ambassador image
Билјана Арсовска
Одделенски наставник
ООУ „Вера Јоциќ“ - Скопје
Како едукатор, создавам средина за учење која се базира на заемна почит и демократски принципи. Го поттикнувам критичкото мислење кај учениците, нивните интереси и донесуваме заеднички правила на однесување во училницата. Создавам ситуации за учење базирани врз директни искуства, социјална интеракција и истражување.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Билјана Арсовска, одделенски наставник во ООУ „Вера Јоциќ“ во Скопје. Би се опишала себеси како едукатор кој постојано вложува во својата едукација со цел подобрување на личниот и професионалниот развој. Во текот на мојата работа, активно ги следам новитетите кои се воведуваат во воспитно-образовниот процес и веднаш ги применувам во практика. Како едукатор, создавам средина за учење која се базира на заемна почит и демократски принципи. Го поттикнувам критичкото мислење кај учениците, нивните интереси и донесуваме заеднички правила на однесување во училницата. Создавам ситуации за учење базирани врз директни искуства, социјална интеракција и истражување. Во училницата себеси се гледам како ученик заедно со останатите деца.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Љубовта кон учениците е мојата постојана водилка за да можам што повеќе да придонесам за нив. Можноста да им го направам интересно учењето на учениците, во пријатен амбиент и позитивна атмосфера за работа, да создадам ученици кои знаат да почитуваат, да соработуваат, ученици кои веруваат во себе.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Ме привлече самиот концепт на ЕДУИНО, тоа што имавме простор да направиме нешто што ќе остане како трајна вредност и за нашите ученици и за нашите колеги. Исто така, ЕДУИНО-часовите од колегите многу ми помогнаа во креирање нови идеи за уште поинтересни часови кои ги применив во училницата. Размената на искуства и знаења како и тимската работа во наставата се најважни бидејќи го даваат најубавиот плод, а тоа е успехот на учениците.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Потребата за промена во образованието е многу важна поради промените кои се случуваат во светот. Иднината на образованието мора да биде базирана на квалитетни наставни програми кои ќе бидат флексибилни, односно програми кои ќе бидат лесно приспособливи на конкретните потреби на учениците. Учениците да се поттикнат да размислуваат, да поставуваат прашања, да доаѓаат до решенија на зададените проблеми и предизвици.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО е платформа, која им нуди квалитетно образование на учениците, наставниците, приправниците и на родителите. Едуино нуди многу креативност, знаења и размена на искуства.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Платформа која нуди отворена врата за нови знаења.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Сунчица Бендевска
ЕДУИНО зедницата е вистинско место каде што секој може да го пронајде она што му е потребно.
ambassador image
Жаклина Ристовска
Постојано создавам автентични ситуации, со цел учениците да сфатат дека она што го учат и ќе го научат ќе им биде потребно и корисно во животот.
ambassador image
Силвана Бошковска Ќулавковска
Најголема мотивација за учество и придонес во ЕДУИНО ми беше можноста да соберам нови идеи за активности коишто ќе ги реализирам во мојата занимална.