
Учењето низ игра е најдобар начин за учење кај децата и стекнување нови вештини, вели Атинула Ничова, воспитувач во детската градинка „Срничка“ – Скопје, па додава дека детската игра е една од најважните активности во раниот детски развој која освен што на детето му создава чувство на задоволство, претставува и средство преку кое детето учи и го истражува светот околу себе. Токму затоа во овој разговор со г-ѓа Ничова, ќе зборуваме на темата колку учењето низ игра е важно за децата и за нивниот нормален раст и развој.
Г-ѓа Ничова, според Вас што значат игрите за децата и како тие го поттикнуваат развојот во нивното детство?
„Една од најважните активности во раниот детски развој е токму играта. Играта е една од најважните средства за учење и откривање на сè што го опкружува детето, а особено е значајна за неговиот социјален развој.
Преку играта децата се запознаваат со различни видови активности на возрасните, учат да ги разберат чувствата и состојбите на другите луѓе, сочувствуваат со нив, стекнуваат комуникациски вештини со врсниците и постарите деца. Тоа придонесува за збогатување на сетилното искуство на детето, развој на визуелно-фигуративно размислување, имагинација и говор. Ги поставува основите за креативност. Во исто време, таа е лесна и радосна активност, што на детето му создава задоволство и го одржува во добро расположение.“
Атинула, кажете ни од Вашето долгогодишно искуство, колкава е важноста на учењето низ игра и што всушност се случува кога децата си играат?
„Важноста на учењето низ игра во раниот детски развој е огромна, бидејќи е докажано дека искуствата кои се забавни, им помагаат на децата да пронајдат значење во тоа што го прават и придонесуваат за нивно активно вклучување во процесот на стекнување нови знаења и вештини.
Кога детето е активно и ангажирано во текот на играта, се создаваат нови неврални конекции кои се одговорни за развој на вештини за извршните функции, како што се: фокусирање, изолирање од можни попречувања, држење до информациите кои се корисни во дадениот момент за постигнување на намерата, како и за доживотно учење. Децата учат преку движење и допир, имаат потреба од богати физички и сетилни искуства. Интензивните сензорни и физички стимулации се важни за развој на синапси во малиот мозок. Овие синапси се зајакнуваат преку повторување на моторичките движења кои најчесто се дел од секојдневните игри на отворено. Затоа е важно децата колку што е можно повеќе да бидат во интеракција со природната околина и да имаат различни моторички активности (да се качуваат, да трчаат, да скокаат… да се движат).“
Навистина интересно, очигледно е дека детската игра не само што не смее да се изостави од животот на секое дете, туку можеби и дополнително треба да се
поттикнува. Во овој контекст, би Ве прашале што мислите Вие, на кој начин родителите и едукаторите би можеле да им бидат поддршка на децата во процесот на учење низ игра и како тие би можеле да им помогнат да ги совладаат предизвиците?
„Според мене, улогата на возрасните кои се грижат за децата, е да креираат безбедна позитивна емоционална средина во која секое дете ќе се чувствува посебно и сакано. Ако детето се чувствува добро во врска со себе, има самодоверба и верува во своите можности и способности, тогаш ќе се впушти слободно во играта со целото свое битие, без да се плаши дека ќе направи грашка и ќе биде исмејувано од околината. Затоа што децата учат преку обиди и грешки и треба да се охрабруваат во таа насока. Децата треба да разберат дека е во ред да згрешиме. Секоја грешка нè доближува до решението, со секоја грешка настанува нов дендрит во нивното мозоче. Во текот на играта многу е важно возрасните да ги поттикнуваат децата на размислување, на решавање проблеми преку поставување прашања од отворен тип кои ќе го водат детето во намерата да научи нешто ново, активирајќи повеќе мисловни процеси. Но, децата потребно е да се остават самостојно да се потрудат за да го конструираат новото знаење. Многу е важно да вложуваат напор и да го користат внатрешниот говор за да си ги разјаснат мислите и да го елаборираат знаењето.“
Во ова интересно интервју, со Атинула Ничова, дознавме дека детето преку играта учи и нови вештини како што: се развивање говор, размислување и логика, меморија, внимание и други ментални функции. Преку играта, Атинула вели, дека секогаш се поттикнува неговата креативност и имагинација. Според неа, ова не важи само за специјалните игри за „учење“ или таканаречените дидактички игри, туку важи и за сите игри воопшто. Дополнително ја споменува важноста и на игрите на отворено, кои го поттикнуваат физичкиот развој и го зајакнуваат здравјето на детето. Г-ѓа Ничова вели дека играта на детето му носи задоволство, радост и многу други позитивни емоции, а значењето на ова не треба да се потценува бидејќи дури и за возрасните, позитивните емоции се многу важни: тие нè поддржуваат, ни помагаат да се развиеме и да гледаме на животот позитивно. Исто така, преку игра, детето учи да се гордее со своите успеси, што ја поддржува неговата самодоверба, а развиената самодоверба е клучот за целосниот развој на личноста.
Во склоп на нашиот колективен портал ЕДУИНО чија проектна цел е подобрување на образованието преку поттикнување на иновативноста и кокреирањето, Атинула е дел од многуте организирани вебинари кои им помагаат на родителите и на едукаторите во насоки за правилен раст и развој кај децата.
Ви препорачуваме да го погледнете ЕДУИНО вебинарот на тема: „Поттикнување учење преку игра и стекнување социоемоционални вештини кај деца од 3 до 10 години“, каде што Атинула го искажува своето искуство и знаење во оваа област. Г-Ѓа Ничова, според вас која е улогата на играта во социоемоционалниот развој кај децата?
„Многу е значајна околината во која безусловно се сакаат и поддржуваат децата. Околината којашто е компатибилна со потребите на децата овозможува поврзување на учењето со позитивни емоции и придонесува за развој на позитивен пристап кон учењето. Играта помага да се развива соработката, споделувањето, да се преговара со врсниците и со возрасните и да се решаваат проблемите. Исто како и развојот на емоционалната сигурност и социјалните вештини, интеракцијата дете – дете и дете – возрасен ги стимулира идеите и вклученоста, а тоа го унапредува учењето. Децата учат преку корегулација. Тие треба да видат како другите деца го прават нештото и тие да го повторуваат. Затоа игрите во пар и групните игри се многу значајни за предучилишна возраст. Честопати, преку игра, детето ги известува своите родители за нешто важно за себе и учи нешто важно за родителите. Играта е начин да бидете поблиску, да ја почувствувате поддршката, грижата и љубовта на вашите родители. Затоа, многу е важно родителите да најдат време да си играат заедно со своето дете. Во игрите, децата учат да ги следат правилата, го контролираат своето однесување, развиваат вештини за комуникација со врсниците и возрасните. Играта придонесува за асимилација на моралните и етичките норми од страна на децата: преку игра, децата учат за концептите на „добро“ и „лошо“, „правилно“ и „неправилно“ итн. Многу игри развиваат независност и одговорност, го учат детето да ги надмине тешкотиите, да се грижи за другите, да дава подароци и да споделува.
Играта претставува алатка за комуникација. Играта за детето е исто така начин да им се пренесат на возрасните неговите чувства: радости, грижи, стравови, надежи, очекувања. Играта честопати станува начин за детето да се справи со тешките искуства, да ги изрази своите чувства на страв, лутина, огорченост, тага, срам. Ова е особено важно за децата кои имаат тешко искуство зад себе: играјќи со играчки, тие може да репродуцираат како се постапувало со нив. Ако детето се плаши од темнината, може да игра игра во која ги става играчките на темни места, а потоа ги теши и вели дека ова не е страшно: на овој начин детето се справува со својот страв. Исто така, преку игра, детето учи да управува со своите емоции и да ги контролира.“
Преку ЕДУИНО платформата во делот за едукативни игровни активности, може да изберете од повеќе од 400 предлози, со точни насоки и упатства како и цели за постигнување, во кои вие и вашето дете ќе може заедно да уживате и учите низ игра. Едукативните активности претставуваат библиотека на креативни игровни материјали наменети за деца од 3 до 10-годишна возраст, од кои дел се наменети за воспитно-образовни потреби, а другиот дел се за играње и учење во домашни услови. Овие активности имаат цел да поттикнат социоемоционален развој кај децата и учење базирано на игра.
Токму затоа, во пресрет на ЕДУИНО Игратонот, ве повикуваме да учествувате во предизвиците кои ги подготвивме за вас. Одберете некоја од дневните игровни активности или пак реализирајте ги сите и придружете се на ЕДУИНО заедницата. За најсреќните учесници следуваат интересни подароци, а преку овој линк може да дознаете повеќе детали.
Децата треба да се поттикнуваат повеќе да си играат, сами, со другите деца или со возрасните (родители, старатели, едукатори) и низ таа игра да научат многу за себе, за другите и воопшто за светот и за животот околу себе, сè со цел да се оформат во здрави и способни личности. Децата се нашата иднина, да им помогнеме да учат низ игра и полесно да ги совладуваат животните предизвици. Ве очекуваме!