ambassador image
Марија Мостро
Наставник по англиски јазик
ООУ „Христо Узунов“ – Охрид
Трпението ми е силна страна и мислам дека таа особина е она што секој наставник треба да го поседува. На моите часови има и смеа, и шеги, и игри, но тоа не значи дека дисциплината и редот отсуствуваат.
Запознајте се со нашиот ЕДУИНО Амбасадор
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Марија Мостро, наставник по англиски јазик во ООУ „Христо Узунов“ – Охрид. Како наставник работам веќе 15 години со ученици во одделенска и во предметна настава. Себеси можам да се опишам како ведра личност, отворена за новини. Со учениците имам непосреден однос, кој се темели, пред сè, на меѓусебно разбирање и почитување. Трпението ми е силна страна и мислам дека таа особина е она што секој наставник треба да го поседува. На моите часови има и смеа, и шеги, и игри, но тоа не значи дека дисциплината и редот отсуствуваат.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Според мене, она што еден наставник го издвојува од другите е односот со учениците. Материјата, знаењето го поседуваме сите, но наставникот треба е човек кај кого би го оставиле своето дете кога вие не сте присутен. Имав еден случај со, така да речам, „проблематичен ученик“ со слаби резултати, кој во тинејџерски години правеше сè само за да биде маскота во одделението. И – му успеваше. Еден ден го повикав во кабинетот и се договорив тој да не ми пречи на часот, а јас нема да му правам проблем за оценката. Си подадовме рака и го чекав следниот час. Наредниот час тој седнат во прва клупа и молчи... не работи ништо, но молчи, наредниот – исто, по неколку часа почна и да пишува по нешто. Дури и на тестовите и на наставните листови добиваше добри резултати, нормално – внимавал, па нешто и запомнил. Оваа приказна не е којзнае што, некои можеби ќе речат дека е „договор на мала врата“, но јас му се обратив на тој ученик со почит и тој ми врати со почит. За мене беше голема лекција и ве уверувам дека секогаш функционира.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
За време на летото ми се јави советничката од БРО Зора Бушоска и ми ја објасни целата ситуација. Се согласив да снимам неколку часови, па да видиме како ќе оди. Почнаа подготовките, презентациите беа готови и сега требаше да се снимаат. Чекаш сите да заспијат по дома за да биде тишина, почнуваш со снимањето и забележуваш дека не се снима тонот. Гледаш туторијали, ги правиш сите можни нагодувања... повторно исто. Па, му ѕвониш на другар ти од радио во 12 на полноќ да дојде да ти го среди звукот, бидејќи ја познава програмата... Ја средува до 1 и – почнуваш. Снимаш прво видео – СУПЕР! Таман да го прегледаш, не си стиснал на снимање, пак од почеток... И, така, првото видео го снимав три часа. Но, кога ќе се види резултатот, задоволството е преголемо, самодовербата дека јас можам расте, и така расте и желбата за ново дело. Многу поддршка имав од директорката на училиштето, Оливија Пирузева-Јанева, која имаше разбирање за работењето од дома и ослободувањето од други работни задолженија. Исто така, огромна поддршка ми беше и колешката Татјана Пановска, наставничка по англиски, која исто така сними десетина видеа, па си ги препраќавме една на друга и ги ревидиравме, на некој начин.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Промени се повеќе од потребни. Според мене, образованието, зборувам за основното, треба повеќе да се насочи на развивање вештини кај учениците и изучување на природата, како прво и најважно опкружување. Децата, намерно го користам тој израз, бидејќи пред сè, се деца, па потоа ученици, треба да ги запознаат законите на природата, ориентацијата во природа, но не само преку книга туку и практично. Потоа, еве би ја зела темата сообраќај, не само сообраќајните знаци и улици туку и како се вози велосипед по улица. А, тоа се учи со возење, исто како кола. Што се однесува до наставните материјали, ние, за жал, сè уште немаме електронски учебници. Притоа, не мислам на учебник во електронска форма, туку интерактивен учебник, со видео- и аудиозаписи, со проекции... онакви какви што ги има во развиените земји. Мислам дека минатата и оваа учебна година, колку и да беа лоши, нè научија дека мораме да се движиме напред и да размислуваме како во една виртуелна училница ние ќе погалиме некое дете.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
На почетокот имав претстава дека е една библиотека на материјали, но од оваа гледна точка, тоа е виртуелно училиште.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Виртуелно училиште.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Цанка Костова
Често применувам дигитални алатки во наставата од тие причини добив и мотивација да бидам дел од отворените повици на ЕДУИНО.
ambassador image
Емилија Стојановска
Да се биде ЕДУИНО-амбасадор е можност да ѝ се покаже на јавноста дека во нашата земја има многу квалитетни наставници кои одлично ја работат својата работа.
ambassador image
Николина Милевска
Верувам дека иднината на образованието е во примената на нови современи, дигитални методи кои ќе бидат соодветни на новите интереси и желби на учениците.