Контакт

За какви било прашања и дилеми, не двоумете се да не исконтактирате! Оваа платформа е отворена и сакаме да ги слушнеме сите ваши коментари и забелешки. Ние сме овде за да ви помогнеме со цел заедно да учиме и да играме!

ЧПП (ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА)

Пред директно да не исконтактирате, препорачуваме да ги погледнете најчесто поставуваните прашања за платформата, каде што можеби ќе го најдете одговорот што ви е потребен.

За платформата

Платформата ЕДУИНО Ран детски развој има за цел да понуди бесплатни едукативни активности и ресурси кои го поттикнуваат социоемоционалниот развој на децата од 3 до 10-годишна возраст преку игра. Платформата е лесна за користење, а достапни се голем број бесплатни едукативни ресурси (активности, игри, прирачници и обуки) кои на децата им нудат можност за учење преку игра, а на наставниот кадар и на стручните лица во градинките и основните училишта им нуди можност за професионален развој и спремни материјали и ресурси за користење во наставата.

Веб-платформата и прикачената содржина се реализирани во рамките на проектот „Создавање средина за квалитетна настава и учење преку кокреирање и иновации“, кој е финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје,  Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, а го спроведува СмартАп – Лабораторија за социјални иновации. Платформата е дел од проектот преку кој се разви и образовниот портал ЕДУИНО. 

Оваа платформа е резултат на вложениот труд и на работата на голем број партнерски организации, меѓу кои и:

SyNRG Software & IT Solutions, Филозофскиот факултет во Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

ЕДУИНО Ран детски развој е дел од ЕДУИНО колективниот портал. ЕДУИНО Ран детски развој е образовна платформа за воспитувачи, за одделенски наставници и за родители, која содржи квалитетни и проверени едукативни материјали, игри и активности за деца од предучилишна возраст и од одделенска настава, односно од 3 до 10 години, со цел поттикнување на социоемоционалниот развој и на учењето базирано на игра. 

Платформата ЕДУИНО Настава има за цел да понуди едукативни материјали и видеолекции и има за цел да го овозможи и да го поттикне создавањето отворени ресурси за поддршка на едукативниот процес на децата.

Профили и соодветни дозволи за користење на платформите

На платформата може да се најавите со вашата Microsoft корисничка сметка од обликот @schools.mk со која се најавувате и на Microsoft Teams. За да се најавите на платформата потребно е да кликнете на копчето „Најави се“ (горе десно) и потоа да кликнете „Најави се со Microsoft сметка“. Системот ќе ве пренасочи на веб-страницата на Microsoft каде може безбедно да се најавите со вашата @schools.mk сметка и со соодветната лозинка.

 По успешната најава на платформата ќе ви се отвори вашиот кориснички панел и ќе може да ги користите сите функционалности на платформата. Во случај на грешка при најавата следете го упатството.

Доколку на порталот сте се регистрирале со е-адреса на доменот @schools.mk тогаш за најава одберете ја опцијата „Најави се со @schools.mk е-адреса“ во формата за најава. По изборот на овој линк порталот ќе ве однесе на формата за најава на Microsoft, а доколку сте веќе најавени во друга активна сесија на вашиот прелистувач, порталот автоматски ќе ве пушти да влезете. Доколку на порталот сте регистрирани со друг тип на е-адреса која не припаѓа на доменот @schools.mk, ве молиме во формата за најава внесете ги вашата е-адреса и лозинка и притиснете го копчето „Најави се“.

Не, регистрација е потребна само за воспитувачи и одделенски наставници кои сакаат да го користат делот за професионален развој. Сѐ останато е подеднакво достапно без регистрација.

Повеќе за едукативните игровни активности и за нивната важност

Платформата ЕДУИНО Ран детски развој содржи интересни едукативни активности кои имаат за цел да го поттикнат учењето преку игра на деца од 3 до 10-годишна возраст. Овие активности се креирани од наши соработници, консултанти и од пошироката ЕДУИНО заедница на наставници, воспитувачи, родители и креатори. Активностите се подготвени на различни теми, соодветно распредени според трите главни категории за придружен учесник во играта (родител, одделенски наставник и воспитувач) како и според возраста на децата и времето потребно за реализација. Активностите се опишани според однапред утврдена методолошка рамка и унифициран шаблон во кој е наведен начинот на подготовка и реализација, а за секоја активност е подготвена соодветна илустрација и/или прилози со насоки за изведба.
Да, секоја од понудените активности и материјалите на веб-страницата ЕДУИНО Ран детски развој имаат поминато процес на проверка, ревизија и одобрување. Во продолжение, во секцијата со прашања за процесот на поднесување игровни активности може да дознаете повеќе за тој процес. Сепак, со оглед на идејата зад оваа платформа односно колективното креирање преку учество на сите наставници, воспитувачи и родители во државата, секогаш сме отворени за фидбек и за можности за подобрување. Ве покануваме да нè исконтактирате и да ни предочите доколку има можности за подобрување на некоја од поставените активности преку нашата „Контакт-секција“.
Овие едукативни игровни активности се наменети за користење во рамки на вашиот дом (доколку сте родител) или пак во рамки на вашата занимална, училница и училиштен простор (воспитувач/одделенски наставник). Активностите се важни бидејќи се дизајнирани да поттикнат учење преку игра и да ја развијат имагинацијата и креативноста кај учениците. Дополнително, со дел од активностите се поттикнува и правилниот социоемоционален раст и развој кај децата како и градење на карактерните вредности.

Карактерните вештини се многу важни за развојот на децата од 3 до 10-годишна возраст. Земајќи ја предвид возраста на децата, поголемиот дел од карактерните вредности децата ги стекнуваат и/или оформуваат преку процесот на учење и игра. Преку насочување на нивните интереси и соодветните прашања и одговори за време на играта/активноста можеме да влијаеме кон градењето на ваквите карактерни вредности. За подобро разбирање на овој процес, ве покануваме да разгледате дел од достапните ресурси во секцијата „Ресурси“. 

Пример за карактерни вредности: трпеливост, грижа за себе, грижа за другите, фер однос, разумност, чесност, искреност, љубопитност и сл.

Извор: UNICEF

Најважни социоемоционални вештини кои децата треба ги совладаат: 

  • Eмотивна самосвесност: значење што чувствуваме во одреден момент и каков ефект имаат нашите емоции врз околината; 
  • Саморегулација: справување и насочување на емоциите, предвидување на резултатот пред да направиме нешто емотивно; 
  • Мотивација: користење на емотивните фактори за да постигнеме одредена цел детето да ужива во процесот на учење и да ги премости пречките;
  • Социјални вештини: способност детето да создава врски, да ги инспирира и разбира другите. 
  • Совладувањето на овие вештини на децата од 3 до 10-годишна возраст ќе им помогне подобро да учат, да уживаат во животот и да создаваат поквалитетни врски со другите во опкружувањето. 

Извор: UNICEF

Процесот на поднесување игровна едукативна активност

За да поднесете едукативна активност потребно е претходно да се најавите на платформата. Препорачуваме пред да ја внесете едукативната активност истата да ја проверете заедно со вашиот колега за да бидете сигурни дека внесените информации и опишаните активности се разбирливи и соодветни за имплементација. Потоа, навигирајте до функционалноста „Додади активност“.  Пополнете ги деловите со општи информации за активноста, цели и очекувани резултати од активноста, внесете и објаснете ја игровната активност и на крај внесете ги потребните материјали за реализација на активности и прилози. Препорачуваме за време на подготовката и поднесувањето на игровната едукативна активност да се служите со придружните упатства и примери.

Секоја поднесена активност преку функционалноста „Додај активност“ задолжително поминува низ процесот на верификација. Процесот се одвива во два дела. 

Проверка со колеги/работен актив

Првиот чекор е откако со помош на нашето упатство корисникот (на пр. наставник/воспитувач) ќе ја подготви активноста во предвидениот шаблон (согласно нашата развиена методологија), потребно е активноста да ја сподели со своите колеги од работниот актив со цел прибирање фидбек и коментари (нашата назнака е дека е потребно истата да ја пробаат барем еднаш со некоја од нивните групи ученици со цел валидација на насоките, резултатите и сл.). По финализирање на активноста, корисникот ја поднесува активноста преку формуларот „Додај активност“. 


Верификација од комисијата за верификација и/или од советниците на Бирото за развој на образование

Вториот чекор е верификација од страна на комисијата за верификација (составена од докажани и обучени воспитувачи, наставници и експерти) и/или од советници на Бирото за развој на образование. Активностите по случаен избор се доделуваат на двајца членови од достапните комисии. Верификаторите имаат 30 дена за проверка и изјаснување по однос на поднесоците по што активноста може да биде одобрена, вратена на доработка (со соодветен писмен фидбек и насоки за подобрување) или да биде одбиена. Доколку добил фидбек за поправка, корисникот има 10 дена за измена на активноста директно преку својот ЕДУИНО ран детски развој профил.

Доколку активноста е одобрена следува процесот на лекторирање, превод на македонски или албански јазик на содржината на активноста и прилозите, како и подготовка на илустрации и прилози. По комплетирање на овој процес кој некогаш може да трае од 2 до 4 работни недели, следува официјална објава. Некои од овие чекори може да се подложни на измена и/или да бидат изземени во зависност од работниот обем и/или нивото на подготовка на поднесената активност (на пр. ако има одлични илустрации).

Дополнително, во процесот се вклучени и наставници ментори (одделенска настава) и учесници во групите за колегијална поддршка (предучилишно) кои може да понудат свое видување и фидбек на поднесените активности.

За поднесување едукативна активност не е предвиден финансиски надоместок. Оваа платформа е изградена на колективната визија ЕДУИНО да има отворени и достапни библиотеки за користење кои ќе ја поттикнат љубовта кон учењето и кај наставниците, воспитувачите како и кај родителите и учениците.

Откако ќе ја поднесете активноста во платформата ЕДУИНО Ран детски развој ќе добиете известување на вашата е-адреса дека активноста е примена и ќе подложи на верификација од страна на комисиите и/или советниците од БРО. Дополнително, на вашиот профил на платформата ќе може да го следите статусот на вашите поднесени активности.

По поднесување на активноста, комисијата за верификација има обврска да направи детална верификација во рок од 30 денови сметајќи од денот на поднесување на активноста. Доколку е вратена на фидбек, овој рок ќе се продолжи од 10 дена за ваша доработка.

Доколку активноста не е прифатена од страна на Комисијата за верификација се дава повратна информација како би можела да се подобри или дообјасни со цел да биде поставена на платформата ЕДУИНО Ран детски развој. Доколку истата е вратена на доработка, се нуди можност на поднесувачот во рок од 10 дена да ја доработи и измени согласно понудениот фидбек. Активноста потоа повторно ќе помине низ процесот на верификација.

Сите активности кои ги поднесуваат корисниците на платформата ЕДУИНО Ран детски развој се отворени и достапни за користење. При процесот на поднесување преку секцијата „Додај активност“, секој од корисниците потврдува дека дозволува содржини отворено и бесплатно да се објават и потврдува за авторската содржина на текстот, графиките и останатите содржини кои ги поднесува. Целта на оваа библиотека е да понуди материјали спремни за користење кои секој може да ги преземе и да ги искористи за своите потреби.

Професионален развој

Онлајн обуките и достапните образовни ресурси (прирачници, водичи, студии и сл.) кои се поставени во делот за професионален развој се целосно достапни за сите корисници кои имаат кориснички профил на платформата ЕДУИНО Ран детски развој.

Процесот на подготовка на обуките е воден од СмартАп – Лабораторија за социјални иновации, а обуките се подготвени од реномирани домашни и интернационални експерти. Во иднина е предвидено бројот на обуки да се зголеми преку вклучување на надворешни соработници и организации кои ќе работат на подготовка на специфично дизајнирани курсеви/обуки.

Обуките имаат за цел да понудат можност за професионален развој на воспитувачи, наставници и стручни соработници. По успешно завршување на обуките и/или пополнување на тест за евалуација на стекнати знаења и/или практична вежба (проектна задача), соодветно ќе биде генериран сертификат со кој се потврдува дека лицето се стекнало со знаења од областа ран детски развој. Деталите за стекнување сертификат за секој од курсевите/обуките се објаснети во главното објаснување на секој од понудените курсеви/обуки.

Доколку имате предлог-тема за обука која може да се развие и би била достапна на платформата ЕДУИНО Ран детски развој во секцијата „Професионален развој“ може да се обратете на следната е-адреса: eduino@innovationlab.mk.

Ресурси

Секцијата „Ресурси“ е посветена на сортирање и категоризирање отворени и бесплатни содржини (на пр. прирачници, брошури, водичи и сл.) кои се од интерес на целите и корисниците на платформата ЕДУИНО Ран детски развој (на пр. материјали кои поттикнуваат позитивно родителство, материјали кои им помагаат на воспитувачите при нивната работа и сл.).

Ресурсите ги поставува административниот тим на платформата ЕДУИНО Ран детски развој по претходно одобрение од Бирото за развој на образование.

Доколку имате одреден ресурс кој сакате да го поставиме на платформата, ве молиме да ни го испратите на мејл: eduino@innovationlab.mk 

Заедно со .pdf од материјалот, ве молиме да испратите и работен јазик, вид, наслов на материјалот, возрасна група (на пр. за родители, за психолози, предучилишно и сл.) краток опис, теми кои ги опфаќа, автор, линк до оригиналниот документ. Доколку сакате да се објави и на албански јазик, испратете втор дополнителен мејл со превод на содржината.

Регистрирање профил и најава

За да се регистрирате на порталот неопходно е ја отворите страницата за најава и да го изберете линкот „Регистрирај се“ во формата за најава. Во формата која ќе се отвори внесете ги потребните информации (име, презиме, е-адреса, позиција, институција и општина) и испратете ја. Доколку поседувате е-адреса на доменот @schools.mk ве молиме употребете ја истата за регистрација и на овој портал. По испраќањето вашaта апликација ќе биде разгледана од страна на администраторот. Времето на одобрување на профилот е помало од една недела. По одобрувањето на вашиот профил ќе добиете упатство за најава. Потоа ќе може да се најавите на платформата и да ги користите нејзините функционалности.

Информации за контакт

Улица: „Руѓер Бошковиќ“ бр. 20, 1000 Скопје, Северна Македонија Официјален мејл на проектот: eduino@innovationlab.mk / help@innovationlab.mk Едукативни активности: aktivnosti@innovationlab.mk Маркетинг: marketing@innovationlab.mk Следете нѐ на: