беше ‘Коцкеста приказна’. Сметам дека сите колеги треба активно да се вклучат во вакви активности, а родителите да ги прифатат сите новости што иновативните наставници им ги нудат на своите ученици.“

За крај, Тинка ни ја испрати пораката: „Тајната на успехот во животот не е во тоа да се работи тоа што се сака, туку да се сака тоа што се работи“.

Се радуваме што ја имаме можноста да ги споделиме искуствата на Тинка Палиниќ и на нејзиното училиште ООУ „Димче А. Габерот“, кои веруваме дека ќе охрабрат уште многу училишта и наставници да се приклучат кон креативниот предизвик.  Овогодишниот  ЕДУИНО Игратон – УЧИ, ИГРАЈ, РАДУВАЈ СЕ! – ќе се одржи во периодот од 21 – 25 февруари 2022 година, а повеќе информации околу селекцијата на игровни активности и нивно поднесување, можете да прочитате на официјалната страница на ЕДУИНО Игратон (линк)

Следете нè на социјалните мрежи на ЕДУИНО Фејсбук и Инстаграм и бидете меѓу првите што ќе дознаат кои едукативни активности ќе бидат дел од третото издание на ЕДУИНО Игратонот!

Ви благодариме на поддршката!

Ваш,

ЕДУИНO