Забавните искуства исполнети со уживање, им помагаат на децата да најдат значење во она што го прават и учат, токму затоа учењето преку игра се смета за една од основните потреби на децата. 

Поддржувајќи го учењето преку игра и правилниот социо-емоционален развој, ЕДУИНО ја лансираше првата платформа што обезбедува пристап до игровни едукативни активности: ЕДУИНО Ран детски развој. Покрај креирањето дигитално решение што обезбедува поднесување и пристап до игровни активности, ЕДУИНО активно ја поттикнува и реализацијата на едукативните активности за деца од 3 до 10 години преку креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон.

Во пресрет на третото издание на ЕДУИНО Игратонот, нашиот тим разговараше со проф. д-р Лена Дамовска, доктор по педагошки науки и редовен професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Нејзините наставни и научни интересирања се насочени кон предучилишната педагогија, Предучилишниот курикулум, Раното учење и развој, со посебен акцент на дидактичко-методичките модели на воспитно-образовна работа со деца од предучилишна и рана училишна возраст. 

Проф. д-р Лена Дамовска досега има објавено 6 книги, автор и e коавтор на 11 прирачници и повеќе од 90 стручни и научни трудови во домашната и во странската периодика. Учествува во подготовка на стратегиските документи за развој на предучилишното и основното воспитание и образование во РС Македонија. Остварила многубројни студиски престои во САД, Германија, Шведска, Финска, Полска, Италија, Холандија, Израел, Шри Ланка, Руанда, Словенија.

Со цел да ставиме акцент на учењето преку игра, ја прашавме: Што значи за децата концептот учење преку игра?

„Играта е доминантна стратегија за учење и развој, ексклузивен метод за стекнувања нови искуства и знаења за децата од предучилишна и рана училишна возраст. Во играта децата учат да се концентрираат и да ја постигнат саканата  цел. Таа ја поттикнува нивната љубопитност и желбата за истражување. Играта ги поттикнува развојните потенцијали на децата, ги стимулира детските когнитивни, социо-емоционални и физичко здравствени капацитети. Тоа значи создавање цврста основа, на која тие подоцна ќе ги надополнуваат сопствените сознанија што ќе ги стекнуваат во формалното образование и во животот воопшто. Значењето на играта како методски концепт, сè уште предизвикува дискусии околу нејзината соодветна примена во воспитно-образовни цели. Примената на играта во раното учење и развој, промовира поширок сеопфатен концепт за квалитетно учење. Педагогијата базирана на игра, креира иницијални идеи за стимулирање квалитет и во раната училишна возраст.“

Во продолжение, Лена со особено внимание ни објасни дека „играта значи поттикнување на критичко размислување, стимулирање на креативноста кај децата, логичко размислување, многу нови предизвици, поставени трансдисциплинарно“. Во играта децата се пред сè активни, а таа ги мотивира, ги поттикнува, им овозможува задоволство  да комуницираат, да споделуваат идеи, да ги разбираат туѓите гледишта за нештата околу нив, да научат да воспостават квалитетна интеракција со врсниците, пред сè. Квалитетот на играта е значаен показател за степенот на развој на детето, вели Лена.

Кога станува збор за тоа како децата ја доживуваат играта и како го прават својот избор за тоа на која игра ќе се посветат, Лена ни го посочи следното:

„Сите нивни претходни искуства и знаења, значајно влијаат врз содржината и квалитетот на нивната игра. Децата знаат што сакаат и со кого сакаат да си играат. Тие самостојно го избираат дидактичкиот материјал, преземаат активности и избираат со кого ќе си играат. Тоа е нивен избор, нивна лична процена додека играат. Децата сами ја контролираат сопствената игра, нејзиниот тек и краен исход. Во играта тие се ‘господари на ситуацијата’, во неа сè им е дозволено, да бидат космонаути, учителки, лекарки, шофери… Децата наметнуваат сопствени правила во играта. Без разлика на возраста на детето и на неговите претходни искуства, таа останува активност од посебно развојно значење, ограничена во просторот и времето, како неповторлива, единствена активност за секое дете.“

„Играта има есенцијална улога во интегрирање на курикулумот, интегрирање на целите од сите домени на развој. Токму затоа курикулумот базиран на игра, има голема улога во секоја возрасна и развојна фаза на децата од предучилишна и раноучилишна возраст.“

За крај ја прашавме: Која е Вашата порака за сите колеги, воспитувачи, наставници и родители?

„Креирајте услови за игра, за култивирање на детската игра и секојдневна примена на активности засновани на игра. Курикулумот заснован на игра, има голема улога во секоја возрасна и развојна фаза на децата од предучилишна и раноучилишна возраст. Во играта секое дете стекнува знаења, вештини и способности, кои ќе придонесат кај него да се развие клучната компетенција, ‘како да се учи’.

Примената на играта треба да биде предизвик за секој воспитувач и наставник. Таа и понатаму останува значајна карактеристика на иновативната педагогија. Во играта децата се среќни, задоволни, истражуваат, поставуваат прашања, решаваат проблеми и она што е многу значајно во играта, секое дете го развива сопствениот креативен и естетски сензибилитет. Играта е предизвик.“

Се надеваме дека преку овој краток разговор ви доловивме некои од клучните аспекти поврзани со концептот учење преку игра, како и што подразбира тој процес за децата, но и за возрасните. Топло ви препорачуваме да бидете дел од овогодишниот ЕДУИНО Игратон – УЧИ, ИГРАЈ, РАДУВАЈ СЕ! – за да креираме заедно спомени за паметење, дома, во градинка и во училиште. Прочитајте повеќе за креативниот предизвик на следниот линк: https://www.eduino.mk/igraton/

Следете нè на социјалните мрежи на ЕДУИНО Фејсбук и Инстаграм и бидете меѓу првите што ќе дознаат кои едукативни активности ќе бидат дел од третото издание на ЕДУИНО Игратонот!

Ви благодариме на поддршката!

Ваш,

ЕДУИНО