
Општо позната педагошка максима е дека образованието во раното детство е темел за понатамошниот развој на детето. Со цел да се поттикне овој процес, колективниот портал ЕДУИНО ја основа платформа ЕДУИНО Ран детски развој. Нашите цели се да ги информираме едукаторите и родителите, да ги поттикнеме да ја посетат оваа платформата и да ги охрабриме да ги применуваат едукативните игровни активности, со што позитивно ќе делуваат врз раното учење и развој кај децата.
Следејќи ги глобалните тенденции, колективниот портал ЕДУИНО континуирано ги промовира современите пристапи за модернизација, унапредување и креирање иновативни модели во воспитно-образовниот процес. Нашата цел е да го погледнеме светот низ призмата на детските очи за да можеме соодветно да одговориме на нивните потреби. Еден од главните трендови на едукаторите и истражувачите е сѐ поголемата заинтересираност за евалуација и примена на социо-емоционалното учење започнувајќи од раното детство.
Децениските истражувања ја поврзуваат употребата на високо квалитетни програми за рано детско образование со повеќе димензионална благосостојба. Споделените искуства од играта може да им помогнат на децата да ги развијат социјалните вештини, бидејќи на тој начин тие ги истражуваат своите чувства и развиваат самодисциплина. Несомнено, учењето засновано на игра е важно за развојот на социјалните и емоционалните вештини на детето меѓу кои и способноста да развие позитивни односи со врсниците. Додека играат, децата учат да се согласуваат еден со друг, да соработуваат, ефективно да комуницираат, да решаваат проблеми и да ги разрешуваат конфликтите. Структурираните игровни активности им помагаат на децата да стекнат самоконтрола и да ги регулираат емоциите. Генерално, поттикнувањето на социо-емоционалните вештини кај децата е многу значајно за нивниот правилен раст и развој.
Така, со цел да го поттикнеме овој сегмент на иновативната педагогија, во декември 2021 година ја дизјниравме платформата ЕДУИНО-Ран детски развој која е наменета за воспитувачи, одделенски наставници и родители/старатели, а содржи едукативни игровни активности за деца од 3 до 10-годишна возраст. Во оваа ЕДУИНО платформа се поставени над 703 бесплатни квалитетни и проверени едукативни материјали, игри и активности кои се верификувани од страна на експерти, со цел поттикнување на социо-емоционалниот развој и учење базирано на игра. Овие содржини може да послужат за подобра организација на часовите и дополнување на програмата со креативни материјали за поефикасен и забавен начин на пренос на знаењето. Исто така, таа содржи идеи за квалитетно и продуктивно време поминато меѓу родителите и децата. Воедно, оваа платформа нуди и професионален развој на наставниците и воспитувачите.
Нашите експерти-соработници содржините ги структурираа во 4 активности: поттикнување на здравјето и моторичкиот развој, поттикнување на социо-емоционалниот развој, поттикнување на јазикот, комуникацијата и развојот на писменоста, како и активности за подобрување на когнитивниот развој и стекнување општи знаења.
Развивајќи го концептот, во декември 2021 година на платформата ЕДУИНО-Ран детски развој беше објавен отворен повик за прибирање на креативни активности и изработки во склоп на новата функционалност „Додај активност“. Целта на ваквата библиотека е да обезбеди зачувување на колективната меморија за игри и активности на нашите воспитувачи, одделенски наставници и родители и да им помогне на идните генерации родители и педагози. На повикот се јавија 129 учесници, а беа селектирани 703 игровни активности, со што ова беше уште една успешна акција и придонес кон развојот на образованието на колективниот портал ЕДУИНО.
Значењето на учењето низ игра, го потенцира и Атинула Ничова, воспитувач во детската градинка „Срничка“ од Скопје и ЕДУИНО Амбасадор, истакнувајќи дека при активност кај детето се создаваат нови неврални конекции кои се одговорни за развојот на вештините за фокусирање, изолирање од можни попречувања и држење до информациите кои се корисни во дадениот момент за постигнување на намерата.
(Прочитајте повеќе за разговорот со Атинула Ничова тука: https://www.eduino.gov.mk/novosti/intervju-so-atinula-nichova/)
Учењето низ игра поттикнува чувство на припадност кон заедницата и прифаќање на различностите, на децата им овозможува да се прифатат себеси како личности, да стекнат самостојност, да развијат емпатија. Истовремено, од огромно значење во најраните детски години се родителската помош и надзор кои посебно доаѓаат до израз за време на игровните активности. Доколку родителите правилно да го разберат детското однесување, создаваат подлога за нивниот иден здрав развој.
ЕДУИНО-амбасадорката Елена Тодоровска, професорка по предучилишно воспитание и образование во детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, потенцира дека децата најмногу учат од примери, а родителите се тие кои први кои можат да ги забележат промените кај нив и да разговарат кога ќе се појави потреба. Поткрепувајќи го ова тврдење ЕДУИНО-амбасадорката Зорица Адамчевска, одделенски наставник во ООУ „Петре Поп Арсов“ од Богомила, додава дека кога родителот ги прифаќа и ги разбира различностите кај другите и неговото дете соодветно ќе се однесува во групата. Бројни слични примери и корисни педагошки насоки за раниот детски развој кои се извонредно значајно четиво и за родителите и за едукаторите може да се најдат во сегментот „EduTalks“ на платформата ЕДУИНО. Во многубројните интервјуа со ЕДУИНО амбасадорите и ЕДУИНО едукаторите изнесени се значајни теориски примери и практични искуства со чија употреба успешно ќе влијаеме на изградбата на здрави детски личности. (Прочитај ги интервјуата тука: https://www.eduino.gov.mk/novosti/)
Елена Тодоровска, воспитувач во детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје и ЕДУИНО Амбасадор (Прочитајте повеќе за Елена Тодоровска тука: https://tinyurl.com/2s4ckbwr )
Уште едно достигнување во рамките на оваа наша програма во 2022 година, е издавањето на „Информативна брошура за раниот детски развој и колективниот портал ЕДУИНО“, која е наменета за воспитувачи, родители и наставници. Во неа, авторките и стручните соработници даваат насоки за полесен пристап и користење на платформата. Воедно, таа изобилува со примери од едукативни активности со што се олеснува примената на поставените материјали во библиотеката.
(Преземете ја бесплатната брошура тука: https://tinyurl.com/mrxzsvbr )
Интересот за содржините од библиотеката на платформата ЕДУИНО – Ран детски развој, нивната употреба во училиштата, градинките и во домовите, за нас е голем поттик да продолжиме да ја развиваме оваа програма. Нашата визија е постојано да го зголемуваме бројот на образовни ресурси кои ќе му овозможат на детето да учи на забавен начин и да биде активен учесник во креирање на своето знаење, формирајќи личниот поглед за светот. Преку игра детето учи да се гордее со своите успеси, така се поттикнува неговата самодоверба, а развиената самодоверба е клуч за комплетен развој на личноста. Детската среќа, созревање и учење служат како наша постојана мотивација за поддршката на децата од најрана возраст, процес кој е од суштинско значење за правилниот социо-емоционален развој. Водени од идејата да го популаризираме учењето преку игра, да го збогатиме домашниот фонд на достапни ресурси за социоемоционален раст и развој и за карактерно учење кај децата, особено ни е важно да ја продолжиме ваквата традиција на заедничко создавање.
Гледедајќи кон иднината, веруваме дека оваа платформа ќе продолжи да се развива и одржува преку препознаеноста на нејзиниот потенцијал и преку трудот и учеството на едукаторите ширум државата. Ние, преку концептот ЕДУИНО Ран детски развој, ќе продолжиме да ги следиме и да ги популаризираме современите тенденции за модернизација и унапредување, креирајќи иновативни пристапи и модели во воспитно-образовниот процес.