Почитувани наставници, професори, воспитувачи и стручни соработници,

Со огромно задоволство го најавивме новиот концепт на ЕДУИНО-вебинари, серијал кој се стреми кон подобрување и унапредување на вештините на едукаторите ширум нашата земја, обработувајќи актуелни и иновативни теми од областа на образованието.

Еден од највисоките приоритети на ЕДУИНО проектот е градењето на заедница која вклучува едукатори, воспитувачи и просветни работници кои континуирано вложуваат во својот професионален раст и развој, а преку тоа придонесуваат кон подобрување на квалитетот на образованието во целост. Водејќи се од оваа цел и земајќи ги во предвид вашите препораки за подобрување, овогодинешното издание на Едуино-вебинари е креирано со фокус на примена на стекнатото знаење, како и иновативни наставни методи поддржани од новите технологии.

Напомена: Дел од темите и/или датумите се подложни на измени.

Што се ЕДУИНО-вебинари?

ЕДУИНО-вебинарите се интерактивни, неформални онлајн настани, каде што учесниците имаат можност да следат предавања на актуелни, иновативни и напредни теми од областа на образованието преку примери на добри пракси и совети од свои колеги практичари. Настаните се обмислени да нудат можност за поставување прашања и консултирање со предавачите околу одредени форми, методи, техники и инструменти за спроведување на процесот на учење и поучување во модерната настава. 

Прочитајте повеќе за:
првиот Едуино-вебинар вториот Едуино-вебинар  третиот Едуино-вебинар

Што е ново?

Пристапот до информации, темите кои се обработуваат како и процесот на стекнување на нови вештини и знаења се дел од клучните промени во новиот концепт на ЕДУИНО-вебинарите. Врз основа на  вашиот фидбек, за овогодинешниот серијал на вебинари подготвивме посебна веб-страница (www.eduino.mk) во која се објаснети сите детали за новиот концепт, начинот на регистрирање за настаните, процесот на поднесување на активности за стекнување со сертификати за применети знаења и сите останати детали кои може да Ве интересираат за ЕДУИНО-вебинарите 2021. 

Воедно, оваа година особено внимание посветивме на начинот и процедурата со крајна цел зголемување на вредноста на сертификатите. Самиот концепт предвидува дека предуслов за добивање на еден од двата вида сертификати е реализирањето на активности од страна на учесниците. Овој процес е осмислен со цел на слушателите, да им овозможи да се здобијат со сериозно практично искуство. Со ваквиот подобрен пристап, сите учесници ќе имаат можност да се стекнат со два сертификати: сертификат за стекнати знаења и/или сертификат за применети знаења.

Како до сертификат за стекнати знаења? 

Непосредно по завршувањето на вебинарот, преку споделување на линк од Google forms на слушателите ќе им биде отворен и достапен квиз со десет (10) прашања од кои, за да се добие сертификатот за стекнати знаења, најмалку седум треба да бидат точно одговорени (или 70%). Решавањето на квизот ќе биде возможно само петнаесет минути (15 мин.) по настанот. Неопходно е да потенцираме дека првиот сертификат ќе може да го добијат единствено оние пријавени слушатели кои ќе бидат во можност во живо да го следат предавањето.

Како до сертификат за применети знаења? 

Вториот е сертификат за примена на стекнатите знаења (применети знаења), предвидува изготвување на активност. По завршувањето на секој вебинар, предвидено е предавачот да зададе две активности, од кои учесникот може да одбере една. Со стекнати 60% реализација, потврдена преку самоевалуација од страна на слушателот и евалуација од предавачот, слушателот се стекнува со сертификат за применети знаења. Посебно е важно да нагласиме дека со вториот сертификат ќе може да се стекнат и сите предходно пријавени слушатели кои не биле во можност во живо да го следат предавањето. За нив е предвидена можност во рок од десет дена по одржувањето на вебинарот, да ја погледнат снимката од иститот, да ја изготват активноста и да го поднесат изваштајот за извршените активности и евалуацијата, со што и тие имаат можност да добијат сертификат за применети знаења.

Сите наставници и професори кои ќе ги следат вебинарите, ќе добијат конкретни насоки за тоа: како да ја подобрат методиката на модерната настават; како да развијат ефективна синхрона комуникација и како да се користат алатките при асинхроната комуникација. Учесниците ќе научат како добрите идеи да се спроведат во пракса; а ќе им се овозможи запознавање со иновативните методи и техники за стекнување вештини. Едукаторите ќе ги научат начините на мотивација на учениците при онлајн комуникацијата; како да ги применуваат новите технолошки и педагошки иновации и како тие да бидат дел од секојдневната настава; како да креираат атрактивен педагошки пристап со што наставната програма ќе ја пренесуваат на начин кој го задржува вниманието на учениците и ја буди нивната љубопитност. Со се ова, се креира можноста за соработка меѓу сите едукатори во државата преку споделување на идеи и иновативни практики.

Се надеваме дека со ваквиот подобрен пристап кој цели кон усовршување на вашите вештини креираме систем на пренесување и споделување на знаење. Пристап кој е од исклучително значење како и за вас така и за вашите колеги кои посветено се вложуваат и придонесуваат кон вашиот професионален раст и развој.

За повеќе информации околу Едуино-вебинарите следете не на социјалните мрежи на Едуино – колективен портал за дигитални содржини фејсбук и инстаграм или на eduino.mk и бидете меѓу првите информирани за тоа што е следно.

Ви посакуваме многу успех во вашиот професионален раст и развој!

Тимот на ЕДУИНО!