Математички фломастери
Освен за боење, искористете ги фломастерите за учење на редоследот на броевите, претходник - следбеник, поделбата на парни и непарни.

Фломастери/боички, мали лепенчиња / хартија и лепило, кутивче.
Заедничка, Индивидуална
Цели
Активноста овозможува:
- да се научи редоследот на броевите од 1 до 10
- да се усвои поимот за парен - непарен број
- да се осознае концептот за претходник - следбеник
- да се стимулираат мисловниот склоп и вербалното изразување
- да се зајакнат визуелната перцепција и вниманието.

Резултати
Детето ги препознава и подредува фломастерите со соодветниот број, со што го учи нивниот редослед, ја согледува релацијата претходник - следбеник, го вежба менталниот склоп низ наизменично броење преку еден, односно брои класифицирајќи ги броевите како не/парни.

Игровна активност
На фломастери им се лепат мали лепенчиња на кои се напишани броевите од 1 до 10 во две различни бои, на пример, во црвена (или која било друга боја по сопствен избор) непарните, а со сина парните броеви.
Фломастерите на кои се залепени лепенчиња со испишани броеви треба да се подредат редоследно во училишното кутивче. Притоа, се води разговор за тоа кој број претходи/следи пред/по некој конкретен број. Воедно се поттикнува детето да ја именува бојата и да посочи некој предмет во истата.
Детето најпрвин брои, го наоѓа фломастерот со соодветниот број кој го именува и го мести во кутивчето. Со активирање на визуел. перцепција, следејќи ги подредените фломастери, одговара на прашања на пр., кој број се наоѓа помеѓу 5 и 7, кој број се наоѓа пред/по 8, што може да биде во сина боја и сл.
Приспособување на активноста за спроведувење (учење преку игра) со ученици со посебни образовни потреби
Применлива и практикувана активност во работата со деца/ученици со посебни образовни потреби кои се соочуваат со тешкотии во задржувањето на вниманието или при усвојувањето на знаења за броевите. Првичната идеја за оваа активност е поттикната и применета во работата со ученик кој манифестира симптоми на анксиозност, хипохондричност и опсесивно-компулсивно однесување проследено со репетативно вадење и повторно местење на фломастерите во кутивчето како реакција да ги ублажи симптомите на вознемиреност. Со цел да не се предизвика дополнителна вознемиреност кај детето ако се забрани/наруши овој за него смирувачки процес, применета е ваква конструктивна канализација на одредена навика на ученикот облагородена и опфатена со едукативни, образовни содржини.