Сложувалки од бројни низи
Учениците на интересен начин ќе ги совладаат бројните низи, подредувајќи броеви залепени на исечени ленти од искористена корица од блок направена како сложувалка од која ќе добијат слика.
Марија Богатиновска
корици од искористени блокови или други готови детски слики од списанија, ножици, ленти со броеви за бројни низи, лепак
Групна, Индивидуална, Работа во парови
Цели
– Кај учениците да се зголеми интересот за формирање бројни низи според дадено својство (според целта на часот).
– Да се поттикнува логичкото размислување при формирање слика од сложувалка.
– Учениците ќе сфатат дека некои материјали може да се реупотребат за корисни цели, а со тоа ќе се поттикнат за грижа за животната средина.
Резултати
– Ученикот успешно формира бројни низи.
– Ученикот логички размислува и формира слика од сложувалка.
– Ученикот го разбира значењето на реупотребата на некои материјали.
Игровна активност
Наставникот прави план како ќе ја реализира активноста, дали во парови, групи или индивидуално, па според тоа подготвува ресурси за работа. Во согласност со целта на часот, си формира бројни низи што ги лепи на горниот дел од корица од искористен блок (за цртање) (види Прилог 2).
Корицата од блокот ја сече на ленти, ги меша лентите, за да се измешаат броевите. Секој ученик/пар/група добива ленти што се делови од сложувалка. Со подредување на броевите според даденото својство, учениците ја сложуваат сложувлката и добиваат слика.
Учесниците може да добиваат исти или различни бројни низи, во зависност од целта на часот. За погорните одделенија се подготвуваат посложени низи со поголеми броеви. Победник е ученикот/тимот што прв точно ќе ја состави сложувалката и ќе ја добие сликата (примери на низи во Прилог 1).
Приспособување на активноста за спроведувење (учење преку игра) со ученици со посебни образовни потреби
Учениците со ПОП може да учествуваат во активноста со одредени приспособувања според попреченоста на ученикот. Може да учествува усно, да дава насоки или да го одредува редоследот на лентите.