Весело огледало
Преку активноста Весело огледало детето ги развива своите способности за повторување на одреден шематски приказ, поттикнува воочување, препознавање и именување на математичките форми круг, квадрат триаголник. Се изведува индивидулно или во парови. Ја зголемува истрајноста и фокусираноста кај детето и ги подобрува неговите општи знаења.

Весна Филиповска, Наташа Матевска, Снежана Поповска
Логички плочки; огледало; ножички;
Индивидуална, Работа во парови
Цели
Да се поттикне воочување, препознавање и именување на круг, квадрат, триаголник; да се развиваат способности за повторување на одреден шематски приказ; да се поддржи настојувањето за изведување на посложена задача, ако детето покаже интерес за тоа.

Резултати
Детето ги препознава математичките форми круг, квадрат и триаголник; детето ги реди математичките форми според шематскиот приказ; детето ја завршува започнатата активност до крај.

Игровна активност
Децата играат со логички плочки коишто по сопствен избор ги редат пред огледало. На тој начин откриваат дека истата шема која ја прават самостојно се повторува во огледалото.
Децата треба да ја прават шемата како рефлексија во огледало, а шемата да биде составена од одреден број математички форми коишто одговараат на возраста на детето (од 4 до 6 форми).
Две деца седат едно спроти друго. Пред нив има лист кој е поделен на половина со линија којашто би го претставувала замисленото огледало; едното дете прави шема пред „огледалото“, односно на линијата, а другото дете ја повторува истата шема како да ја гледа во огледало; Играта може да се игра и индивидуално доколку на половина лист е исцртана шема, а другата половина е празна за да може детето да ја повтори шемата во „огледалото“.