Детската среќа, созревање и учење служат како наша постојана мотивација каде поддршката на децата од најрана возраст е од суштинско значење за правилниот социоемоционален развој. Ова е една од главните цели за кои се стреми ЕДУИНО како колективен портал, преку кокреирање и иновации во полето на образованието.
Водени од ова, во рамки на колективниот портал ЕДУИНО, изминатиов период напорно работевме на создавање на новата платформа која ќе го поттикне раниот детски развој. ЕДУИНО Ран детски развој е дополнување на ЕДУИНО порталот, образовна платформа за воспитувачи, одделенски наставници и родители, која содржи внимателно селектирани, добродефинирани и одобрени едукативни материјали, игри и активности за деца од предучилишна возраст и одделенска настава, односно од 3 до 10 години. Истовремено, целта на платформата е и поттикнување на професионалниот развој кај воспитувачите и одделенските наставници и креирање заедница за професионална соработка и кокреирање.
Платформата е отворена, бесплатна и достапна за сите, а е резултат на посветеноста на ЕДУИНО заедницата составена од безброј наставници, воспитувачи, родители, советници, програмери, дизајнери и креатори кои одвоија дел од своето време со цел колаборативно да создадат подобра иднина за идните генерации ученици. На платформата во текот на наредните неколку месеци ќе бидат објавени и достапни над 400 активности кои беа креирани од над 500 одделенски наставници, воспитувачи, специјални едукатори и родители ширум државата, служејќи како главно место за инспирација и извор на креативност за вашиот следен час и/или активност! Целта на овие матерiјали е од големо значење бидејќи се посочува поттикнувањето на социоемоционалниот развој на децата и учењето базирано на игра.
Нам ни е важно да ја продолжиме ваквата традиција на заедничко создавање. Водени од идејата да го популаризираме учењето преку игра, да го збогатиме домашниот фонд на достапни ресурси за социоемоционален раст и развој и за карактерно учење кај децата од 3 до 10-годишна возраст, се решивме да подготвиме и објавиме нов отворен повик за прибирање на вашите креативни активности и изработки во склоп на нашата нова функционалност „Додај активност“.
Клучни информации:
- Поднесените активности не подлежат на финансиски импликации, котизација или надоместок.
- Вашата поднесена едукативна игровна активност не смее да биде веќе објавена на платформата ЕДУИНО Ран детски развој. Ве молиме разгледајте ги достапните содржини во библиотеката пред поднесување на вашиот материјал.
- Со поднесување на вашата активност (индивидуално и/или со вашиот тим) ќе бидете јавно наведени како автори и креатори на тој материјал/активност
- Со поднесени и одобрени над 10 активности (како автор/поднесувач), ќе бидете вклучени во групата на ЕДУИНО амбасадори – група од посветени едукатори кои несебично контрибуираат кон поквалитетно образование.
- Потребни се над 15 активности доколку сте наведени како учесник автор во поголем тим. Под тим се подразбира минимум 3, максимум 5 члена. Едукаторите кои ќе бидат вбројани во потесната селекција согласно впишувањето во тимовите на различни поднесени и одобрени активности ќе бидат предмет на дополнителна проверка и контактирање од страна на советниците на БРО со цел потврдување на нивната вклученост во процесот на изработка.
- Напомена: Во пресметката на вашиот вкупен број на поднесени активности (на пример 10 индивидуално поднесени и/или 15 активности во чиј тим учествувате) не може да се вбројат активности кои сте ги подготвиле и поднеле пред 06.12.2021 (на пример, активности кои сте подготвиле за минатиот повик за активности во домашни услови или активности кои сте ги подготвиле на некои од претходните #INNO4EDU работилници).
- За секоја поднесена и одобрена активност од страна на Комсијата за верификација соодветно ќе биде генериран дигитален сертификат.
- Ве покануваме вашата инспирација да биде заедничкото креирање на најголемата библиотека со едукативни игровни активности во државата која ќе остане траен ресурс за македонскиот образовен систем и за сите вас!
Клучни рокови:
- 06.12.2021: Повикот е официјално отворен, може да се пристапи до насоките за пополнување
- 06.12.2021: Формуларот за поднесување на активности е активен, преку вашите кориснички профили може да поднесете нова активност
- 15.2.2022: Повикот се затвора, формуларот за поднесување на активности привремено се затвора
- Март – Мај 2022: Активностите поднесени во повикот технички, јазично и графички се обработуваат и објавуваат
Која е инспирацијата за овој отворен повик?
Сакаме да ја поттикнеме заедницата да креира отворени и достапни ресурси кои ќе помогнат да го направиме едукативниот процес поинтересен, поисполнет и со подобри постигнати резултати од учењето. Креирањето на овие активности, нивното верификување и објава во библиотеката со активности на ЕДУИНО Ран детски развој, овозможува да придонесете кон создавање на што поголема јавно достапна библиотека со игровни активности. Ваквата библиотека ќе обезбеди зачувување на колективната меморија за игри и активности на нашите воспитувачи, одделенски наставници и родители и ќе им помогне на идните генерации родители и педагози. Затоа, ве покануваме и охрабруваме да ги документирате и споделите вашите едукативни активности кои ги користите во вашето секојдневние, со вашите деца и/или ученици. Тимот на Смартап лабораторијата за социјални иновации кој стои зад проектот ЕДУИНО ќе се погрижи за преводот, лекторирањето на содржината, илустрирањето и ќе го фасилитира техничкиот процес за објава на активноста.
За повеќе информации околу значењето на активностите за учење преку игра и социоемоционалниот развој може да прочитате овде.
За кого е наменет овој повик?
Повикот е наменет за сите едукатори на деца од 3 до 10-годишна возраст, вклучувајќи: воспитувачи, наставници, стручни соработници, специјални едукатори, предметни наставници и сл. Активностите може да се подготват во тим или индивидуално, а постапката за нивното внесување во платформата е објаснета на линкот погоре како и во секциите кои следуваат.
За какви активности станува збор?
Едукативните активности за учење преку игра се фокусирани на развојните потенцијали на децата и ги стимулираат когнитивните, социоемоционалните и физичко-здравствените капацитети. Во овие активности, играта е доминантна стратегија за учење, која влијае врз развојот на сите аспекти на развојот почитувајќи го холистичкиот пристап. Постојат повеќе видови на игри: дидактички, симболички, истражувачко-откривачки, јазични, сензомоторни, социјални, емоционални, конструктивни, манипулативни итн. Овие едукативни игровни активности ќе му овозможат на детето да учи на еден забавен начин и да биде активен учесник во креирање на своето знаење, формирајќи го својот поглед кон светот.
Активностите базирани на игра имаат своја педагошка вредност која се согледува низ развојот на детските компетенции. Тие се дидактичко-методски поставени во рамка-шаблон при што се рефлектираат поставените цели и очекувани резултати. Во нив се дадени одредени насоки и инструкции за изведување на активноста, поткрепени со одредени прилози кои ќе овозможат успешна реализација.
Важно: Ве покануваме и охрабруваме да го следите линкот подолу за да ги погледнете:
- Пример од активности (со цел да добиете добра претстава за што станува збор)
- Насоките и шаблонот за поднесување активност
- Совети и добри практики за авторски права
- Формуларот за поднесување активности
Ве молиме притиснете на овој линк со цел да пристапите до горенаведените документи и формулари
Содржински аспекти:
Едукативните активности треба да бидат соодветни на развојниот период, интересите, можностите и способностите на децата. Изборот на содржини треба да биде приспособен за децата од предучилишна возраст од сите аспекти на развојот, а за училишните деца од сите наставни предмети. Целта е на еден забавен начин преку игра да се поттикне креативното и критичко размислување, да се зајакне социоемоционалната компетентност и да поддржи поинаков пристап кон учењето, кој ќе ги зацврсти карактерните вредности и академски вештини во подоцнежниот развој.
Овие стратегии за учење и игра ќе го најдат своето место во градинките и училиштата, едукаторите ќе ја збогатат својата секојдневна пракса, а кај децата и учениците ќе биде видлива среќата и задоволството да учествуваат во игрите. Во овие активности и игри, ќе се вклучат сите деца, во една проактивна, инклузивна средина која ќе ја зајакне нивната самодоверба, социоемоционална релација и емпатија.
Децата нека бидат Вашиот предизвик и мотив! Поттикнете ја нивната љубопитност, иницијативност и креативност. Предлагаме природата да биде вашиот извор за потребни материјали за игра. Заедно со децата креирајте игри, дидактички материјали, забавувајте се и учете.
Дизајнирајте уникатна едукативна игра од одреден аспект на развој за предучилишна возраст или наставен предмет од одделенска настава и споделете го со сите останатите едукатори, деца или ученици.
Што треба да имам предвид при креирање на активностите?
При креирањето на едукативните активности ве охрабруваме да ги земете предвид следниве аспекти:
- Да може да се имплементираат за време на часовите во училиштето и/или во градинките;
- Да одговараат на потребите и на барањата на програмата, со особен акцент на креирање ресурси за теми/подрачја кои не се доволно застапени (за кои е тешко да се најдат онлајн ресурси и/или не се доволно застапени на платформата);
- Да се имплементираат во безбедна и инклузивна средина; имајте на ум како истите би можеле да бидат приспособени и за ученици со посебни образовни потреби;
- Да бидат едноставни, забавни, креативни и да поттикнат проактивност кај децата;
- Потребните материјали за имплементирање на активностите да се лесно достапни и да не повлекуваат големи финансиски импликации;
- Се грижиме за заштита на животната средина! Доколку постои можност, пожелно е да се користат екоматеријали или да се поттикне реупотреба;
- Активностите имаат за цел да ја поттикнат самостојноста на децата. Доколку постои можност, смислете активности коишто ќе може децата да ги изведуваат и изработуваат самостојно или со мала помош од родителот, воспитувачите или наставниците (согласно возраста на детето).
- Да бидат безбедни по здравјето на сите инволвирани лица во играта.
При креирање на материјалите може да се послужите со активност којашто веќе ја имате и сте ја спроведувале на некој од часовите или пак да креирате нови активности коишто ќе бидат наменети за оваа пригода.
Наша дополнителна препорака е да се обидете да креирате едукативни игровни активности кои:
- Поттикнуваат учење за климатските промени, кои се насочени кон важноста на одржливиот развој и кои промовираат добри практики и однос кон природата
- Поттикнуваат стекнување и/или подобрување на социоемоционални вештини
- Поттикнуваат вклучување за учење и игра за ученици со посебни образовни потреби
Ова се наши препораки и следењето на истите не е задолжително со оглед дека не би сакале да ја ограничиме вашата креативност и инвентивност.
Каде и до кога треба да се подготвуваат игровните активности?
Вашите најкреативни и најзабавни едукативни активности за деца од 3 до 10-годишна возраст треба да ги поднесете преку платформата ЕДУИНО Ран детски развој, преку секцијата/функционалноста „Додај активност“. За таа цел, потребно е да имате свој кориснички профил на платформата. Ве молиме погледнете ја секцијата „Кориснички профили“ во нашите често поставувани прашања (ЧПП).
Во однос на активностите, предлагаме, служејќи се со насоките и со нашиот шаблон, прво активноста да ја подготвите во WORD-формат и потоа да ја копирате (пренесете) во формуларот. Бројот на активности коишто може да ни ги испратите е неограничен, а може да бидат подготвени на македонски и/или албански јазик. Сите потребни придружни шаблони и упатства за поднесување на едукативната активност се достапни во секцијата „Додај активност“.
Повикот ќе биде отворен до 15.2.2022 година.
Како да креирам едукативна активност?
Со цел да поднесете активност потребно е да се регистрирате/креирате ваш профил на платформата. Препорачуваме пред да ја внесете едукативната активност, истата да ја проверите заедно со стручни соработници/колеги од стручниот актив за да бидете сигурни дека внесените информации и опишаните активности се во ред. Потоа, во делот „Додади активност“ пополнете ги деловите со општи информации за активноста, цели и очекувани резултати од активноста, внесете и објаснете ја игровната активност и на крај внесете ги потребните материјали за реализација на активности и прилози.
Вашата едукативната активност ќе биде прегледана од страната на Комисијата за верификација составена од советници од БРО во рок од 30 дена. За да дознаете повеќе за процесот на верификација, ве покануваме да ја погледнете секцијата „Процес на верификација“ во нашата секција за ЧПП (често поставувани прашања) на следниов линк.
Процесот на објавување на едукативната активност на платформата ЕДУИНО Ран детски развој опфаќа неколку чекори:
- Подготовка и праќање на активноста;
- Прегледување од страна на Комисијата за верификација;
- Лекторирање и/или превод на текстот на македонски и/или на албански јазик;
- Подготовка на илустрација и прилози кои се соодветни на активноста (во случај поднесените да не се соодветни/не одговараат на потребите);
- Јавно објавување на едукативната активност во нашата ЕДУИНО библиотека со активности.
По поднесувањето на едукативната активност ќе добивате редовни известување на мејл и/или преку вашиот кориснички профил, па со тоа навремено ќе може да го следите процесот на одобрување и објава на вашите едукативни активности.
Како ќе бидат прикажани активностите на платформата?
Едукативните активности ќе бидат објавени во делот на платформата ЕДУИНО Ран детски развој каде сите корисници, родители, деца, едукатори ќе може да ги пребараат активностите според темата, возраста, времето за подготовка и времето за реализација и слично.
Пример 1 – Хранење птици
Пример 2 – Весникарска уметност
Пример 3 – Град од кутии
Вашите прашања во однос на отворениот повик може да ги испратите на е-адресата aktivnosti@innovationlab.mk
Ве покануваме исто така да ја разгледате нашата секција со често поставувани прашања.
Повеќе за проектот:
Проектот „ЕДУИНО: Колективно подобрување на образованието преку кокреирање и иновации“ е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и УНИЦЕФ. Проектот го спроведува Смартап лабораторија за социјални иновации.
Повеќе за ЕДУИНО амбасадори:
Иницијативата ЕДУИНО амбасадори има цел јавна пофалба и оддавање признание на трудот на исклучително вредните и посветени наставници и образовни работници. Нашата цел е да создадеме група на селектирани и најпосветени наставници чија суштествена задача е поттикнување нови иницијативи и активности во склоп на проектот ЕДУИНО, но и активно учество во кокреирање едукативни материјали и внес на иновации во целиот образовен систем. Професионална заедница во која нејзините членови ќе бидат силен мотив за своите колеги, пример за професијата наставник и ќе биде место за стекнување нови професионални вештини и знаења.
Ве покануваме да ги запознаете нашите ЕДУИНО амбасадори на следниот линк.
Со радост ги очекуваме вашите едукативни игровни активности кои ќе придонесат многу за развојот кај децата, ќе влијаат за подобрување на образовната заедница и ќе имаат големо значење за општеството во целост!